Регион
(Видео) Уапсена Србинка во Италија: Сопругот го избодела со нож додека спиел

Италијанската полиција уапси жена со српско потекло, која вчера во Трст со кујнски нож го избодела својот сопруг додека спиел. Ранетиот маж потоа побегнал од станот и истрчал крвав на улица за да повика помош.
„ Нападот се случил околу 19 часот и 30 минути, а според верзијата на повредениот (60), исто така со српско потекло, жената со кујнски нож го прободела во вратот додека спиел. Оружјето подоцна било пронајдено на улица, недалеку од куќата“ – пишува италијански Triesteprima.
Според сведочењето на соседите од влезот каде што живее овој пар, никогаш досега не правеле проблеми.
„ Тоа се двајца добри луѓе, пиеа повремено, но како и многу други, не претерано. Имаа финансиски проблеми бидејќи и двајцата останаа без работа. Ги познавам и навистина не можам да објаснам што се случи“ – изјавила сосетката.
Друг сосед открива дека го разбудил телефонски повик во 23 часот, дека му се јавиле да го прашаат што се случува во населбата.
„ Потоа излегов низ вратата и видов многу крв, трагите водеа до третиот кат од зградата, каде што живеат сопружниците. Сепак, воопшто не слушнав никакво врескање или тепачка. Секое семејство живее на свој начин, но колку што знам тие се нормални луѓе. Жал ми е за нив, бидејќи и двајцата добро ги познавам“ – рече тој.
Осомничената е уапсена, а рочиште е закажано за в понеделник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Укинат притворот за петмина осомничени за смртта на 16 лица на железничката станица во Нови Сад

Апелациониот суд во Нови Сад го укина притворот на петмина осомничени во истрагата за фаталното уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 16 лица, објави судот.
Судот донесе одлука со која делумно ги прифати жалбите на адвокатите на обвинетите во кривичната постапка во врска со трагедијата во Нови Сад, која предизвика бран повеќемесечни протести и обвинувања за корупција и лошо извршување на работите за неодамнешната реконструкција на станицата.
Меѓу првично уапсените, судот веќе претходно го укина притворот на поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ, а со нова измена на одлуката, уште петмина обвинети беа ослободени од притвор, против кои ќе се примени електронски надзор и тримесечна забрана за напуштање на станот, како и забрана за користење на телефон, интернет и прием на други лица во станот.
Кон крајот на минатата година, беше поднесено обвинение против 13 лица, но судот го врати на понатамошна истрага.
Меѓу обвинетите се поранешната вд директорка на Српската железничка инфраструктура Јелена Танасковиќ, поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ и неговата помошничка Анита Димовски, како и поранешниот генерален директор на Српската железничка инфраструктура Небојша Шурлан.
Тие се обвинети за кривични дела против јавната безбедност и предизвикување јавна опасност. Во обвинението се товарат и неколку инженери, проектанти и лица одговорни за изградба, контрола и надзор.
Регион
Индискиот премиер пристигна во историска посета на Хрватска

Индискиот премиер Нарендра Моди слета во Загреб, каде што ќе се сретне со својот хрватски колега Андреј Пленковиќ попладне и со претседателот Зоран Милановиќ навечер. Ова е прва посета на индиски премиер на Хрватска.
„Индија е еден од најважните партнери на Хрватска во Азија. Ова е историска, прва посета на индиски премиер. Тоа е најнаселената земја во светот, (со) 1,44 милијарди жители“, рече Пленковиќ на владина седница.
Тој ги опиша билатералните односи меѓу двете земји како добри и во „фаза на подем“, додавајќи дека Моди доаѓа во Хрватска по самитот на Г7 во Канада на негова покана. Се очекува претставниците на двете земји да потпишат голем број меморандуми и билатерални договори во различни области, вклучувајќи земјоделство, култура и образование.
„Двете наши земји уживаат вековно стари блиски културни врски. Бидејќи ова е прва посета на индиски премиер на Хрватска, тоа ќе отвори нови патишта за билатерална соработка во области од заеднички интерес“, напиша Моди на социјалната платформа Икс.
Регион
Хрватска ќе ги евакуира своите дипломати од Израел и од Иран

Хрватскиот министер за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ-Радман, најави евакуација на хрватски дипломати од Израел и од Иран.
„Со оглед на тоа што и други земји ги евакуираат своите дипломати и претставништва од Техеран, одлучено е дека ќе ги евакуираме и амбасадорот и персоналот на Амбасадата од Техеран преку безбедни гранични премини што ги користат други дипломати. Таква евакуација ќе се спроведе и за Амбасадата, односно за вработените од Тел Авив“, изјави Грлиќ-Радман за новинарите по владина седница.
На прашањето кога ќе почне евакуацијата од Тел Авив, тој рече дека Министерството е во постојан контакт со амбасадорот и со вработените.
„Видовте што му се случи на колега во станбена зграда, каде што неговиот стан беше целосно уништен. Таа ужасна експлозија се случи на три метри од него. Генерално, чудо е што воопшто преживеал толку разорна експлозија“, рече Грлиќ-Радман.
Министерот зборуваше за хрватскиот конзул Ивица Сертиќ и за неговата сопруга Катица, кои беа лесно повредени во првиот ирански одговор на израелскиот напад. Тие поминаа со гребнатини и со исеченици. Нивниот стан беше целосно уништен.
Министерот исто така нагласи дека се работи на евакуација, односно репатријација на хрватските граѓани од Израел и од Иран.
„Со оглед на фактот дека воздушниот сообраќај е затворен или во голема мера ограничен, главно се користат копнени патишта и комуникација преку безбедни земји, како што се Египет и Јордан“, објасни тој.