Македонија
Градоначалникот Митовски ќе биде казнет ако му удирал шамари на полицаец, вели Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски уверува дека градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, ќе биде казнет ако му удирал шамари на полицаецот вработен во ПС Крива Паланка, Кристофер Стоевски.
Тој е дециден дека ќе има одговорност без разлика на функцијата која ја извршува. За политичка одговорност, Ковачевски смета дека тоа треба граѓаните да го побараат од него, бидејќи тие го избрале.
„Во однос на случајот во Крива Паланка, врз основа на своите надлежности, непристрасно, МВР постапува. И ќе бидат изречени санкции, без притоа да се гледа дали учесник во тој настан е на одредена позиција или не е на одредена позиција. Во однос на одговорност, градоначалниците се избрани од граѓаните и тие имаат одговорност пред граѓаните во рамки на својот мандат. Сите институции кои се дел од системот, во делот на санкционирање и во делот на оценка на ваков начин, треба непристрасно да одлучуваат“, кажа премиерот Ковачевски.
Полицаецот Стоевски излезе со јавно тврдење дека бил шамаран од градоначалникот, а откако седеле во иста кафеана. На ова, градоначалникот Митовски излезе со контра тврдење дека со полицаецот имале претходно нерасчистени сметки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се излеа Маркова Река кај Батинци

Маркова Река се излеа денес по обилните врнежи од дожд.
Во селото Батинци, водата е надојдена, излевајќи се на неколку места околу речното корито.
Ангажирана е механизација за санирање на штетата, а градоначалник на Студеничани, Азем Садики, објави дека забележана е материјална штета во дворовите од куќите кои се наоѓаат во близина на реката.
Засега, според градоначалникот, нема потреба од евакуација.
Фото: ТВ21/скриншот
Македонија
Тетово повика на јавна дебата за промена на имињата на улиците

Општина Тетово в петок, со почеток во 15:00 часот, организира јавна дебата за предлози за имиња на улиците.
„Ги повикуваме сите граѓани, здруженија, невладини организации и граѓанскиот сектор да учествуваат на оваа јавна дебата за именување на улиците“, велат од општината преку допис.
Додаваат дека секој предлог од граѓаните е важен и помага овој процес да биде инклузивен и успешен за граѓаните и градот Тетово.
Македонија
Тошковски: Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто

Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто, информира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Изминативе години сосема оправдано имаше критики дека платите во МВР се ниски, а очекувањата и одговорностите големи. Често се укажуваше на разлики во однос на некои сродни служби, а чувството на потценетост беше реално и оправдано. Ова зголемување не е доволно, но е еден од многуте чекори што ќе следат во насока на враќање на достоинството и угледот на полицаецот. Целта е јасна – да изградиме модерна, професионална и силна полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните. Продолжуваме понатаму кон обезбедување на подобри услови, поголема поддршка и вистинско вреднување на трудот што секојдневно се вложува“, напиша Тошковски во објавата на социјалните мрежи.