Спорт
Си ги побарал заостанатите плати, а челниците го навредувале и го претепале
Анте Живковиќ, хрватскиот фудбалер, кој летово потпиша договор со албански клуб Кукеши, бил вербално и физички нападнат од првиот човек на клубот кога побарал да му се исплати заостанатата плата.
Овој 29-годишен фудбалер реши да побара исплата на заостанатите плати. Тоа никому во клубот не му се допаднало, па фудбалерот бил поканет на состанок кој многу брзо се претворил во кошмар.
Клупските челници неколку часа го држеле Живковиќ на стадионот, ужасно го навредувале, а потоа му се заканувале.
Сепак, приказната кулминира кога психичкото насилство преминало во физичко насилство. Имено, тие го нападнале Живковиќ и по неколку мачни часови тој конечно успеал да ги напушти клупските простории.
Се се случило во петокот, а во јавноста го соопшти Синдикатот на професионални фудбалери на Босна и Херцеговина, кој веднаш покрена постапка до ФИФА за докажување на тврдењата.
Живковиќ во својата кариера го носеше дресот на Шибеник, Дугопоље, Радник Бијелина и Борац Бања Лука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Гвардиола потроши 152 милиона евра и не планира да застане
И покрај тоа што во актуелниот преоден рок потроши 152 милиони евра на засилувања, тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, сака да доведе уште тројца фудбалери од италијанската Серија А, објавија во петокот британските медиуми.
Манчестер Сити за 75 милиони евра потпиша со египетскиот напаѓач Омар Мармуш (25). Од Ленс за 40 милиони евра приситгна 20-годишниот узбекистански централен бек Абду Кусанов, а за 19-годишниот бразилски централен бек Витор Реис, кој пристигна од Палмеирас, клубот издвои 37 милиони евра.
Според англиските медиуми преодниот рок за Манчестер Сити се уште не е завршен. Гвардиола сака да донесе тројца играчи од СеријаА.
Прв на листата на желби на Гвардиола е играчот од средниот ред на Јувентус, Андреа Камбијасо (24), кого „старата дама“ не сака да го пушти среде сезоната доколку не дојде „понуда што не можеш да ја одбие“. Ова, според британските медиуми, би можело да значи дека Јуве би попуштил доколку им бидат понудени сто милиони евра.
Камбијасо може да игра како коректор на средниот ред или како лев офанзивен дефанзивец. Во март минатата година тој дебитираше за италијанската репрезентација на пријателскиот натпревар против Венецуела и досега има 13 настапи и постигнато два гола. Тој во Јувентус пристигна во јули 2022 година од Џенова за 13 милиони евра, а во мај минатата година го продолжи договорот со Јуве до јуни 2029 година.
Гвардиола сака да го подмлади и средниот ред на Сити во кој моментално се Илкај Гундоган (34), Кевин Де Брујне( 33) и Бернардо Силва (30).
Стратегот на англискиот шампион сака да доведе двајца Бразилци, Даглас Луиз (26) од Јувентус и Едерсон (25) од Аталанта.
Даглас Луиз помина две години во Сити, кој го продаде на Астон Вила за 17 милиони евра во летото 2019 година.
Во јули минатата година Луиз се пресели во Јувентус во трансфер вреден 51 милион евра.
Едерсон го носи дресот на Аталанта од јули 2022 година, кога пристигна од Салернитана за 23 милиони евра. Неговиот договор со клубот од Бергамо е со важност до јуни 2027 година.
Спорт
Синер лесно се справи со Шелтон
Јаник Синер ќе ја брани титулата на Австралија опен. Првиот носител во полуфиналето го победи Бен Шелтон со 7:6, 6:2, 6.2. Мечот траеше два часа и 36 минути. Противник во финалето ќе му биде Александар Зверев.
Синер имаше големи проблеми во првиот сет, Шелтон сервираше за предност од 1:0, но не успеа да го освои сетот. Синер потоа издоминира во тај-брејкот откако беше јасно дека Американецот со мислите се уште е во претходниот гем, во кој не искористи две сет топки.
Вториот и третиот сет беа рутина за Синер. Направи по два брејка и го реши мечот.
Шелтон, 20. на АТП листата, немаше константност за да му се спротивстави на светскиот број 1.
Финалето на Австралија опен ќе се одигра в недела со почеток во 9 часот по средно-европско време.
Спорт
Нагелсман доби нов договор
Селекторот на германската фудбалска репрезентација Јулијан Нагелсман го продолжи договорот со Фудбалскиот сојуз до крајот на Европското првенство во 2028 година.
Нагелсман имаше договор до крајот на Светското првенство кое следната година ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.
„Сите ние, навивачите, тимот и стручниот штаб, создадовме нешто што сега сакам заедно успешно да го развиваме. Сакаме заедно да освојуваме титули“, рече Нагелсман.
Поранешниот тренер на Хофенхајм и Баерн Минхен ја презеде германската репрезентација во септември 2023 година и тогаш се наведуваше дека ќе го води тимот само на Европското првенство во Германија минатото лето, но набрзо соработката беше продолжена.
Со Германија стигна до четвртфиналето на Европското првенство, во кое селекцијата загуби со 1:2 по продолженијата од Шпанија, која подоцна ја освои титулата.