Македонија
Потпишан правилникот за функционална проценка на деца и млади со попреченост
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, министерот за здравство, Беким Сали и министерот за образование, Јетон Шаќири денеска во Владата го потпишаа правилникот за функционална проценка на деца и млади со попреченост.
Со правилникот за функционална проценка на деца и млади со попреченост се доуредува начинот на функционирање на стручните тела за проценка, начинот на вршење на проценката, како и начинот на остварување на дополнителната поддршка од областа на образованието, здравството, социјалната заштита и заштитата на децата. Правилникот беше подготвуван во изминативе три години со меѓусебна соработка на Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Министерството за образование и наука и Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост во Република Северна Македонија, а со поддршка на УНИЦЕФ.
„Големо достигнување е што секторите за здравство, образование и социјална заштита во Северна Македонија работат заедно на унапредување на правата и подобрување на животниот стандард на децата и младите со попреченост. УНИЦЕФ е подготвен да продолжи со поддршка на Владата и на заедниците”, рече Патриција Ди Џовани, претставничката на УНИЦЕФ.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, на настанот, нагласи дека мерките за дополнителната поддршка и услугите за децата со попреченост од денеска ќе се обезбедуваат врз основа на наод и мислење на стручните тимови за функционална проценка и стручните тимови за координација и следење на спроведувањето на функционална проценка.
„Денеска сме заедно тука да го заокружиме процесот со донесување на Правилникот за функционална проценка, со кој го пропишуваме начинот на спроведување на проценката, како и мерките за дополнителна поддршка од областа на образованието, здравството, социјалната заштита и заштитата на деца и млади со засегната здравствена состојба до 26 годишна возраст. Тука денеска пишуваме историја, заедно ја менуваме реалноста на лицата со попреченост. Заедно ги прошируваме хоризонтите. Но, тука не застануваме! Почитувани, сакам да ве известам дека веќе се подготвува предлог Закон за единствен систем за проценка, со што лицата со попреченост само еднаш ќе треба да одат на проценка и со тоа мислење ќе можат да пристапат кон сите права кои им следуваат по основ на различни закони. Во план е воведување на професионална рехабилитација и работно оспособување. Нашата цел е лицата со попреченост да бидат вклучени на пазарот на труд, но и да ги задржат нивните работни места“, потенцираше министерката Тренчевска.
Министерот за здравство, Беким Сали појасни дека за воведување на овој модел за функционална проценка на деца и млади, развиен во согласност со Меѓународната класификација на функционирањето, биле спроведени низа активности во насока на усогласување на легислативата во нашиот здравствен систем. Според министерот Сали, главна задача на надлежните стручни тела е систематски да ги собираат достапните информации за детето и неговата околина и да применуваат процедури за мерење на функционирањето и за проценка на неговата основна здравствена состојба. Говорејќи за работата на Службата за функционална проценка на деца и млади, министерот Сали истакна дека досега стручните тела реализирале над 2.100 проценки, а паралелно почнале и со издавање на контролни проценки.
Според министерот за образование и наука, Јетон Шаќири Правилникот е важен инструмент за подигнување на степенот на инклузивност на националниот образовен систем. Како што рече, во него прецизно се дефинирани сите чекори од првично проценување на потребите на ученикот, до одредување на типот на поддршка и обезбедување на таа поддршка низ образовните установи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на министерот Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата Лафчиски со амбасадорката Агелер
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во Министерството за одбрана заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајот, Сашко Лафчиски остварија проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер на која присуствуваше и одбранбеното аташе, Даниел Скваерс.

За време на средбата министерот Мисајловски истакна дека во изминатиов период соработката со амбасадорката Агелер и амбасадата на САД беше на одлично ниво, благодарение на кое стратешкото партнерство кое го имаат нашите две земји во континуитет се унапредува. По повод завршување на мандатот на амбасадорката Агелер, Мисајловски изрази благодарност за нејзината професионална поддршка, искрена посветеност и личен ангажман што придонесе за продлабочување на нашето меѓусебно разбирање и пријателство и даде дополнителен импулс во градењето на ова важно партнерство и ѝ посака успех и лично исполнување во натамошната кариера.

Мисајловски додаде дека од особена важност е улогата и континуираната поддршка од САД за развој на одбранбените капацитети кои се столбот на мирот и безбедноста на државата, но и на поширокиот регион што претставуваат дополнителна придобивка за воспоставениот имиџ на Министерството за одбрана и на македонската Армија во рамките на НАТО Алијансата и пошироко.

Началникот на Генералштабот генералот Лафчиски изрази искрена благодарност до амбасадорката Агелер, истакнувајќи дека значителен дел од зацртаните цели во билатералната одбранбена соработка успешно се реализирани за време на нејзиниот мандат. Генералот ја потенцираше и одличната соработка меѓу Армијата и Вооружените сили на САД, која се реализира преку бројни програми за поддршка во различни области на одбраната кои придонесуваат за зајакнување на интероперабилноста помеѓу двете армии.

„Еден од најголемите дарови во животот е кога ќе имаш можност да работиш со луѓе кои не само што ти се допаѓаат, туку и кои искрено ги почитуваш и од кои учиш. Сакам да нагласам дека со министерот Мисајловски и началникот Лафчиски и со сите ваши соработници имавме можност да работиме заедно на прашања кои значат, на прашања кои значат за НАТО и за регионот и јас ви се заблагодарувам на сите за поддршката за време на мојот мандат“, нагласи амбасадорката Агелер.
Македонија
(Видео) „Сопственикот на фирмата со 51 тендер бил член на Избирачки одбор од ВМРО-ДПМНЕ“, вели Огњеновиќ
„Скандалот што го објави Антикорупцискиот тим на СДСМ за фаворит фирмата на ВМРО која од општините добила 51 тендер вредни 16 милиони евра има и друга позадина која денеска ја откриваме. Станува збор за фирмата „Пирамид билдинг солушнс“ и за нејзиниот сопственик, извесен Петар Доновски кој е член на Избирачки одбор од ВМРО-ДПМНЕ, на Избирачко место 2680 во Општина Аеродром. По престанување на мандатот на Доновски, ВМРО-ДПМНЕ на негово место назначува друг партиски претставник. Дали сега е јасно за поврзаноста со ВМРО и политичкото влијание? Само од општина Аеродром оваа омилена фирма има добиено 22 тендери“, рече Петар Огњеновиќ, член на ИО на СДСМ, на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека ако ова не е конфликт на интереси и политичко влијание врз доделувањето на тендерите тогаш што е?
„Но овој скандал открива и нешто друго. А тоа е поврзаноста на тендерите со избирачкиот процес. Уште еден доказ зошто Техничката влада мора да остане. Ако некој што бил во избирачки одбор именуван од ВМРО-ДПМНЕ добива милионски тендери, може да замислите на што би личеле избори без контролни механизми од опозицијата? Затоа не сакаат опозицијата да учествува во техничката влада, затоа што не сакаат да бидеме сведоци на криминалот и корупцијата“, рече Огњеновиќ.
„Техничката влада мора да остане. Ако ја укинат техничката влада, ќе ја убијат и онаа малку шанса што постои за фер избори. Тоа не смееме да им го дозволиме“, изјави Петар Огњеновиќ, член на Извршниот одбор на СДСМ.
Македонија
Сали-Солстром: Европската интеграција останува еден од клучните приоритети на Владата
Министерот за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром.
На средбата беше реафирмирано одличното партнерство меѓу двете земји и континуираната поддршка на Шведска за европскиот пат на Северна Македонија, како и значењето на зачувување на позитивниот моментум во политиката на проширување на Европската унија.
Сали истакна дека европската интеграција останува еден од клучните приоритети на Владата, со фокус на спроведување на реформите во фундаменталните области, особено владеењето на правото и модернизацијата на јавната администрација.
Соговорниците разговараа и за пристапниот процес во ЕУ, за најновите активности во рамки на Реформската агенда и Планот за раст за Западен Балкан, како и за значењето на регионалната соработка како столб за напредок кон Заедничкиот регионален пазар и постепена интеграција во Единствениот пазар на ЕУ.
Беше истакнат и значајниот придонес на Шведска во Западен Балкан преку реформската соработка 2021–2027, со фокус на демократија, човекови права, владеење на правото, родова еднаквост, одржлив еколошки и економски развој, како и изградба на мирни и инклузивни општества.
Министерот му се заблагодари на амбасадорот Солстром за континуираната поддршка од Шведска и изрази подготвеност за продлабочување на билатералната соработка и понатамошна координација во рамки на европската перспектива на земјата.

