Свет
ЕУ: Рускиот напад на станбена зграда е воено злосторство
Портпаролот на ЕУ за надворешна политика Петер Стано ги осуди денешните руски напади врз украинските градови.
Посебно го осуди нападот врз станбена зграда во Днепар, во кој загинаа најмалку 35 цивили, меѓу кои и две деца.
„ Русија продолжува да го покажува своето нехумано лице и продолжува со своите брутални ракетни напади. Овие акции се воени злосторства и мора веднаш да престанат. Нема да има неказнивост за овие дејствија. ЕУ силно, најостро, ги осудува руските напади врз цивили, вклучително и нападите врз енергетска инфраструктура“, изјави тој.
Додаде дека овие акции само ја зајакнуваат решеноста на ЕУ да и помогне на Украина и дека ЕУ ќе ја прошири својата помош за Украина се додека тоа е потребно. Ова, рече тој, е уште еден доказ за тоа како Русија го ескалира овој конфликт. Зборувајќи за европските санкции против Русија, Стано рече дека санкциите имаат негативно влијание и врз ЕУ.
„ Се воведуваат рестриктивни мерки за да се покаже дека не се согласувате со кршење на меѓународните закони, Повелбата на Обединетите нации или човековите права. Кога станува збор за санкции против трговијата, енергијата…билатералните односи со партнерот со кој сте имале размена во минатото, секако дека има и влијание врз нас. Но, не смееме да заборавиме дека најголемото влијание на санкциите е на другата страна, кај оние што ги санкционираме“, вели тој.
Стано рече и дека веќе може да се види дека санкциите ја постигнуваат својата цел и ја „намалуваат способноста на Кремљ да напредува“ во нападите.
„Путин не постигна ниту една од своите стратешки цели што ги формулираше во февруари и има проблеми да ги продолжи акциите на неговата војска убијци и ограбувачи“, рече Стано.
На прашањето дали размислува за дијалог за ставање крај на војната, Стано изјави дека дијалогот отсекогаш бил политика на Унијата.
Тој потсети дека пред точно една година ЕУ била подготвена да преговара со Русија за сите прашања, но дека Русија одбила.
„Рускиот одговор беше отфрлање и напад на Украина. Досега Русија не покажа желба за разговор. Имаше напори во таа насока, посети, телефонски разговори со Кремљ, кои Путин секогаш ги одбиваше“, заклучи Стано.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Погоден е аеродромот во Кувајт, гори хотел во Дубаи
САД и Израел го нападнаа Иран утрово. Најмалку три експлозии се слушнаа во Техеран, главниот град на Иран, а беа погодени и голем број други ирански градови.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, тврди дека нападот ќе ја прекине безбедносната закана за САД и ќе им понуди на Иранците можност да ги соборат своите владетели. Израелската влада прогласи вонредна состојба поради очекуваната иранска одмазда со беспилотни летала и балистички ракети.
Иран одговори со испукување ракети кон Израел, соопшти израелската војска. Иран, исто така, изврши напади врз американски воени објекти во Бахреин, Обединетите Арапски Емирати, Катар…
Се очекува говор на ајатолахот Али Хамнеи, објави Би-Би-Си, наведувајќи дека неговиот говор наскоро ќе биде емитуван. Не е јасно дали тоа ќе биде снимена порака или иранскиот врховен лидер ќе зборува во живо. Неговото моментално место на живеење е непознато. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, тврди дека, доколку тој знае, ајатолахот е жив, а Ројтерс претходно објави дека е префрлен од Техеран на „безбедна локација“.
Израелската војска во саботата попладне објави дека изведува нови напади врз ирански ракетни лансери, како дел од заедничкиот напад со САД врз Иран, додека Техеран, исто така, објави дека изведува нов бран напади врз американски цели во регионот.
Израелските воздухопловни сили „започнаа со прелети и моментално напаѓаат ракетни лансери во Иран за да спречат закана за Државата Израел“, се вели во краткото воено соопштение.
Пожар избувна пред луксузниот хотел „Фермонт Палм“ во Дубаи. Пожарот наводно бил предизвикан од остатоци што паднале од небото за време на ирански ракетен напад, а автентичноста на снимката ја потврди „Скај њуз“.
Fairmont Dubai Palm on fire. Heard loud explosion, stay safe pic.twitter.com/HLo8oS6dSc
— Alex | The Modern Freelancer (@alex_tfmg) February 28, 2026
Свет
Нов бран напади против иранските ракетни фрлачи почнаа израелските воздухопловни сили
Израелските воздухопловни сили спроведуваат нов бран воздушни напади против иранските балистички ракетни фрлачи, соопшти ИДФ.
– Воздухопловните сили почнаа операција и во моментов ги напаѓаат ракетните фрлачи во Иран за да ги отстранат заканите за државата Израел – се вели во соопштението на војската што го пренесе Тајмс оф Израел.
Свет
ОН свикаа итна седница на Советот за безбедност по нападите врз Иран
Советот за безбедност на ОН свика итна седница по американските и израелските напади врз Иран и одмаздничките напади од страна на Техеран.
Седницата, која треба да почне во 16 часот (21:00 по Гринич), ќе биде посветена на „ситуацијата на Блискиот Исток“, соопштија Обединетите нации.
Средбата беше побарана од Франција и Бахреин, според израелската делегација во светската организација.

