Македонија
Обвинителката на Зеќири: Бил задолжен да спроведе постапка, но Владата не му дала одврзани раце да склучува договори во четири очи
Обвинителката Катерина Коларевиќ од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција е децидна дека ќе докаже вина кај Мухамед Зеќири, ексгенерален секретар на Владата. Таа посочи дека граѓаните очекуваат од функционери како него да бидат со интегритет. Обвинителката посочи дека фирмата која добила државни пари за да изработи студии, а без јавна набавка, туку со договор во четири очи, во Македонија не вршела никаква дејност, а била основана непосредно пред да го склучи договорот со Владата односно со ексгенералниот секретар Зеќири.
„Во текот на истрагата која покрај обвинетиот Мухамед Зеќири се водеше и против други две лица, државјани на Хрватска и за кои истражната постапка е во прекин поради нивната недостапност на органите за прогон на РСМ, беа собрани голем број на докази, беше изработен вешт наод и мислење, а беа обезбедени и вербални докази, неспорно беа констатирани фактите, кои ќе ги докажеме во судот, а тоа е дека Зеќири извршувал функција генерален секретар во Владата, а како носител на таква државна фунција, го сторил кривичното дело во рамките на кое со умисла, што значи свесно и со намера, не спровел соодветни постапки за јавни набавки како што истото е предвидено согласно Законот за јавни набавки во РСМ, а двете конкретни постапаки се однесуваат на склучување на договори за вршење на консултантски услуги и тоа: за определување на модел за реструктирање на АД Пошта; за поддршка во процесот на потенцијална приватизација на Железници РСМ Транспорт АД Скопје“, кажа Коларевиќ
Обвинителката посочи дека Зеќири морал да го почитува Законот за јавни набавки, чија цел е граѓаните да знаат како се трошат нивните пари и финансиска дисциплина во управувањето со јавните средства.
„Во текот на постапката ќе докажеме дека иако обвинетиот Зеќири како генерален секретар на Владата со заклучок на Владата бил задолжен да спроведе постапка, во рамките на која ќе се ангажира консултантска куќа за рестроктуирање на АД Пошта, тоа не значи дека Владата го ослободила да не ги почитува законите во РСМ, донесени од законодавниот дом. Владата не му дала одврзани раце да склучува договори во четири очи со правни лица за кои мислел дека се компетентни да ја вршат услугата која била предмет на договорот. Во рамките на постапката пред овој суд, ова обвинителство ќе докаже дека самото правно лице ‘Интерхолдинг ДООЕЛ Скопје’ кое е договорна страна на договорот за консултантски услуги за АД Пошта всушност е правно лице кое било основано во РСМ непосредно пред склучувањето на договорот и кое реално, според доказите, во неговото пријавено седиште, не обавува никаква дејност“, додаде обвинителката.
Обвинителката Катерина Коларевиќ поднесе обвинение против ексгенералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири. Тој се гони за злоупотреба на службена положба и овластување, односно дека во повеќе наврати, без јавна набавка избрал фирми на кои им исплаќал владини пари. Обвинителството тврди дека Зеќири го оштетил буџетот за скоро 1,5 милиони евра, кои завршиле во приватни фирми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Палевски екстрадиран, по пет месеци, стигна во Шутка
Љупчо Палевски Палчо по пет месеци стигна во затворот во Шутка откако заврши постапката за екстрадиција од Турција.
Палевски со возила без полициски ознаки пристигна во истражниот затвор Скопје затоа што во отсуство му е одредена мерка притвор.
Неговата партја Десна објави на „Фејсбук“ дека тој слетал во Скопје.
И Министерството за внатрешни работи потврди дека Палевски стигна во затворот во Шутка.
„Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека денеска (15.05.2024) полициски службеници од Секторот за меѓународна полициска соработка на МВР во соработка со турската полиција го завршија процесот на екстрадиција од Република Турција на Љупчо Палевски (59) од Скопје, за кого беше распишана меѓународна потерница за истрага за кривични дела „грабнување” и “убиство“ по издадена наредба XV KO бр 3047/23 од Основното јавно обвинителство Скопје. Лицето е пренесено во КПУ Затвор Скопје“, велат од МВР.
Палевски е првоосомничен за убиството на Вања Ѓорчевска од Скопје и Панче Жежовски од Велес.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Министерството за здравство крахираше и во случајот Токсикологија
Негативната селекција и непрофесионализмот како на Клиниката за токсикологија, така и на ниво на целокупното јавно здравство во Македонија продолжуваат на штета на пациентите, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Здравствените власти селектирано постапуваат по извештаи од надлежни институции,па така наместо да се разреши организациската директорка на Клиника за токсикологија за чија работа има низа забелешки, Демири го разрешува медицинскиот директор без конкретни образложенија. Прашуваме:
1. Дали организациската директорка на оваа Клиника го има ангажирано својот татко како преведувач и доколку е тоа точно, дали за овој ангажман добива надоместок и која е сумата на истиот?
2.Што презема организациската директорка Иљази за фактот што за два месеци го зголемила долгот за два милиони денари?
3.Дали воопшто доаѓа на работа организациската директорка Иљази и со кои компетенции и работно искуство доаѓа на оваа позизија?
4.Дали се точни информациите дека организациската директорка одбива да го потпише осигурувањето на опремата на Клиника за токсикологија и со самото тоа го загрозува функционирањето на клиниката како и го става на ризик животот на хоспитализираните пациенти и на вработените
Ваквото незаконие за среќа завршува. ВМРО -ДПМНЕ во Платформата 1198 се обрзува дека ќе стави крај на ваквиот дуализам и укинување на организациските директори на клиниките. Ќе воведеме мерит систем и избор по комепетнтност и способност“, велат од партијата.
Македонија
Се очекува промена во Законот за семејство по пресудата за Митровска која ги бараше биолошките родители
Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) донесе пресуда во случајот Митровска за неможноста да добие информации кои се нејзините биолошки родители.
Митровска, која е посвоена уште додека била дете, од надлежните институции во Македонија побарала определени информации, како што се нејзиното родено име, место на раѓање и информации за нејзините биолошки родители. Овие информации и биле потребни поради медицински и здравствени причини, а не ги добила со образложение дека завршените посвојувања се сметаат за службена тајна. Жалбата до ЕСЧП се однесуваше на повреда на член 8 од Европска конвенција за заштита на човекови права со кој се гарантира правото на почитување на приватен и семеен живот.
Постапката беше иницирана од страна на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) од каде што информираа дека оваа пресуда е особено значење бидејќи упатува на правото секој да знае кои се неговите биолошките родители, како и да се има пристап до информации поврзани со здравјето, што севкупно е вклучено во опфатот на приватниот живот.
„Макфакс“ ја праша претседателката на Македонското здружение на млади правници, Александра Цветановска, на кој начин оваа пресуда ќе се одрази кај домашните судови, која образложи дека праксата на ЕСЧП е од исклучително значење бидејќи овозможува Конвенцијата да биде моќен жив инструмент за ефикаснa заштита и унапредување на човековите права. Една од обврските кои нашата држава ги има преземено со ратификација на Конвенцијата е задолжителност и извршување на пресудите на ЕСЧП, вели таа.
„Со цел извршување на пресудата, идниот период нашата држава треба да преземе сет на поединечни мерки со цел отстранување на веќе настанатата повреда во мера во која што е тоа можно, меѓутоа општи мерки за спречување на исти или слични повреди на правата и слободите загарантирани со Конвенцијата. Конечните пресуди од ЕСЧП се доставуваат до Комитетот на министри, кој го надгледува нивното извршување во државата, преку доставување на акциони планови и извештаи од страна на Бирото за застапување на РСМ пред ЕСЧП. Имајќи предвид дека станува збор за предмет кој според нас идентификува системски проблеми, Комитетот на министри може да го следи извршувањето на пресудата под зајакнат надзор“, вели Цветановска.
Според македонскиот Закон за семејство, целосното посвојување ги прекинува правата и одговорностите помеѓу посвоеникот и поранешното семејство, а информациите за посвојувањето претставуваат службена тајна. Законот за посвојување пак од своја страна, не содржи одредби во врска со тајноста на информациите поврзани со посвојувањето. Во таа насока, Цветановска вели дека со моменталната законска рамка, до сега пракасата покажа одбивање на секој заинтересиран кој бил посвоен да пристапи кон евиденцијата и информациите за спроведено посвојување, што беше потврдено и со одлуката на Уставен суд да не поведе постапка за уставна оцена на членот 123-а од Законот за семејство со кој се наметнува тајноста на податоците.
Со пресудата на ЕСЧП, додава Цветановска, се очекува да се наметне промена на Законот за семејство, во насока на утврдување исклучок од воспоставеното правило според кое, посвоениците кои се потполно посвоени ќе имаат можност до пристап до одредени информации за нивните билошки родители и промена на досегашната пракса како дел од општите мерки кои државата мора да ги преземе со цел спречување на идни постапки пред ЕСЧП за исти или слични предмети.
Комитетот усвојува конечна резолуција за затворање на предметот тогаш кога ќе заклучи дека било постапено согласно пресудата и се презмени сите мерки за извршување на пресудата.
„Битно е да се напоме дека ефикасноста на целокупниот систем на извршување на одлуките на ЕСЧП не зависи само од еден орган, тука од заемната и координирана работа на сите засегнати страни. Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП и Меѓуресорската комисија за извршување на пресудите на ЕСЧП го следат процесот на извршување на одлуките на ЕСЧП, меѓутоа надлежните институции кои ги направиле повредите на правата загарантирани со ЕКЧП треба de facto да ги извршуваат и спроведуваат пресудите на ЕСЧП, се‘ со цел да не настануваат клонирани случаи пред ЕСЧП“, децидна е Цветановска од Здружението на млади правници.