Македонија
Бочварски: Ќе се гради патот до Луковица, обезбедивме 15 милиони денари
Обезбедивме 15 милиони денари за општина Желино за изградба на локалниот пат во Луковица. Со ова решаваме огромно прашање на жителите, истакна министерот Благој Бочварски, кој денеска се сретна со локалното население во село Луковица.
Министерот Бочварски, заедно со пратеничката Фаница Николоска и градоначалникот на општина Желино, Бљерим Сејди, ги информираа жителите дека средствата се обезбедени и префрлени на Општината и најбргу што може ќе почне изградбата на патот во должина од 6 километри.
![]()
„Кон крајот на минатата година имав неколку средби со жителите од Луковица, кои го потенцираа значењето на овој пат. На нивно барање експресно го решаваме ова прашање, обезбедивме средства и еве денеска во пресрет на празникот дојдов во посета на селото да ги информираме жителите дека патот до селото ќе го изградиме за што обезбедивме 15 милиони денари. Денеска остварив средба и со градоначалникот на општина Желино, на која разговаравме за инфраструктурните проекти и за рехабилитацијата на локалните патишта во општината, проект што го работиме преку Министерството за транспорт и врски. Ова е добар пример за соработка меѓу централната и локалната власт“, изјави министерот Благој Бочварски.
Градоначалникот Сејди истакна дека првпат ќе се прави патот до Луковица, проект што е од исклучително значење за месното население.
„Најбргу што може ќе ја провериме проектната документација што ја имаме и ако сè е во ред, веднаш ќе почнеме со процедурите за изградба. Сакам да истакнам дека ќе почнеме и со реконструкција на неколку локални патишта за што веќе се обезбедени средства“, истакна градоначалникот на општина Желино, Бљерим Сејди.
На средбата со градоначалникот, министерот информира и за плановите за изградба на обиколницата кај Тетово преку клучката кај Требош, како и за изградба на автопатските делници на Коридор 8.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трифонов по инцидентот во Скопје: Со сила, убавина не бива – ЕУ ќе ја гледате низ искривена леќа
Лидерот на бугарската политичка партија „Има таков народ“ Слави Трифонов се огласи во врска со инцидентот во бугарската амбасада во Скопјe. На 11 јануари, напаѓач фрли камен кон вратата на дипломатската мисија. Чинот беше снимен на безбедносните камери на амбасадата, по што мажот беше уапсен, а настанот опишан како изолиран случај и осуден од страна на македонските власти.
Според Трифонов, проблемот не е скршеното стакло, туку ставот. Обично сакате да го скршите стаклото на некој што не го сакате, нагласува Трифонов.
Тој истакна дека пред години бил во Скопје и видел огромен знак со големи црни букви: „Бугари, умрете“ во близина на бугарската амбасада. Според него, ништо не се променило од тогаш.
Мудриот бугарски народ има една соодветна изрека: „Со сила, убавина не бива“, истакна тој.
„Ако не сакате, ќе останете во Северна Македонија, ќе ги гледате глупавите, одвратни црни натписи, ќе скршите некое стакло од време на време, тајно ќе сонувате да имате бугарски пасоши, ќе доаѓате на море во Сончев Брег секогаш кога е можно, ќе ги праќате своите деца да студираат во Бугарија и ќе ја гледате Европската Унија низ искривена леќа. Објективно кажано, токму тоа го заслужувате“, истакна Трифонов, пренесе „Њуз.бг“.
Македонија
ДОМ: Конкретни решенија за една изборна единица, а не само декларативност
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) во пресрет на најавената меѓупартиска лидерска средба закажана за 14 јануари 2026 година од премиерот Христијан Мицкоски, ја поздравува можноста за дијалог за суштински политички консултации околу важни реформски закони и процеси што треба да ја зајакнат нашата држава и демократија.
„Како партија цврсто и доследно стоиме зад нашата долгорочна заложба за системски промени во изборното законодавство кои ќе обезбедат пообјективно и пофер политичко претставување на граѓаните на Република Македонија. Во таа насока, апелираме и бараме на агендата на лидерската средба да се стави и да се разговара конкретно за:
· Промена на изборниот модел, односно наместо постоечкиот пропорционален систем со шест изборни единици да се воведе изборен модел со една изборна единица.
ДОМ продолжува со своите заложби и иницијативи за една изборна единица како модел што го поддржуваме со години и сметаме дека е неопходен за подобра репрезентативност и еднаков глас за секој граѓанин:
* Една изборна единица гарантира еднаков глас за сите — без регионални нееднаквости и нерамноправности во вредноста на гласот на гласачите од различни делови на државата.
* Овој модел го зголемува степенот на пропорционалност во распределбата на мандатите, што е клучно за воспоставување пофер и поквалитетно демократско претставување.
* ДОМ ја поддржува идејата изборниот модел да биде со отворени листи и без праг за да се поттикне поголема одговорност на кандидатите кон граѓаните наместо кон партиските врвови.
* 50% жени на листите бидејќи родовата рамноправност не е само бројка, туку цивилизациска вредност. Затоа сметаме дека жените неопходно е да бидат рамноправно претставени во политиката и во процесите на донесување одлуки со цел доследно почитување на сите демократски вредности и приниципи на инклузивност.
За ДОМ ова не е партиски интерес туку општествена потреба што ќе го зајакне демократскиот процес и ќе овозможи гласовите на сите, без исклучок да се рефлектираат реално и праведно во составот на парламентот, како и можност, а во исто време и право на сите политчки субјекти рамноправно да ги презентираат и промовораат своите програмски определби пред сите граѓани. Сето тоа придонесува за поголема доверба на граѓаните во политичкиот систем.
Ја повикуваме власта и сите парламентарни групи да излезат од своите удобни позиции и да ја прифатат оваа заложба и иницијатива за рамноправен простор за сите политички субјекти. ДОМ како вонпарламентарна партија која долги години се залага за воведување една изборна единица ги става на располагање сите свои експертски и организациски ресурси со цел активно да придонесе во обликувањето на законските измени и во спроведувањето на неопходните реформски процеси“, велат од ДОМ преку соопштение.
Македонија
СДСМ ги повикува институциите да постапат по обвинувањата за тендери во општини под контрола на ВМРО
Антикорупцискиот тим на СДСМ очекува реакција од надлежните институции по, како што наведуваат, објавувањето на сомнежите за тендерски злоупотреби во општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
Според СДСМ, една иста фирма – „Пирамид билдинг солушнс“ – во периодот од 2022 година до денес добила 51 тендер во вредност од над 16 милиони евра, исклучиво од општини раководени од ВМРО-ДПМНЕ. Партијата наведува дека станува збор за модел на „тендерска пирамида“, во кој јавните средства завршуваат кај фирми блиски до владејачката партија.
„51 тендер. 16 милиони евра. Само една фирма“, се наведува во соопштението, со оценка дека додека нема средства за зголемување на платите и пензиите, пари има за тендери.
Од СДСМ јавно прашуваат зошто Јавното обвинителство, Финансиската полиција и Државната комисија за спречување на корупцијата не преземаат ништо, и бараат одговорност за наводните злоупотреби.
Партијата најавува дека ќе продолжи да објавува докази за, како што наведува, мрежа на сомнителни тендери и дека, според нив, „работата не е завршена“.

