Македонија
Зеќири не се чувствува виновен, одбраната очекува ослободителна пресуда
Ексгенералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири, не се чувствува виновен за кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластувањето. Откако кажа дека го разбрал обвинението за кое се товари, Зеќири негира дека го оштетил буџетот со тоа што без јавни набавки склучил договор со фирма, чии сопственици се хрватски државјани и беа осомничени, но бидејќи се недостапни за органите на прогон – постапката за нив е запрена, а ги бараат со потерници.
„Не се чувствувам виновен“, рече Зеќири.
Адвокатот Владимир Андреевски, кој го брани Зеќири, рече дека обвинителниот акт е полуполитички говор. Во воведниот говор рече дека очекуваат ослободителна пресуда за ексгенералниот секретар.
„Одбраната ќе докаже дека обвинетиот не го сторил кривичното дело, дека во неговите дејства нема инкриминирачки елементи и во поглед на законска дозволеност на неговите дејства, но и во поглед на евентуалната штета. Она што го слушнавме како обвинителен акт и во писмена форма и денеска е полуполитички говор за некакви принципи, цели и други начелни прашања, а никаде не слушнавме, ниту видовме која законска одредба е прекршена од страна на обвинетиот. Односно, каква повреда, конкретно на кој материјален закон е направена. На обвинетиот не може да му се суди за негова стручност или нестручност, туку за повреда за закон при негово постапување како генерален секретар или евентуална штета. Одбраната ќе докаже дека обвинетиот не излегол од рамките на своите овластувања при склучувањето на договорите. Дека се работи за специфична материја, за специфични прашања, ќе докаже дека не е сторена штета од причини што моделите за кои се склучувани договори се со цел да не се сторува штета на буџетот во иднина од дејствувањето на загубарите, т.е. ‘Пошта’ и ‘Железници’, за кои јавна тајна е дека имаат милионски загуби секоја година во континуитет, а за кое никој не презел одговорност досега“, рече адвокатот Андреевски.
Мирослав Вујиќ, втор адвокат на Зеќири, зборуваше за листата на докази.
„Сакаме да докажеме дека законодавецот сосема друго сметал и предвидел, а не ова на кое Обвинителството сака да влијае. Сведоците, кои се патем и членови на економскиот совет на Владата, присуствувале и биле запознаени за сите овие дејства на генералниот секретар, што е негова обврска. Сосема е неточно тврдењето дека нешто се работело во четири очи. Тоа се доказите на кои одбраната ќе се потпре и сигурен сум дека ќе докажеме дека во дејствата на Мухамед Зеќири нема никакво кривично дело, а не, пак, вакво какво што е ставено во обвинението“, рече Вујиќ.
Обвинителката Катерина Коларевиќ поднесе обвинеие против ексгенералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири. Тој се гони за злоупотреба на службена положба и овластувањето, односно дека во повеќе наврати, без јавна набавка, избрал фирми на кои им исплаќал владини пари. Обвинителството тврди дека Зеќири го оштетил буџетот за речиси 1,5 милион евра, кои завршиле во приватни фирми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сè повеќе случаи со лажни сообраќајки, охридската полиција со апел до граѓаните да не наседнуваат
СВР Охрид ја известува јавноста дека деновиве, повторно зачестија случаи кога, засега непознати лица, преку телефонски јавувања на нивните фиксни или мобилни телефони, се обидуваат да ги измамат граѓаните, претставувајќи се како полициски инспектори.
Притоа, тие им кажуваат дека членови на нивните семејства направиле сообраќајни незгоди и дека треба итно да дадат пари за наводна помош при понатамошната постапка за членот на нивното семејство да не оди во затвор и да биде ослободен од кривичен прогон.
„Aпелираме до граѓаните да не наседнуваат на ваквите телефонски јавувања и веднаш да ги пријават на телефонскиот број 112 или лично во најблиската полициска станица. СВР Охрид презема мерки за пронаоѓање на сторителите и целосно расветлување и документирање на ваквите пријавени настани“, велат од СВР Охрид.
Македонија
Митески го доби мандатот за градоначалник: Аеродром ќе добие значајни проекти, кои ќе го подобрат квалитетот на животот
Дејан Митески денеска го прими уверението и официјално ја презема функцијата градоначалник на Општина Аеродром.
„Од овој момент започнуваме со работа – посветено и искрено. Нема време за чекање! Ќе бидам градоначалник кој слуша и е достапен за сите. Во следниот период Аеродром ќе добие значајни проекти кои ќе го подобрат квалитетот на животот на сите жители – повеќе уреденост, зелени површини и подобра инфраструктура“, рече Митески.
Тој додаде дека Аеродром ќе биде општина за сите аеродромци – без разлика на партија, верување или припадност.
Македонија
За подарок од 50.000 евра, директорот на Платежната агенција му доделил на апликант финансиска помош од ИПАРД-програмата
Полицијата уапси пет лица, меѓу кои и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој во најновиот коруптивен скандал во земјата. Директорот е осомничен дека зел мито од апликант за да му одобри финансиски средства од ИПАРД програмата.
Од МВР соопштија дека вчера во попладневните часови се уапсени пет лица поради постоење на основано сомнение дека првоосомничениот Џ.Н.(77) сторил продолжено кривично дело „давање поткуп“ и кривично дело „давање награда за противзаконито влијание“, додека три лица А.Ф.(44), Ј.К.(35) и И.С.(57) како посредници сториле кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, а Ф.Ф.(47) сторил продолжено кривично дело „примање поткуп“.
Првоосомничениот – управител на правно лице, од крајот на февруари годинава до вчера, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, во повеќе наврати, директно и преку посредници му ветил подарок – парични средства од значителна вредност на директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ.
Останатите тројца осомничени од кои еден даночен референт во УЈП РД Скопје и еден државен службеник вработен во Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство, искористувајки го своето реално влијание и службената положба побарале и го поттикнале директорот на агенцијата да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши.
Имено, иако правното лице на првоосомничениот не ги исполнувало условите предвидени во Јавниот повик бр.01/24 за доставување на барања за користење на средства од ИПАРД Програмата за мерка 3, директорот по применото ветување за подарок од значителна вредност во износ од 50.000 евра, во текот на вчерашниот ден потпишал договор за користење на финансиски средства со правното лице и притоа примил дел од паричните средства во износ од 400 евра кои при претрес се пронајдени и одземени.
При извршени претреси на други локации пронајдени се парични средства во значителна вредност, велат од МВР.

