Топ
Жителка на Стајковци која била пријавена за исчезната, пронајдена почината

78-годишната жена која беше пријавена за исчезната е пронајдена почината во канал со вода.
Како што информираат од МВР, вчера во полициската станица Гази Баба било пријавено дека околу 13.00 часот на место викано „Орман трло“ во атар на с.Стајковци, скопско во канал со вода е пронајдена почината З.Д.(78) од с.Стајковци.
Таа пред три дена била пријавена за исчезната од нејзината ќерка.
Според информациите од МВР, лекар од итната медицинска помош констатирал смрт без траги на насилство.
За настанот известен е Јавен обвинител по чија наредба телото на починатата е предадено во Судска медицина.
Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Граѓаните да не креваат паника, лисиците не се опасни и не напаѓаат луѓе“, апелираат од Анима Мунди

Во последните неколку дена се појавија видеа за присуство на лисици во подножјето на Водно, во населбата Козле (мајка со малечки), како и на други места низ Скопје. Од Анима Мунди апелираат до граѓаните да не креваат паника – овие животни не се опасни и не напаѓаат луѓе.
„Лисиците, како и многу други диви животни, сè почесто се приближуваат до урбаните средини поради загуба на природните живеалишта, уништување на шумите, градежна експанзија и недостиг на храна. Ова не е закана, туку јасен сигнал дека и тие бараат начин да опстанат.
Лисиците се плашливи, интелигентни и претежно ноќни животни кои се плашат од луѓето и избегнуваат контакт. Присуството на лисици во урбана средина не значи дека се болни или агресивни. Напротив, во многу големи градови како Лондон, Берлин, Торонто, па и Љубљана, лисиците веќе се дел од урбаната дива фауна и живеат паралелно со луѓето без никакви инциденти.
✳️Што треба да направите ако видите лисица?
• Не обидувајте се да ја бркате, фаќате или храните.
• Не оставајте остатоци од храна или отворени канти за ѓубре, затоа што тоа ги привлекува.
• Ако сте со домашно милениче – држете го на поводник и останете смирени, лисицата ќе избега.
• Пријавете ако видите повредена или залутана лисица.
Лисиците се дел од природата на нашата земја. Нека незнаењето не биде храна за ирационален страв и отпор. Наместо тоа, потребна ни е свесност, почит и разбирање кон овие животни кои се обидуваат да опстанат. Ве повикуваме да бидеме град кој живее во хармонија со природата“, се наведува во соопштението на Анима Мунди.
„Лисиците се редовни жители на Водно и често се забележуваат и во градските населби како Жданец, Водно, Козле и Нерези. Забележувањето на мајка со млади е јасен показател дека се работи за здрави единки.
Лисиците, како и другите животни кои се опортунисти во исхраната, лесно може да бидат привлечени во градските и селските средини од органски отпад кој не се селектира и не се собира редовно“, коментираат од Македонското Еколошко Друштво (МЕД).
Македонија
Данела Арсовска до Орце Ѓорѓиевски: Дај одговори им на скопјани зошто се криеш и лажеш за надлежностите за „Усје“

„Добро утро, Орце Ѓорѓиевски. Незгодно ми е што ти досаѓам, гарант ќе ти преседне утринското кафе со Хрисафов од ‘Усје’, знаеш она истото ‘Усје’ што го загадува Скопје!“, напиша градоначалничката Данела Арсовска на социјалните мрежи.
„Туку дај одговори им на скопјани зошто се криеш и лажеш за надлежностите за ‘Усје’, а бидејќи си јак претседател на сите општини на ЗЕЛС, ингеренциите на секоја општина, вклучително и на својата, добро ги знаеш (се надевам).
1. Интегрираната А-лиценца на ‘Усје’ не е надлежност на Град Скопје, туку е надлежност на Министерството за животна средина на Изет Меџити, ама нему не смееш ни да му писнеш.
2. Град Скопје како единица на локалната самоуправа е единствената општина што правела надзор врз ‘Усје“ иако ИСТИТЕ НАДЛЕЖНОСТИ ГИ ИМАШ И ТИ (ама тебе или ти е страв или имаш интерес, па глумиш ненадлежен).
3. Секој градоначалник, вклучително и ти, може да влезе во заеднички надзор по лично барање со Државниот инспекторат за животна средина во кој било индустриски објект, тоа како претседател на ЗЕЛС исто би требало да го знаеш.
4. Јас поднесов кривична пријава за ‘Усје’ за УТВРДЕНОТО ЗАГАДУВАЊЕ пред 2,5 години и трпам закани постојано, ама за тоа треба храброст, а не оправданија.
На ‘Усје’, иако му се измерени 300 % ПМ 10-честички над дозволеното и ниво на азотни оксиди NOx 711,9 милиграми на м3, што е двојно повеќе од дозволеното, СЀ УШТЕ НЕ МУ Е ОДЗЕМЕНА ИНТЕГРИРАНАТА ЕКОЛОШКА А-ЛИЦЕНЦА од Министерството за животна средина на Изет Меџити, ама има тој други посериозни проблеми, не му е до животната средина“, пишува Арсовска.
Македонија
Бислимоски ќе побара цената на водата да ја одредува РКЕ место советите на општините за да се намали загубата, која сега изнесува 64 отсто

За да се намали загубата на водата за пиење, која на национално ниво во просек изнесува речиси 64 отсто, неопходно е Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) да ја определува конечната цена на водата. Ова е клучното барање на учесниците на меѓународната конференција „Иднината на комуналниот сектор“ во организација на Здружението на даватели на комуналните услуги – АДКОМ.
За тоа да се случи, неопходно е да се направат измени на сет закони за кои е потребен општествен и политички консензус, посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
„Потребно е двотретинско мнозинство, со кое ќе се донесат измените на законите во оваа област и ќе се овозможи РКЕ, наместо советите на општините, да ја утврдува конечната цена на водата. Начинот на кој сега се определува цената не е во ред: долга е процедурата, поделена е во повеќе фази и не го дава посакуваниот резултат. Ние заедно со АДКОМ ќе поднесеме иницијатива до Собранието за да почне процедурата за промена на законската регулатива. Имаме методологии, кои се поттикнувачки, и веруваме дека ќе влијаеме на подобрување на економските перформанси на претпријатијата, оптимизирање на нивната работа и намалување на загубите на водни услуги “, рече претседателот на РКЕ, Бислимоски.
Неопходни се стабилни и самоодржливи јавни комунални претпријатија за да се направи промена на дотраената водоводна инфраструктура, што ќе влијае врз намалувањето на загубите.
„Ние немаме Б-опција да работиме без јавните комунални претпријатија. Мора да поставиме систем што ќе биде економски одржлив, а не да се одржува врз основа на донации. Да ги поттикнеме оптимално да работат, но и да се остави можност да направат профит, пари што ќе ги инвестираат во енергетска ефикасност и во нови капацитети за обновливи извори“, вели Бислимоски.