Регион
Глишиќ: Вучиќ изјави дека е подготвен да се повлече од функцијата претседател на СНС
Претседателот на Извршниот одбор на Српската напредна партија, Дарко Глишиќ, изјави дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на вонреден состанок синоќа во седиштето на партијата рекол дека е подготвен да се повлече од функцијата претседател на СНС.
„Доколку претседателот Вучиќ стои на ставот и поднесе оставка, мислам дека тоа е крај на СНС, крај на кариерата што СНС ја имаше на политичката сцена во Србија и мислам дека потоа ќе следува најлошото можно сценарио за Србија, што не можам ни да го замислам“, изјави Глишиќ за телевизијата „Пинк“ по средбата посветена на решението на ситуацијата на Косово.
Вучиќ, според српските медиуми, го информирал партиското раководство за притисоците од Западот врз Србија во врска со Косово, а набргу потоа го напуштил партиското седиште.
Одредени функционери, како што стои во написите, порачаа дека натамошните преговори со ЕУ и САД не треба ниту случајно да се прифатат.
Вучиќ, како што пренесуваат медиумите, го слушал сето тоа, а потоа кажал дека ако некој мисли дека може подобро, ќе се повлече.
Тој рече и дека ако народот одбие преговори и ако некој мисли дека земјата треба економски да се уништи, ќе го препушти управувањето со државата на „попаметните луѓе“, стои во написите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Опозициските политичари во Албанија запалија столчиња пред парламентот во знак на протест поради апсењето на нивниот колега
Албанските опозициски политичари запалија куп дрвени столчиња пред Собранието во знак на протест поради апсењето на нивниот колега.
На почетокот на редовната собраниска седница пратениците од опозицијата ги извадија столчињата од собраниската сала и ги запалија на скалите од зградата.
Припадниците на службата за безбедност брзо го изгаснале пожарот.
Апелациониот суд на Албанија во петокот ја потврди пресудата на понискиот суд со која Ервин Салијани, член на опозициската Демократска партија, беше осуден на една година затвор.
Понискиот суд го прогласи Салијани за виновен за „лажна пријава“ против поранешниот министер за внатрешни работи. Салијани ја негираше вината и рече дека судењето е политички мотивирано.
Претходно овој месец, водачот на Демократската партија Сали Бериша, кој е во домашен притвор од декември, беше обвинет за корупција за дејствија што ги презел додека бил премиер од 2005 до 2013 година. Бериша, исто така, ја негира вината.
Демократската партија повика на голем протест во главниот град Тирана на 7 октомври.
Регион
(Видео) Дунав поплави село во Србија: До него се стигнува само со брод
Рибарско викенд село кај Сомбор е поплавено поради покачувањето на нивото на реката Дунав и единствен начин да се стигне до селото е со брод.
Водата ги поплави викендичките до висина на прозорците.
View this post on Instagram
– Во ова викенд одморалиште нема струја и во моментов се стигнува само со брод – пишува во описот на видеото објавено на Инстаграм.
Се наведува и дека ваков вид поплави годинава се случуваат по трет пат и дека мештаните се навикнати секогаш да бидат први на удар.
Регион
Воз прегази малолетник во Загреб
Во понеделникот наутро воз налета на малолетник во околината на Загреб. Според полицијата, околу 8.50 часот тие добиле пријава за настанот, но поради тоа што се работи за малолетник, не соопштуваат повеќе информации.
Како што пренесуваат медиумите, малолетникот починал.
Најверојатно, се работи за несреќен случај, соопшти Јавното обвинителство на Загреб. Според тамошните медиуми, најверојатно се работи за малолетник што тргнал на тренинг.
Поради инцидентот, патничкиот сообраќај според хрватските железници бил во прекин и сообраќајот се одвивал преку помошни транспортни релации.