Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски го врати Ристо Бекатон Пенов од транзицијата за да се заканува и глуми шериф
Ристо Бекатон Пенов се заканува дека ќе трга автобуси од улица само затоа што не може да си го пие кафето на улица Македонија наместо да работи, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Бекатон Пенов се заканува дека ќе го крши Уставот и ќе го попречи правото на штрајк, само затоа што ја штити Данела Арсовска, коалициониот партнер на дезертерот Ковачевски. Дезертерот Ковачевски го врати Ристо Бекатон Пенов од транзицијата за да може да се заканува и да глуми шериф за заштита на Арсовска, со која има тајна коалиција.
Ристо Бекатон Пенов се заканува за да може да продолжат матните тендери во Град Скопје кои Арсовска ги договара со Ковачевски. Ристо Бекатон Пенов е познат по многу работи и ниту една не е од полза за скопјани. Тој ќе остане запаметен како градоначалникот кој ја смени коцката на плоштад Македонија и ја замени со босански плочки на лик на бекатон.
Во време на Ристо Бекатон Пенов оставени целосно се руинирани јавните градски претпријатија, каде истите се финансиски руинирани, со стара нефункционална механизација и возен парк, со екстремна превработеност. Поради криминал, неспособност и сомнителни тендери сериозно го оштети Камениот мост, симбол на Скопје. За време на реконструкцијата, поради неквалитетната изработка во летото во 2002 година во водите на Вардар се урна Стражарската кула“, додаваат од опозициската партија.
Оттаму додаваат дека Пенов ќе остане запаметен како градоначалникот во чие време се прави најголемиот грабеж на добрата со кои располагаше Градот, каде целосно се приватизирани Топлификација, Градски аптеки, ГТЦ со сите дуќани, Скопски пазари.
Покрај асистирање во грабежот на државните и градските добра, во времето кога Пенов е градоначалник нема тендер за кои нема големо сомневање за корупција и криминалните дејствија, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре бесплатни уролошки прегледи во болницата „13 Ноември“
По повод Месецот на машкото здравје, ЈЗУ Специјална болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ Скопје, организира настан кој ќе се одржи утре, 29 ноември, со почеток во 10:00 часот.
Во рамки на настанот, за сите мажи ќе бидат обезбедени бесплатни уролошки прегледи, како и ехо прегледи на бубрези и простата, со цел подигнување на свесноста за значењето на навремената грижа за машкото здравје.
„Во рамки на настанот, ќе обезбедиме бесплатни прегледи за сите заинтересирани мажи. Прегледите ќе ги извршуваат: Уролошки прегледи ќе врши Д-р Дарко Марковски, уролог од ГОБ „8-ми Септември“, Ехо на бубрези и простата ќе вршат Д-р Марика Филипова, специјалист интернист и Д-р Марија Сековска, специјалист интернист од ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ – Скопје. Ова е одлична можност за навремена проверка, превенција и грижа за здравјето.
Сите заинтересирани се добредојдени“, велат од болницата.
Македонија
Утре нов „Марш на ангелите“ во Кочани
За утре, 29 ноември, е најавен нов „Марш на ангелите“ во Кочани. Предвидено е маршот да започне со почеток од 14:05 од Паркот на револуцијата во Кочани.
„Паралелно со судскиот процес, ги повикуваме сите граѓани кои веруваат во човечноста и правдата да ни се придружат на 29 ноември 2025 г., сабота со почеток од 14:05 од Паркот на револуцијата во Кочани. Да чекориме со љубов, со болка и достоинство, во име на оние што повеќе не можат да чекорат. Овој марш не е протест, туку мирен марш за правично судење, за да потсетиме дека зад секој “број” стои име, живот, семејство и болка. Нашата порака е едноставна, но длабока, за нашите деца, за вистинска правда за Македонија со совест. Да покажеме дека ова општество не молчи пред неправдата и дека постои народ што не се откажува од вистината“, соопштија од Здружението на граѓани „16 Март 2025 г. Кочани”.
Македонија
Муртезани-Розенкранц: Процесот на пристапување во ЕУ треба да се води исклучиво врз основа на заслуги, а не на билатерални условувања
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, утрово беше домаќин на министерката за европски прашања на Кралството Шведска, Јесика Розенкранц, која вчера и денес престојува во работна посета на Република Северна Македонија. Во рамките на состанокот во Министерството за европски прашања се одржаа тет-а-тет средба и пленарен состанок на делегациите, на кои се разговараше за европската интеграција на Северна Македонија, билатералната развојна соработка и поддршката на Шведска во процесот на пристапување кон Европската Унија.
Муртезани ја истакна важноста на одржувањето на кредибилитетот на политиката на проширување како еден од клучните инструменти за стабилност и просперитет на континентот. Тој нагласи дека Северна Македонија останува посветена на реформите и на спроведувањето на Копенхашките критериуми како основен патоказ за членство во Унијата. Во тој контекст беше потенцирано дека процесот на пристапување треба да се води исклучиво врз основа на заслуги, а не на билатерални условувања кои не произлегуваат од европското право и принципи. Муртезани додаде дека обновената динамика на проширувањето е можност да се врати довербата во европската идеја и дека Северна Македонија е подготвена да биде дел од новиот бран интеграција кој ќе ја направи Европа посилна и пообединета.
На средбата се разговараше и за имплементацијата на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и Реформската агенда, како главни механизми за поддршка на економската интеграција и структурните реформи. Муртезани истакна дека Северна Македонија досега успешно реализираше значаен дел од обврските предвидени во првата фаза на Агендата, особено во областа на владеењето на правото, дигитализацијата и деловното опкружување. Двајцата министри се согласија дека Планот за раст претставува нова можност за економска конвергенција со единствениот пазар на ЕУ и дополнителен поттик за регионот да напредува кон одржлив раст и конкурентност.
Во рамки на разговорите беше посебно нагласено значењето на билатералната соработка меѓу Северна Македонија и Шведска, која се одвива континуирано преку проектите на Шведската агенција за меѓународна развојна помош СИДА, во согласност со Стратегијата за реформска соработка со Западен Балкан и Турција 2021-2027. Преку оваа програма Шведска поддржува проекти во областите на човековите права, демократијата, родовата еднаквост, заштитата на животната средина и инклузивниот економски развој. Меѓу најзначајните иницијативи се соработката на државните статистички служби, зајакнувањето на капацитетите на јавната администрација, поддршката на жените во руралните средини, проектите за квалитетен воздух и одржлива енергија, како и помошта за унапредување на транспарентноста и отчетноста во институциите.
Муртезани и Розенкранц оценија дека билатералните односи меѓу Северна Македонија и Шведска се одликуваат со стабилност, заемно почитување и континуирано јакнење на соработката во сите области. Муртезани изрази благодарност за досегашната поддршка и уверување дека оваа посета ќе придонесе за продлабочување на заедничките иницијативи, особено во сферата на зелената и дигиталната транзиција, иновациите и економскиот развој. Во услови на глобални предизвици, соговорниците се согласија дека обединета и стабилна Европа може да се гради само преку партнерства засновани на доверба, солидарност и заеднички вредности.

