Македонија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на средба со амбасадорката на САД, Ангела Агелер

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, се сретна со амбасадорката на САД, Ангела Агелер, во просториите на Владата.
Во фокусот на разговорите беа проектите, активностите и целите на Стратешкиот дијалог меѓу САД и Северна Македонија, кој се одржан во јуни оваа година во Вашингтон. Османи информираше за Акцискиот план, подготвен од страна на Министерството за надворешни работи, преку кој Владата ќе ја следи имплементацијата на проектите и резултатите од Стратешки дијалог меѓу двете земји.
„Соодветно на веќе утврдените приоритети, првата област на интензивирана соработка во рамките на Акцискиот план е владеењето на правото и борбата против корупцијата, со што ќе се зајакне соработката меѓу двете земји и поддршката од страна на САД во оваа област.“ изјави Османи, посочувајќи дека очекува наскоро Владата да го усвои Акцискиот план и да се започне со негова имплементација.
На средбата стана збор и за останатите приоритети во рамките на Стратешкиот дијалог како што е претседавањето со ОБСЕ во 2023 година, претстојното преземање на претседавањето на Република Северна Македонија со САД – Јадранската Повелба, сојузништвото во НАТО, справувањето со геополитичките предизвици во регионот, како и континуираната американска поддршка за нашиот евроинтегративен процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Бројот на вработени намален за 17.000 – погубни економски политики на ВМРО-ДПМНЕ

Фрапатни се податоците кои покажуваат дека по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт во 2024 година во земјава има над 17.000 помалку вработени, обвини СДСМ.
Според партијата, тоа е директен резултат на погубните економски политики, хаосот и несигурноста, како и напуштање на политиките кои ги востастави СДСМ за стабилна и одржлива економија.
„Со оваа неспособна Влада: пазарот на труд се стеснува, продуктивното население е разочарано и заминува, Фондот за пензиско осигурување е под притисок, бидејќи денес 1,63 вработени обезбедуваат една пензија, наместо 1,74 како што беше пред само една година. Владата нема стратегија, нема визија, нема мерки за задржување и отворање на нови работни места“, велат од СДСМ.
Од таму обвинија дека ова се последици од владеењето на Мицкоски и дека се зголемува несигурноста за младите, пензискиот систем се доведува во ризик, а приватниот сектор е оставен сам да се снаоѓа.
Македонија
Регионална иницијатива за превенција од пожари на Западен Балкан

Во услови на зголемени ризици од пожари, започна регионална иницијатива за подигање на свеста за управување со пожари на ниво на предел во земјите од Западен Балкан. Иницијативата, поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, има за цел да го поттикне интегрираното и одржливо управување со екосистемите, наместо традиционалниот пристап што се фокусира исклучиво на гаснење.
Пожарите оставија сериозни последици врз природата, економијата и животот на граѓаните, а над 90% од нив се предизвикани од човечка невнимателност — факт што укажува дека превенцијата е клучна.
Преку интерсекторска соработка, јакнење на локалните капацитети и активности на терен, иницијативата тежнее да создаде предели и заедници отпорни на пожари.
„Природата е наша заедничка одговорност. Со здружени напори можеме да постигнеме нула пожари предизвикани од човечки фактор,“ велат од Министерството.
Македонија
Гром го предизвикал пожарот во велешката фабрика, велат од „Мирана“

Удар од гром е причината за пожарот што синоќа избувна во дел од производствениот погон на „Биокосмос“ во Велес, информираат од компанијата „Мирана“ преку официјално соопштение.
Од ударот се оштетени дел од просториите на „Биокосмос“ и, како што посочуваат од таму, тие привремено ќе бидат надвор од употреба додека не се санира штетата.
Фабриката „Мирана“, која се наоѓа во истиот индустриски комплекс, не била зафатена од пожарот и производствениот процес таму продолжува непречено.
Во пожарот нема повредени лица.
Центарот за управување со кризи претходно денес информира дека пожарот бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите на ЦУК, огнот зафатил магацински простор со фрижидери и канцеларии со документација, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.