Македонија
Османи на НАТО-министерски состанок во Букурешт

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествува на НАТО-состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на министри за надворешни работи, што се одржува во Букурешт, Романија.
Во фокусот на разговорите беа актуелните безбедносни предизвици, поддршката за Украина, како и последиците од руската воена агресија, меѓу кои енергетската криза и недостигот на храна, кои предизвикуваат нестабилност во осетливите региони, вклучувајќи го и регионот на Западен Балкан.
Министерот Османи во своето обраќање го истакна стратешкото значење на регионите на Западен Балкан и Црното Море за НАТО нагласувајќи ја потребата од зголемување на поврзаноста и зајакнување на партнерството во справувањето со заедничките закани.
„Безбедноста во Европа е нарушена, руската агресија врз Украина ги урна принципите што одржуваа мир и стабилност; но НАТО навремено, цврсто и одлучно се адаптира на новите безбедносни и политички предизвици. Немам дилема дека денес го реафирмираме ова единство, зајакнато трансатлантско сојузништво, но и одлучноста, подготвеноста и засиленото присуство овде, во регионот на Црното Море, и во целото источно крило на алијансата“, рече Османи.
Во рамките на состанокот, на кој учествуваа и министрите за надворешни работи на Шведска и на Финска, сојузниците ја реафирмираа поддршката за Украина и украинскиот народ, а воедно ги дефинираа и следните чекори за зајакната практична поддршка. Воедно, стана збор и за политиката на отворени врати на НАТО, при што Османи даде надеж за што побрзо членство на Шведска и Финска во алијансата, со што двете држави ќе ја зајакнат сопствената стабилност, но и значително ќе ја зацврстат улогата на одвраќање на алијансата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Меѓусебната заштита на Коцевски со СДС и ДУИ е причина за 2% доверба во судството

СДС ги штитат корумпираните обвинители и судии бидејќи им овозможуваат закрила на нивните функционери, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Клиентелизмот на Коцевски е гаранција за заштита и неказнивост на функционерите од СДС и ДУИ.
Поддршката што Коцевски ја доби од Филипче е меѓусебна заштита која ја гуши правдата во државата. Бидејќи доколку падне Коцевски, ќе се отворат врати за истраги како против Филипче така и за останатите функционери од СДС и ДУИ.
СДС со негласањето на интерпелацијата целосно се разголи, и на виделина пред јавноста излезе спрегата помеѓу СДС, ДУИ и Коцевски.
Очигледно е дека СДС и ДУИ стојат зад заштитата на Коцевски, кој за возврат не презема ништо за наводните злоупотреби и сомнежи за висоока корупција како и сомнителни тендери поврзани со Филипче, Заев и Ахмети.
Со одбивањето да ја поддржат интерпелацијата, СДС и ДУИ јасно покажаа кој го поставал Коцевски и кој го одржува на функцијата, јавниот обвинител Коцевски.
Се додека Коцевски е на позицијата, довербата во правосудството ќе биде помала од 2%, а одговорност за криминалите поврзани со СДС и ДУИ нема да има.
Доколку постои грам морална одговорност кај Коцевски, треба да ја препознае пораката од јавноста и да си поднесе оставка.
На Македонија и се неопходни темелни реформи во судството, правосудство растеретено од политички влијанија каде судиите и обвинителите ќе носат одлука врз основа на законите и Уставот а не под влијание на партиските интереси на СДС и ДУИ.
Во Македонија неопходно е правдата да завладее, неопходни се коренити реформи и трансформација на судскиот систем“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Времето денеска сончево со мала до умерена облачност, попладне локален пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец.
Попладне ќе има изолиран развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи.
Минималните температури ќе се движат од 12 до 20, а максималните од 26 до 36 степени целзиусови.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде 17, а максималната дневна ќе достигне 36 степени.
Македонија
Бендевска: Да го продолжиме заветот од Илинден и пораката од АСНОМ

По повод 2 Август – Денот на Републиката, во име на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, потпретседателката на Собранието на Република Северна Македонија, Весна Бендевска, заедно со собраниска делегација во состав: Бране Петрушевски, Никола Коњановски, Даниела Николова и Даниел Стојчевски, одбележа 81 година од Првото заседание на АСНОМ, во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.
„На хероите на двата Илиндена кои се жртвуваа за денес да можеме да бидеме свои на своето, да им ветиме уште еднаш дека денешните генерации нема да го заборават заветот што ни го оставија. Да ги насочиме нашите погледи, стремежи и напори од заедничкото минато, кон заедничката сегашност и иднина. Да го продолжиме заветот од Илинден и пораката од АСНОМ“ – порача потпретседателката Бендевска.