Македонија
Ковачки до Ахмети: Кажи кои Македонци ти нуделе поделба на Македонија
Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, побара од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, да каже кој му понудил поделба на Македонија.
„Ахмети повторно зборува за воениот конфликт во 2001 година и признава дека македонската страна била таа што му понудила поделба на Македонија, но бидејќи тој бил посветен на Македонија, не прифатил поделба (?!). Тука се поставува едно прашање и кое доколку е искрен пред Македонците како што сака да се претстави, Ахмети треба да го одговори: Кој е тој од македонската страна што нудел поделба на државата, неговиот коалициски партнер Љубчо Георгиевски или другиот коалициски партнер – СДС? Граѓаните треба да добијат одговор и да знаат кој е тој што си зел право да одлучува во име на сите тогашни и идни генерации Македонци, но и на сите други граѓани врз кои почива суверенитетот на државата и дали таквите лица сè уште се на платен список на граѓаните на Македонија“, праша Ковачки.
Пратеникот оцени дека од настапите на Али Ахмети пред своето членство повторно гледаме дека кога се отвораат прашањата за борба со корупција и кога е очигледно дека, конечно, е дојдено време да се стави крај на пљачкањето и понижувањето на Македонија и Македонците, тој отвора теми кои се националромантични и не носат никаков напредок на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на средба со ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денес одржа работен состанок со ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопјe, проф. Беким Фетаји, како и со претседателот на Синдикатот на Универзитетот, проф. Авни Авдиу.
За време на средбата, соговорниците разговараа за можностите за зајакнување на соработката меѓу Собранието и академските институции, со посебен фокус на подобрување на квалитетот на образованието и потребата од одржливи реформи во оваа област.
Беа разменети мислења за конкретни чекори што можат да се преземат за подобрување на условите за академскиот кадар и студентите, како и за зголемување на ефикасноста и транспарентноста на образовниот систем.
Ректорот го информираше претседателот за развојните проекти и планови на Универзитетот, додека претседателот Гаши, од друга страна, изрази целосна подготвеност да ги поддржи овие напори, соопштија од Собранието.
„Гаши високо го пофали придонесот на Универзитетот „Мајка Тереза“ и целиот персонал во развојот на образованието во земјата, охрабрувајќи ги континуираните напори за квалитетно, современо и инклузивно образование“, се наведува во соопштението.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната кинеска амбасадорка Џианг Сјаојен
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Народна Република Кина, Џианг Сјаојен.
Обете изразија задоволство од квалитетот на македонско-кинеските односи, втемелени на заемна почит и разбирање.
За Сиљановска-Давкова, забрзаната интеграција во Европската Унија е македонски стратешки приоритет, а дијалогот – единствен начин за решавање на регионалните и глобалните проблеми и предизвици.
Пренесувајќи ги срдечните поздрави од претседателот Си Џинпинг и изразите на највисоко почитување од кинеската влада и народ, кинеската амбасадорка истакна дека Народна Република Кина е наш искрен, доверлив и сигурен пријател којшто ги почитува суверенитетот на македонската држава и достоинството и интегритетот на македонскиот народ.
Претседателката ги поздрави активностите на Катедрата за македонски јазик, при Универзитетот за странски студии во Пекинг.
Соговорничките препознаа неискористен потенцијал за проширување и продлабочување на соработката во економијата, образованието, културата, науката и туризмот.
Тие веруваат и го поддржуваат ефективниот мултилатерализам, чијшто центар на одлучување ќе бидат реформираните Обединети нации.
Македонија
Ѓорѓиевски најави: Вечерва почнуваат 72 часа за чистење на секој агол на Скопје
Новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој денеска ја презеде функцијата од неговата претходничка, Данела Арсовска, најави дека вечерва во 20 и 30 часот почнува големата акција за чистење на градот.
„Од овој ден испишуваме ново поглавје во историјата на нашиот град. Поглавје исполнето со работа, посветеност и резултати. Ветивме дека ќе работиме чесно, одговорно и без одлагање и тоа започнува веднаш! Во 20:30 часот започнува големата акција за чистење на градот. Во следните 72 часа ќе го исчистиме секој агол, секоја улица, секој запуштен простор. Скопјани повеќе нема да живеат во запуштеност ќе живеат во град достоен за нив. Тоа е она што го ветив пред вас и за што цврсто стојам!“, објави Ѓорѓиевски.
Тој, исто така, кажа дека ги отстранил и рампите кај Град Скопје.

„Ги отстранивме и рампите. Скопје повеќе нема да биде затворен град, сега е отворен и за медиумите и за сите граѓани“, објави новиот градоначалник.
Ѓорѓиевски најави и целосна ревизија на работата на градската администрација и ветува дека секој кој не ја извршувал својата работа, ќе си замине, а секој чесен, вреден и одговорен работник ќе биде награден и почитуван.

