Свет
Параглајдерист премина во шпанска енклава, па мистериозно исчезна: Сакал да стигне до Европа
Шпанските власти трагаат по лице кое со параглајдeр преминал преку границата од Мароко во шпанската енклава Мелила. Се чини дека ова се работи за прва употреба на овој метод за преминување на територијата на ЕУ.
На снимката објавена од Ел Фаро се гледа како лицето слетува во близина на оградата и потоа бега, што ги натера властите да се посомневаат дека лицето се обидува да стигне до Европа.
Двајца граѓани пријавиле дека го виделе параглајдеристот во четвртокот попладне, изјави Едер Барандијаран, портпарол на шпанската владина делегација во Мелила, една од двете шпански територии во Северна Африка.
Идентитетот и националноста на лицето не се познати, пишува „Гардијан“.
Енклавата Мелила беше во центарот на скандалот откако таму во јуни годинава загинаа 23 лица при обидот стотици мигранти да ја преминат границата. Мароканската полиција потоа фрли солзавец и ги тепаше луѓето со палки, дури и кога некои од нив веќе лежеа на земја.
Шпанските власти тогаш беа обвинети дека незаконски испратиле некои луѓе назад во Мароко, наводно кршење на нивното право да бараат азил во таа земја.
Неколку истраги засновани на видео снимки и фотографии од инцидентот покажаа дека некои од смртните случаи можеби се случиле на шпанско тло, тврдење кое постојано го демантираше шпанскиот министер за внатрешни работи.
Според податоците на шпанското Министерство за внатрешни работи, од над 29.000 луѓе кои досега оваа година илегално преминале во Шпанија по копно или по море, 1.300 тоа го направиле преку Мелила.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Монд“: Одбраната на источното крило на ЕУ треба да биде приоритет поради руската закана
Одбраната на источното крило на Европа треба да биде „непосреден“ приоритет поради руската закана, изјавија денес лидерите на осум земји од Северна и Источна Европа на самитот одржан во Хелсинки, објави парискиот весник „Монд“ на својата веб-страница.
„Русија останува закана денес, утре и во догледна иднина“, изјави финскиот премиер Петери Орпо на прес-конференција.
Ситуацијата бара источното крило на Европската Унија (ЕУ) да добие непосреден приоритет преку оперативен, координиран и повеќедоменски пристап, изјавија во заедничка изјава лидерите на Финска, Шведска, Латвија, Литванија, Естонија, Полска, Романија и Бугарија.
Потписниците ја нагласија потребата од зајакнување на копнените борбени капацитети, одбраната од беспилотни летала, воздушната и ракетната одбрана, заштитата на границите и критичната инфраструктура во рамките на ЕУ и во соработка со НАТО.
„ЕУ може да игра важна улога преку поддршка на напорите на поединечните земји-членки за зајакнување на нивните одбранбени капацитети, преку дефинирање на финансирањето, поедноставување на регулативите и подобрување на воената мобилност“, изјави шведскиот премиер Улф Кристерсон.
Тој додаде дека нема знаци дека Русија сака мир во Украина.
Фото: депозитфотос
Свет
Словачкиот министер за одбрана: Украина пропушти историска шанса
Продолжувањето на вооружениот конфликт во Украина ќе предизвика уште поголема штета на Киев, изјави словачкиот министер за одбрана Роберт Калињак во интервју за локалниот весник „Правда“.
„Колку подолго трае конфликтот, толку поголема штета ќе предизвика на Украина“, рече Калињак, оценувајќи дека Киев имал можност да постигне поповолен договор со Русија веднаш по почетокот на војната.
Според него, околностите значително се промениле во меѓувреме, а Европската Унија повеќе нема финансиски или човечки ресурси потребни за да продолжи со сеопфатна поддршка на Украина.
„Европа е уморна. Никој не сака да ги испраќа своите војници, а земјите-членки на ЕУ веќе се двоумат кога станува збор за понатамошно финансирање. Затоа се повеќе се зборува за користење на блокирани руски средства“, истакна словачкиот министер за одбрана.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека продолжувањето на конфликтот во Украина може да доведе до избувнување на трета светска војна.
Фото: депозитфотос
Свет
Зеленски предлага божиќно примирје; Русија го отфрла предлогот
Кремљ денес го отфрли предлогот на Киев за божиќно примирје, велејќи дека Русија нема намера да ги запре нападите за време на празниците, пренесуваат медиумите.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва „не сака примирје што би ѝ дало време на Украина да се прегрупира и да се подготви за продолжување на војната“. Тој додаде дека Русија сака „мир, а не краткорочни, неодржливи решенија“.
Зеленски предлага божиќно примирје
Предлогот за божиќно примирје прв го изнесе украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој вчера изјави дека Киев ја поддржува идејата барем привремено да ги запре руските напади, особено врз енергетската инфраструктура, за време на празничниот период.
Кремљ претходно денес изјави дека евентуалното примирје ќе зависи од тоа дали ќе се постигне поширок договор за прекин на војната. Песков, исто така, ги спомена изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за евентуален мировен договор.
„Прашањето е дали ќе постигнеме договор или не. Сакаме да ја запреме оваа војна, да ги постигнеме нашите цели, да ги обезбедиме нашите интереси и да гарантираме мир во Европа во иднина“, рече Песков.
Тој исто така рече дека Москва сè уште не видела никакви конкретни предлози за безбедносни гаранции за Украина, за кои, според американските и европските претставници, Вашингтон разговара со Киев. Украина, барем засега, тврди дека примирјето за Божиќ би било хуманитарно. Русија се чини решена дека нема да има.
Фото: депозитфотос

