Топ
Ги прегазил автомобил додека менувале гума на улица: Еден загинат, другиот повреден

Две лица менувале гума при што во нив удрил автомобил и побегнал. Во несреќата на лице место загинал едниот, а другиот тешко повреден бил пренесен во болница.
Според информациите, утрото околу 06,10 чaсот на бул. Киро Глигоров се случила сообраќајна несреќа. Според пријавеното, Б.С. (53) застанал со своето возило „фиат пунто“ со скопски регистерски таблички, затоа што му пукнала гума, по што со друго возило дошол да му помогне Н.С. (29) од Скопје. Според пријавеното, додека се обидувале да ја променат гумата во нив удрило патничко возило „форд фиеста“ со скопски регистерски таблички, управувано од Н.Л. (18) од Скопје, кој го напуштил местото на настанот, но потоа се вратил без возилото. На местото на настанот починал Б.С., а Н.С. е пренесен во ГОБ „Св. Наум Охридски“. Возилото „форд фиеста“ е пронајдено на бул „АСНОМ“.
Извршен е увид и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пратениците се одморија, од утре почнуваат со редовни активности во Собранието

Пратениците од утре официјално почнуваат со работа по годишниот одмор. Претседателот на Собранието, Африм Гаши за утре закажа неформална средба со собраниските известувачи, на која ќе информира за тековните активности во законодавниот дом, по редовната координација со координаторите на пратеничките групи. До петокот на собраниската веб-страна освен брифингот со новинарите, Собранието немаше закажано други активности за следната недела.
Одморот на пратениците беше прекинат на 16 август кога беше свикана итна седница за Предлог на законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка кој не помина поради немање на Бадентерово мнозинство. Претходно, на 13 август седница одржа и Комисијата за прашања на изборите и именувањата, која формира Комисија за селекција на кандидатите за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата. Вообичаено одморот на пратениците започнува по Националниот празник Илинден.
Претседателот на Собранието Гаши на 9 август ги распиша локалните избори за 19 октомври. Се очекува Собранието да одржува пленарни седници и седници на комисиите до пред почетокот на кампањата за локалните избори на 29 септември.
На последниот брифинг со новинарите претседателот на Собранието потсети дека законодавниот дом е во постојано заседание и дека доколку е потребно пратениците ќе бидат повикани за седници.
Свет
Зеленски вели дека постои вистинска можност да заврши војната во Украина

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски синоќа најави дека следните денови ќе бидат готови безбедносните гаранции за неговата земја.
Тој, по телефонскиот разговор со премиерот на Холандија, Дик Шуф, на платформата Икс објави дека „во моментот тимови на Украина, САД и европските партнери работат на решение“.
Според Зеленски постои „вистинска можност да се заврши оваа војна“, додавајќи дека Украина е „подготвена за конструктивни чекори што можат да доведат до вистинскиот мир“.
– Русија од своја страна не покажува намера за мир и продолжува да ги гранатира нашите градови. Сите сигнали што доаѓаат од Москва овие денови ги толкуваме на ист начин. Ни треба притисок за промена на нивниот став, како и состанок на највисоко ниво за да се разговара за сите прашања, посочи Зеленски.
Македонија
Тврдењата на д-р Кедев за операциите во приватните болници ќе ги „чешлаат“ експерти од Словенија, Италија и од Германија

Министерот за здравство, Азир Алиу, најави дека до понеделник ќе биде комплетирана листата со странски експерти кои ќе ја анализираат праксата на приватните болници и ќе утврдуваат дали се извршувале непотребни операции кај пациенти.
„Еден експерт ќе биде од Словенија, вториот е од Италија, а за третиот се разгледуваат кандидати од Австрија и Германија“, изјави Алиу за ТВ 24.
Министерот нагласи дека ангажирањето на странски експерти е направено за да се обезбеди поголема објективност и точна проценка на состојбата во приватните здравствени установи.
Во меѓувреме, Министерството за здравство ја подготвува и методологијата по која ќе се опфатат здравствените установи од приватниот и јавниот сектор. Од приватните болници ќе се бара до 15 септември да достават целосен список на интервенции до Министерството.
Овие мерки следат по изјавата на професор д-р Сашко Кедев дека во одредени приватни болници се извршувале операции за профит, иако тие интервенции не биле медицински неопходни.