Македонија
Град Скопје поднесе кривична пријава против цементарницата „Титан Усје“ за загадување на воздухот
Град Скопје ја поднесе најавената кривична пријава против цементарницата „Титан Усје“ во која одговорност, освен од правното, се бара и од одговорното лице Борис Хрисафов, кој како надлежен за спроведување на обврските што произлегуваат од А-интегрираната дозвола, која ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање, не се придржувал кон истите обврски за максимално дозволените граници на испуштање штетни гасови во амбиенталниот воздух.
Имено, како што тврдат од Град Скопје, цементарницата „Титан Усје“ испуштала значително поголема концентрација ПМ 10-честичкии од котлите за загревање што работеле на мазут наместо на природен гас при мерењата извршени на 3 и 4 јануари. Односно, наместо дозволениот максимум од 50 микрограми/м3, од оџакот се испуштале 121 микрограм/м3 секој час.
Исто така, забележано е зголемување на испустот на азотни оксиди за најмалку двапати, односно, наместо дозволените 350 мг/м3, се испуштале 711 мг/м3 секој час.
Производниот процес на цементарницата „Титан Усје“ е непрекинат и се одвива секој час од секој ден во текот на годината.
„Поради овие дејства, против цементарницата ‘Титан Усје’ и одговорното лице Борис Хрисафов, на иницијатива на градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, денес се поднесе кривична пријава во согласност со член 234 од Кривичниот законик – тешки дела против животната средина и природата во врска со член 218 од истиот закон со наслов ‘Загадување на животната средина и природата’. За овие дела е предвидена затворска казна“, велат од Град Скопје.
Апелираат до Основното јавно Обвинителство во Скопје темелно да ги истражи наводите и да постапи по пријавата соодветно. Граѓаните на градот Скопје недозволиво е да бидат жртви на профитите на неколкумина, кои со децении нè трујат и кои не смее да бидат амнестирани од одговорноста за загадувањето на животната средина, од кое илјадници граѓани страдаат од многубројни заболувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Села: Не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии
Зијадин Села од Алијанса за Албанците во интервју за Трилинг по изборите и изборните резултати и случувања, вели дека се работи за изборен инжинеринг и закрупнување на неколку политички сили. Според Села, не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии.
„Тука се најглавните албански партии. А дали сме подготвени за во опозиција, по демократските правила, тоа не го кажувааат политичките чинители, тоа го кажува народот, кој гласаше на 8 мај за Европскиот фронт да презема одговорности и да биде дел од власта“, вели Села.
Тој смета дека „погрешна е дефиницијата за коалицирање победник со победник, треба да е мандатар со победник. Победникот од македонската страна е дефиниран со Устав. Демографската реалност е за да има стабилност и да одиме напред, треба да се испочитува волјата на втората етничка заедница која е 30%, наспроти 54% кои се Македонците, според последниот попис“.
Додава дека Владата треба „да се изјасни во врска со обидот за изборен инженеринг. Според Пржинскиот договор, на техничкиот премиер е да обезбеди фер и демократски избори. Тие не се надвор од одлуките кои се носат во ДИК и Управен суд. Техничката влада е договор на најголемите политички партии“.
За тоа како Европскиот фронт ќе се однесува како опозиција во Собранието, Села вели „треба да се почитува желбата на граѓаните, не на Мицкоски. Ние ќе се однесуваме сразмерно на тоа како ќе биде решено. Не сакам да коментирам желби. Од ДИК се уште не се објавени мандатите, кој колку има. Се уште Мицкоски не е мандатар“.
Македонија
Денес малку сонце, па облачно, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне наместа, особено во северните делови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме со силен ветер и изолирана појава на град.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.