Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Владата фатена во лага, не субвенционира 73% од сметките за струја

Владата едно збори дома пред граѓаните, друго кажува пред официјалните кредитори кои нѝ даваат пари.
Во извештајот на ММФ, со кој се побара заемот за ликвидност и предпазливост, стои: „Тарифите за струја и парно греење се зголемија за околу 30 проценти за просечниот потрошувач во текот на изминатата година. Дополнително, за да се поттикне помала потрошувачка на електрична енергија, истовремено обезбедувајќи дека секој може да си дозволи основна количина на електрична енергија, воведени се зголемени блок тарифи на регулираниот пазар за домаќинства“ соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„ Но, и покрај зголемувањето на цената на електричната енергија со што се намали делот којшто се субвенционира од буџетот, и покрај намалената количинска потрошувачка од страна на домаќинствата и малите бизниси на струја со што се намали количинската потреба за задоволување на регулираниот пазар, во 2022 година Владата на ЕСМ за електрична енергија му префрлила околу 207 милиони евра. Зошто?
Владата тврди дека со државните субвенции се субвенцинира 73% од износот на сметките за струја, но во извештајот на ММФ стои: „… за да се елиминираат фискалните субвенции, сѐ додека ЕСМ треба да снабдува повеќе од 100 проценти од сопственото производство за да ги задоволи потребите на регулираниот пазар, цената што ЕСМ ја наплаќа од ЕВН треба да се усогласи со нејзините вкупни производствени трошоци, вклучително и набавките на електрична енергија. Цената што ја наплаќа ЕСМ се проценува дека е 40 проценти под повратот на трошоците, кога се вклучува и целата надворешно набавена електрична енергија“. Ова значи дека цената по којашто ЕСМ и продава струја на ЕВН е 40% пониска од вкупните трошоци, за домашно производство и за увоз на струја. Со тоа, не може никако износот на сметките за струја да се субвенционира со 73%, туку истиот се субвенционира со 40%.
Уште повеќе, во извештајот стои: „… ЕСМ во моментов не бележи загуби на сопственото производство на електрична енергија, што претставува 75 проценти од електричната енергија што ја обезбедува за регулираниот пазар. Но, загубар е на останатите 25 проценти, кои се набавуваат од понеефикасни производствени капацитети или се увезуваат по многу висока увозна цена“ обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Со ова, како што додаваат, се потврдуваат сите досегашни тврдења на опозициската партија дека неефикасниот менаџмент на Владата не обезбедува 100 проценти електрична енергија за регулиран пазар од сопствено производство, туку 25 проценти го обезбедува од увоз по повисоки цени. Со ова се потврдува дека доколку електричната енергија беше од домашно производство тогаш ќе немаше ни загуби во работењето на ЕСМ, ниту ќе беа потребни високи фискални субвенции.
„ Со ова се потврдува фактот дека се субвенционира неспособноста и криминогеноста на енергетскиот менаџмент од буџетот, а не голем дел од сметките на струја. Сметките за струја започнаа да растат, а и во иднина ќе се усогласуваат со пазарните цени. Во извештајот стои: „ … За да се намали потребата од буџетски трансфери на државната компанија за електрична енергија, властите имаат намера дополнително да ги приспособат тарифите во јануари 2023 година“.
И покрај тоа што немаше енергетска криза, загубата на ЕСМ во 2020 година беше 17 милиони евра, во 2021 година се продлабочи на 28 милиони евра, а со продолжениот длабок криминал и тотално неефикасен енергетски менаџмент, господ да нѐ чува колку ќе биде во 2022 година.
Доста е од оваа неспособност, доста е од ова крадење и недомаќинско работење. Избори!“ порачаа од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.