Регион
Вучиќ: Довербата на Србија кон Западот веќе не постои
Српскиот претседател Александар Вучиќ се осврна на изјавите на германскиот амбасадор Јорн Роде, велејќи дека тој е „познат по своите антисрпски ставови и дека се меша во се, почнувајќи од тоа каков грав ќе се јаде во Северна Митровица“.
Во изјавата од Азербејџан за ТВ Пинк, Вучиќ се осврна на изјавата на Роде дека барикадите во Косово треба да бидат отстранети до Божиќ.
„ Неговата изјава е опасна, таа е закана за српскиот народ“, рече Вучиќ. Тој праша и зошто Приштина ги споменува жртвите и колку Срби ќе убијат, а го спомена и косовскиот премиер Албин Курти, за кого исто така рече дека се заканува.
„ Германија сака целосна доминација на Балканот“, тврди Вучиќ и додаде дека „отсекогаш знаел дека некој го турка Курти во неговиот дисбаланс“. Тој изјави и дека српската војска е десет до петнаесет пати посилна од пред десет години и дека во Баку ќе разговара за воена соработка.
„ Секако дека ни треба силна војска, инаку би не голтале како мачка и глушец“, вели Вучиќ, а потоа се сврте кон Турција. На односите со нив, вели тој, ќе влијае тоа што тие ја вооружуваат Приштина, мислејќи на беспилотни летала.
Вучиќ рече дека за кризата на северот на Косово, како врховен командант на српските вооружени сили, ќе носи одлуки во согласност со интересите на својот народ. „ Подобро да зборуваме илјада дена отколку да одиме во војна еден ден“, рече Вучиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Драма во Зеница: маж осуден за воени злосторства дошол во полициска станица и се заканувал со бомба
Голема драма се одвивала утрово во Зеница кога маж извадил рачна бомба откога се дознало дека е осуден за воени злосторства.
Според медиумите, Д. Х. (56) од Зеница престојувал околу осум часа во просториите на полициската станица за да ги оствари своите права.
„Од извршените проверки е утврдено дека тој се бара од страна на Општинскиот суд Зеница за издржување затворска казна бидејќи е осуден за воено злосторство“, изјави Самир Валентиќ, портпарол на МВР.
При обидот за апсење извадил рачна бомба и им се заканувал на полицајците.
„Потоа се оддалечил од просториите на полициската станица. Со брза интервенција на полициски службеници бил лоциран, лишен од слобода и спроведен во службени простории. За ова била известена и судската полиција. Лицето ќе биде предадено во полиција, која ќе го одведе на издржување на казната. Делата што ги извршил утрово ќе бидат документирани од полициските службеници од Одделот за криминалистичка полиција“, додаде Валентиќ.
Регион
„Беше полн со живот, штотуку почна да живееш, толку се мачеше“: врсниците се простија од тинејџерот претепан до смрт во Лесковац
„Почивај во мир, наш Шики, ангелите да те чуваат, засекогаш ќе останеш во нашите срца!“, пишува во една од потресните објави на пријателот на 17-годишникот од Лесковац, кој до смрт бил претепан од 18-годишен тинејџер, пишуваат српските медиуми.
Социјалните мрежи се преплавени со објави на врсници на А. И., кој вчера беше претепан до смрт. Пријателите се збогуваат со него потсетувајќи дека А. И. бил добро момче и уште подобар пријател.
„Каква тага. Засекогаш наш Шики“, „Сочуство до семејството, срцето ми се кине“, „Почивај во мир, добро момче“, „Беше полн со живот, штотуку почна да живееш, толку многу се мачешe “, се дел од објавите.
Медиумите потсетуваат дека денеска во 17 часот е планиран собир на местото на кое до смрт беше претепан тинејџерот и на кое граѓаните ќе запалат свеќа.
Според написите, 17-годишниот А. И., кој вчера беше брутално претепан, им подлегнал на повредите на Ургентниот центар во Лесковац. Соопштено е дека лекарите и покрај големата борба, не успеале да го реанимираат. Неколку часа по нападот на момчето, кое им подлегна на повредите, полицијата уапси неколку малолетници.
Регион
17-годишен тинејџер почина по тепачка во Лесковац: лекарите еден час се обидувале да го ожевеат
17-годишнoто младo момче кое околу 14 часот беше брутално претепано пред средното хемиско училиште во Лесковац, им подлегнало на повредите во болница, потврдиле од здравствената установа, пренесуваат тамошните медиуми.
Лекарите од итната служба се обидувале да го оживеат речиси цел час, но, според написите, момчето веќе бил донесено со возило на брза помош без знаци на живот.
„Донесен е во бесознание, со широки зеници, бледа кожа и мукозни мембрани, без пулс и немерлив притисок. Лекарите во Итната медицинска помош веднаш започнале со интензивна реанимација. За жал, смртта настапила во 15 часот и 45 минути. Причината за смртта ќе биде утврдена со обдукција“, изјавил директорот на Општата болница Лесковац.
Според неофицијални информации, како што пишуваат српските медиуми, младиот човек бил нападнат пред училиштето од двајца момци на жолт скутер кои побегнале од местото.
„Пулсот на момчето уште додека лежеше на асфалтот се губеше“, според лекарите од итната помош.
Според очевидци, пријателот на момчето бил приведен во полициска станица за да даде исказ како сведок.
Порталите во соседството пренесуваат дека момчето било ученик на Текстилното училиште и дека живеело во згрижувачко семејство. Полицијата и инспекторите се излезени на местото на настанот а по напаѓачите интензивно се трага.