Економија
Подобро позиционирање на архитектите и инженерите за растечка економија
Комора на трговските друштва за геодетски работи и Комората на овластените архитекти и овластените инженери потпишаa меморандум за соработка со цел позиционирање и унапредување на улогата на инженерската професија за постигнување на поширок општествен напредок. Со документот се утврдуваат начелата за заемни активности во различни области на соработката. Меморандумот за соработка го потпишаа Кристинка Радевски, претседател на Комората на овластените архитекти и овластените инженери, и Никола Рибароски, претседател на Комората на трговските друштва за геодетски работи.
Радевски истакна дека цврстото позиционирање на инженерот во нашето општеството и неговата улога како рамноправен и релевантен чинител во меѓународниот инженерски свет е можно само преку широка и отворена соработка со сите сродни и релeвантни ентитети кои ги делат истите вредности и заложби.
„Имајќи го предвид значењето на геодезијата во секојдневието во врска со градбата и управувањето на недвижностите, неминовно е да се каже дека со геодетските работи започнува и завршува секоја градба. Ние сите заедно сме дел од едно цело и само со заеднички сили можеме да го прогресираме инженерството – област што како ниедна друга е одговорна да обезбеди здрава животна средина, растечка економија и подобра иднина за нашите млади генерации. Комората на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи е субјект која во рамки на своето работење регулира значителна област од градежната индустрија. Задоволство е што досегашната наша комуникација ја подигнавме до ова ниво. Очекувам дека меморандумот за соработка потпишан денес меѓу двете институции, е само мотив повеќе за обединување и синхронизирано дејствување на патот на нашите заеднички заложби за справување со сите инженерски предизвици“, истакна Радевски.
„На овој начин ја потврдуваме нашата заложба како Комора за воспоставување конкретни соработки со сите релевантни домашни и меѓународни институции преку кои всушност ги јакнеме нашите капацитети се со цел надминување на предизвиците со кои се соочува целокупната геодетска професија во овој специфичен период. Посебно сакам да истакнам дека со потпишување на овој меморандум со Комората на овластените архитекти и овластените инженери, предвидена е соработка, размена на искуства и взаемна поддршка во неколку сегменти, кои ги се однесуваат на делови од Законот за градење, Законот за Катастарот на недвижностите, како и законот за геодетска дејност, кој допрва треба да биде усогласен со останатите закони и донесен за прв пат во историја на нашата држава. Секако овој меморандум предвидува соработка и во деловите на подзаконските акти како правилници, тарифници и сл. во кои членките на двете комори имаат заеднички допирни точки, а преку кои се очекува да бидат надминати одредени проблеми во секојдневното работење“, истакна Рибароски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од 1 декември поскапува парното: сметките повисоки за околу 130 денари
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ) ја информира јавноста дека од 1 декември цената на топлинската енергија ќе се зголеми за дел од потрошувачите.
Според одлуката, за домаќинствата што се снабдуваат од најголемиот систем – ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Снабдување и ЕСМ Производство – цената се зголемува во просек за 5,9%. За потрошувачите на ЕСМ Енергетика зголемувањето е во просек 7,6%, а за корисниците на Скопје Север – Енерџи Еко Линк во просек 7,7%.
„Од 1 декември просечната сметка ќе биде зголемена за 130 денари – од 2.200 денари на 2.330 денари“, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Тој нагласи дека во следниот период е потребно долгорочно стратешко планирање и сериозна санација и модернизација на топловодната мрежа. Според него, овие инвестиции ќе ги намалат дефектите, ќе го подобрат квалитетот на снабдување и ќе овозможат проширување на мрежата, што би довело до зголемување на конзумот.
Бислимоски повтори дека греењето на парно и понатаму е најекономично, додавајќи дека анализите покажуваат дека доколку сите исклучени потрошувачи се вратат на системот, сметките би се намалиле за околу 10%.
Вкупно 65.000 потрошувачи се снабдуваат со топлинска енергија.
Економија
За мерката Самовработување се издвоени 2,5 милијарди денари, кажа Мицкоски
Самовработувањето е многу важна мерка и во Буџетот се издвоени средства коишто се од износ отприлика 2,5 милијарди денари, или околу 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони повеќе од минатата година. И ова е историски највисока поддршка којашто до сега се случила, кажа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешната седница за поставување на пратенички прашања.
Премиерот Мицкоски истакна дека Оперативниот план за самовработување е доказ дека државата инвестира во младите.
„Со овој план во 2025 година ќе бидат опфатени нешто повеќе од 16.500 лица. Нешто што мислам дека е најголем опфат до сега и јасен доказ дека државата практично инвестира во луѓето, а посебно во младите“, рече Мицкоски.
„До пред една недела издадени се вкупно 2.916 ваучери за изработка на бизнис план и дел од тие ги промовиравме во Владата. Оценети се 2.681, при што 1.140 се за млади до 29 години, 912 за лица над 29 години, а 629 за правни субјекти регистрирани како друштва со ограничена одговорност. Во моментот повеќе од 2.500 лица веќе се во процес на потпишување договори. Финансиската поддршка е значително зголемена: 7.000 евра за лица над 29 години или 14.000 евра ако се здружат во ДОО, и 10.000 евра за млади до 29 години или 20.000 евра ако се здружат во ДОО“, нагласи Мицкоски и додаде дека ова е нешто коешто за прв пат се случува во Македонија.
„Морам да кажам дека ги изненади и нашите очекувања и во годините коишто следат очекувам поддршката којашто е дел од овој Оперативен план за самовработување само да се зголемува, бидејќи ако ние со 40 милиони евра успеавме да анимираме повеќе од 16.500 луѓе, тоа е сериозна бројка и убеден сум дека од тие бизниси ќе излезат многу бизниси старт-ап коишто понатаму ќе донесат додадена вредност во македонската економија“, дециден е Мицкоски.
„Ваква поддршка за младите немало. Генерално зборувам, реконструкција на студентските домови, ваучерите за студентите за електронски уред и кога сето ова ќе се земе во предвид, ценам дека како Влада правиме нешто коешто до сега никој не го направил во независна Македонија за младите“, објасни Мицкоски.
Економија
Божиновска: ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари работна средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која беше потврден силниот заеднички фокус кон унапредување на енергетската инфраструктура и забрзување на реформските процеси во земјата.
На средбите се разговараше за неколку стратешки проекти што ќе започнат во следната година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем со капацитет од 300 MWh.
„ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор. На средбата се усогласивме околу финализацијата на неколку стратешки проекти важни за 2026 година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем на ЕСМ со вкупен капацитет од 300 MWh. Овој проект е клучен за стабилноста и флексибилноста на електроенергетскиот систем,“ истакна Божиновска.
На средбата се разговараше и за следните чекори во подготовката за воведување на ESCO-моделот во земјата. Двете страни ги разгледаа можните области за пилот-проекти и моделот на институционална соработка што ќе обезбеди несметана имплементација.
„ESCO-моделот е нова можност за граѓаните, институциите и целиот систем – модел кој дава реални резултати. Нашата цел е да создадеме јасна рамка, предвидливи процедури и подготвеност за негово постепено воведување,“ додаде министерката.
Министерството за енергетика и ЕБОР договорија во наредниот период да продолжат со заедничка техничка подготовка, со јасен фокус кон обезбедување услови за брза и успешна реализација на проектите што директно ќе ја зајакнат енергетската сигурност на земјата.

