Економија
Ковачевски: Нова странска инвестиција во новата година, 2022 во ТИРЗ најуспешна досега

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска ја најави првата голема странска инвестиција што ќе се отвори во Технолошко-индустриската развојна зона во Штип. Станува збор за втора инвестиција на канадската компанија Magna International Inc., која дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, модули и компоненти што се испорачуваат на сите најзначајни производители на автомобили во светот. Компанијата веќе има една инвестиција во ТИРЗ Струга за производство и склопување ретровизори и други технолошки продукти за автомобилската индустрија. Во ТИРЗ Штип компанијата ќе отвори нова фабрика, каде што тест-производството се планира да биде годинава, а сериското производство ќе почне во првата половина од 2024 година. Премиерот Ковачевски истакна дека со политиките што ги креира Владата се создава подрачје за безбедно инвестирање, а со тоа се создаваат услови за нови и добро платени работни места.
„Нема поголем влог во државата од тоа младиот кадар своето знаење и труд да го инвестира во сопствената земја и да биде движечка сила за напредок на државата, таа можност им ја должиме на младите генерации и по секоја цена ќе ја оствариме. Нашите граѓани заслужуваат европски услови за работа и европски плати. Остануваме фокусирани на приоритетите, на квалитетниот живот на граѓаните и на растот на економијата. Граѓаните и бизнис-секторот се уверија и што е најважно – ги почувствуваа помошта и поддршката од сеопфатниот пакет-мерки за справување со енергетската криза, оваа година ќе биде подобра, но ќе продолжиме да се грижиме за сите. Владата мисли на своите граѓани и како и досега така и во иднина никого нема да остави да се справува сам во време полно со предизвици“, рече премиерот Ковачевски.
Ковачевски потенцира дека Северна Македонија може уште повеќе да напредува и да се развива, а таква можност препознаваат многу странски етаблирани компании на светско ниво и одлучуваат да инвестираат во државата. „Технолошко-индустриските развојни зони 2022 година ја завршија со 2.300 нови работни места, над 430 милиони евра нови инвестиции, а во октомври лани се надмина и највисоката граница на извоз од три милијарди евра, што беше претходен највисок резултат постигнат во 2021 година“, истакна премиерот.
Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ, истакна дека 2022 е најуспешната година досега и веќе ја почнуваме годинава со нова странска инвестиција.
„’Магна мехатроникс’ станува дел од семејството на ТИРЗ. Годинава ја почнуваме со нова инвестиција од 40 милиони евра, која во првата фаза ќе донесе 600 нови работни места. Она што е важно е дека минатата година извозот на компаниите во зоните достигна највисоко ниво од 3,7 милијарди евра, односно 25 % над највисоката точка, која ја достигнавме во 2021. Годинава ја завршуваме и со нето-ефект на извозот и увозот од над 10 %. Тоа се пари што се останати во домашната економија. Првичните пресметки велат дека 40 % од овие средства се останати и во буџетот и во џебот на над 16.300 наши сограѓани што работат во овие компании. Само во 2022 имаме над 2.300 нови работни места.
Она што е исто така важно е дека за секој денар исплатена поддршка од државата во буџетот се враќаат 4. Имаме и зголемен обем на инвестиции, но и зголемен квалитет и зголемена додадена вредност. Очекувам дека и годинава ќе продолжи забрзаниот раст на работни места и нови инвестиции“, изјави директорот Деспотовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.
Економија
Халкбанк со Промо депозит по повод месецот на штедење

По повод октомври, месецот на штедењето, Халкбанк АД Скопје ја започна својата традиционална кампања посветена на промовирање на финансиската писменост и одговорно управување со личните финансии, преку воведување на нов Промо депозит создаден за да им овозможи на граѓаните поповолни услови за заштеда и дополнителна сигурност во време на економски предизвици.
Депозитот може да се отвори во сите филијали и експозитури на Халкбанк низ земјата. Минималниот износ на вложување е 30.000 денари или 500 евра, а каматната стапка е фиксна иизнесува 3% за штедење во денари, односно 2% за шедење во евра или долари, а рокот на орочување е 13 месеци. Штедењето во американски долари претставува новитет во понудата на банката, со што клиентите добиваат дополнителна можност за диверзификација на своите заштеди. Клиентите можат да изберат исплата на каматата на крајот на периодот на орочување или месечно, во зависност од своите потреби и планови.
За овој депозит не се дозволува делумно повлекување или дополнителни уплати пред истекот на рокот, што овозможува целосна стабилност и предвидливост на приносот.
„Халкбанк секоја година го одбележува mесецот на штедењето со посебни понуди и иницијативи, со цел да ги охрабриме граѓаните да размислуваат долгорочно и одговорно кон своите финансии. Штедењето не е само индивидуална придобивка, туку и темел на стабилен економски систем. Затоа, секоја година во овој период нудиме дополнителни стимули за штедачите. Преку Промо депозитот им овозможуваме на нашите клиенти сигурен, транспарентен и исплатлив начин да ги зголемат своите заштеди,“ велат од банката.
Со оваа кампања, Халкбанк уште еднаш ја демонстрира својата улога како одговорна и стабилна банка, која се грижи за финансиската благосостојба на своите клиенти и постојано нуди решенија што ги поддржуваат нивните цели и планови.
Халкбанк потсетува дека штедењето е првиот чекор кон финансиска сигурност и независност, а со внимателно управување со средствата, секој може да го изгради сопствениот пат кон стабилна иднина.
ПР
Економија
Божиновска со амбасадорот Сулстром: Шведска поддршка за енергетски реформи и инфраструктурни проекти во Македонија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Н.Е. г. Ола Сулстром.
На средбата беше потврдена досегашната добра соработка меѓу двете земји и изразен заеднички интерес за нејзино продлабочување, особено во делот на енергетиката и инфраструктурните проекти.
Министерката Божиновска го запозна амбасадорот Сулстром со клучните стратешки проекти на Министерството во областа на енергетската инфраструктура и енергетската ефикасност, како и со плановите за забрзување на енергетската транзиција. Таа посочи дека Македонија е посветена на модернизација на енергетскиот систем, зголемување на учеството на обновливите извори и подобрување на енергетската одржливост, што отвора можности за соработка со шведските партнери и компании.
Во фокусот на разговорот беше и можноста за искористување на Фондот за техничка документација (TDF), инструмент преку кој Шведска поддржува изработка на техничка документација за инфраструктурни и енергетски проекти. Досега македонски проекти не учествувале во овој фонд, а министерката Божиновска истакна дека учеството во TDF би можело да биде значајно за унапредување на проектите во областите на енергетската ефикасност, модернизацијата на инфраструктурата и паметните енергетски решенија со оглед на големото искуство на шведските компании и институции во овие области.
Тој истакна дека голем број шведски компании се заинтересирани за случувањата во енергетскиот сектор во Македонија и регионот, при што изрази желба да се поттикне поголема економска соработка – како преку присуство на шведски фирми во македонскиот енергетски пазар, така и преку настап на македонски компании на шведскиот пазар.
Амбасадорот Сулстром нагласи дека Шведска останува силен пријател и поддржувач на Македонија во процесот на евроинтеграциите и изрази надеж дека земјата ќе стане полноправна членка на Европската унија во најскоро време.
Средбата помина во конструктивна атмосфера, со заедничка определба за интензивирање на билатерарната соработка и иден развој на партнерства во полето на одржливата енергија и зелениот развој.