Топ
11 лица приведени во Битола, затекнати во објект во кој се играл комар

Вчера, во периодот од 21.30 до 22.30 часот, полициски службеници од криминалистичката полиција при СВР Битола извршиле акциска контрола во објект на улицата Караорман во Битола, при што било утврдено дека во објектот неовластено се организира комар.
При контролата во објектот биле затекнати О. М., Е. Ш., Р. О., В. Р., М. Д., Н. А., Ѓ. А., Е. Р., И. Е., Р. А. и Б. М., сите од Битола.
Кај нив, како што соопшти полицијата, биле пронајдени и одземени повеќе банкноти во разни апоени.
Лицата биле лишени од слобода и по целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена пријава по член 398 од Кривичниот законик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвинителството ги кани на средба семејствата на жртвите од Кочани пред протестот најавен за утре

Јавното обвинителство кани на средба претставници на семејствата на жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ кои би сакале подетално да се запознаат со сите аспекти на истражната постапка, пред протестот најавен за утре.
„Доколку кај блиските на жртвите постои таков интерес, тие можат да определат свои претставници (најмногу по еден член од семејство на секоја од жртвите) кои ќе остварат средба со Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и обвинителите кои постапуваат во предметите“, велат од Обвинителството.
Македонија
Палевски вели дека не се пријавил во полицијата во Баликесир оти секако ќе го нашле, се видел на сите вести во пицеријата додека пиел еспресо

Обвинетиот за убиствата на Вања и Панче, Љупчо Палевски, во судот одговараше на прашањата на обвинителите.
Тој беше прашан зошто сам не се пријавил во полиција кога во Баликесир видел дека го бараат со меѓународна потерница. Рече дека пред да биде уапсен го вратил клучот од куќата на сопственикот затоа што сметал дека е јасно оти ќе биде уапсен.
„Без разлика на големината на Баликесир, кога 48 часа сте во градот, не може да знаете каде се судот, Обвинителството и полициската станица. Затоа, реков дека во истиот ден двапати се вратив во пицеријата по што вториот пат бев лишен од слобода на регуларен, нормален начин. Немам приговори на однесувањето на турската полиција, освен една забелешка, која вашиот претпоставен Бубевски ја злоупотреби. Еден од вработените од Интерпол ме извади во ходникот, ме фотографира и фотографијата на ‘Воцап’ му ја испрати на Оливер Спасовски. Подоцна мојот адвокат во Турција ми испрати печатени вести од Македонија, каде што ја видов оваа фотографија. Тоа се ваши класични злоупотреби и на предистрагата и на самата истрага, каде што ги фотографирате осомничените и им ги праќате на медиумите. Немало бегање и не сум променил град на престој по сознанието дека сум осомничен“, рече Палевски.
Потоа обвинителката му рече дека ако сакал, можел и од самата пицерија да се пријави бидејќи бил баран со меѓународна потерница, а прашањето беше насочено кон тоа дали седел без намера да се пријави, Палевски одговори: „И еспресо пиев“.
Додаде и дека не барал полициска станица. На мониторот во пицеријата на сите вести во Турција се гледал себеси.
„Зошто да барам станица кога ќе ме најдат? На 2 декември, Дејан Димовски, оној што вистински ја водел истрагата, а не вие, барал од мојот адвокат Стојков преку телефон да му кажам каде се наоѓам, да му кажам каде сум се движел на 27 ноември. На полицијата ѝ кажав дека сум во Баликесир“, рече Палевски.
Обвинителката Жаклина Јосифовска го праша и каде одел и зошто, иако тврдеше дека го боли грбот и одел во Белград по второ мислење за болеста, со себе немал ниедно ливче од медицинската документација.
„Имав две цедиња во куферот, Обвинителството ми ги украде“, рече Палевски.
Прашан беше и за денот кога беше грабнат и убиен 74-годишниот Панче Жежовски од Велес и за лицето што вели дека го сретнал, но рече дека не може да се сети на неговото име и презиме. Додека ја шетав Хера, рече Палевски, среќавав многу луѓе.
„Кога и како ќе се осмели тоа лице да се појави пред судот, не знам, но за разлика од ЈО, моите тврдења до сега, како и за пиштолот што недостига, се поткрепени со материјални докази“, одговори Палевски.
Прашан дали однапред платил кирија за декември и покрај лошата финансиска состојба на партијата за да си обезбеди алиби, Палевски одговори: Токму тоа што не сум правел алиби како што сум можел, покажува нешто друго, а не да грабнуваш и да убиваш. Дополнително, слушнавте дека обвинетите рекоа оти се плашеле од мене, тогаш зошто би убивал кога сум можел само да им наредам да го направат тоа.
Македонија
(Видео) Кузеска: Нов скандал, братот на градоначалникот Стефковски лета по улиците, за него не важат законите

Денеска објавуваме нов скандал. Граѓаните ќе видат она што одамна го знаат: функционерите на власта прават што сакаат, без никаква одговорност. Со ДПМНЕ и Панче Тошковски на чело на МВР, наместо ред и поредока, царуваат неказнивоста и селективноста, истакна на прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ
„На 20 април 2025 година, точно во 18:31 часот, на булеварот „Александар Македонски“ во Скопје, полицијата со радар фаќа возило со преголема брзина, далеку над дозволената. Станува збор за ова возило „Мини Купер“ со скопски регистарски таблички, управувано од Далибор Стефковски — брат на градоначалникот на Гази Баба, Борче Стефковски. Тој воедно е и сопственик на автомобилот. Среде Скопје, братот на градоначалникот летал со 88 километри на час, иако дозволената брзина е 50 километри на час. Свиркачи од МВР ни доставија видео-снимка од радарот, на која јасно се гледа колку вози Стефковски среде Скопје“, кажа Кузеска.
Полицајците, како што појасни го стопирале за да го казнат за пребрзо возење, но тогаш Далибор Стефковски телефонски контактира со некој во МВР.
За само една минута, началник од МВР, кој според информации на СДСМ тогаш дури и не бил во земјата, се јавил на полицајците и им дал наредба: братот на градоначалникот да не биде казнет и да биде ослободен.
Бидејќи прекршокот веќе бил евидентиран, наредено им било казната да ја запишат на друго лице.
Така, казната, според Кузеска е издадена на лице со иницијали С.Ј., под налог број 07929.
„И оваа документација свиркачите ја доставија до нас, нема да ја објавуваме за да ги заштитиме. Секојдневно луѓе ги губат животите на улиците поради несовесни возачи, сообраќајки со тешки последици има на секој чекор. Сè уште се свежи болните спомени на трагично прегазената Фросина во Скопје. И што прават Тошковски и МВР? Наместо да обезбедат почитување на законот, ги штитат прекршителите — само затоа што се функционери на ДПМНЕ. Полна му беше устата на Тошковски со празни ветувања дека „секој ќе одговара“. Денес, гледаме дека тоа биле само лаги. „Брат да ми е, ќе одговара“ е најголемата лага на Тошковски. Законот за нив не важи“.
Ако за брат на фукционер на ДПМНЕ нема одговорност, како што рече Кузеска, што да очекуваат граѓаните кога станува збор за повисоките функцинери.
Таа додава дека функционерите на ДПМНЕ се над народот, над законите и над Уставот.
За нив, како што оценува, нема одговорност.
„Сите други се виновни, само тие не. СДСМ бара целосна истрага, одговорност за сите вмешани полициски службеници и санкции за сите инволвирани — почнувајќи од Панче Тошковски па надолу. Со Тошковски, законот не важи за функционерите на ДПМНЕ. Ова е безаконие. Време е за одговорност“, порача Кузеска.