Култура
Со промоција на книгата „Субјект(ивна) политика“ од Артан Садику завршува седмото издание на „Крик“
„Контрапункт“ во рамките на својата едиција за критичка теорија, политичка филозофија и современа култура „Пунктум“, која произлезе од платформата за критичка култура „Крик“, ја објавува својата прва книга од македонски автор.
Во вторник, со почеток во 19 часот, во Национална галерија „Чифте амам“, ќе се одржи промоцијата на книгата на Артан Садику, провокативно со наслов „Субјект(ивна) политика“.
Промоцијата ќе биде во формат на дијалог помеѓу Артан Садику и Славчо Димитров, кој е водечкиот теоретичар во сферата на критичката теорија, родовите и квир-наративите. Артан Садику е еден од најмаркатните, исклучителните промислувачи на општеството, граѓанинот, новите форми на отпор и поинаквите, отстапувачки и неретко радикални форми на заедницата. Тој и како мислител и како човек се движи по често опасните рабни предели на политичкото копнеејќи по општество што нема да биде кастрирано од своите утопии. За Садику, теориското никогаш не е само сув академски и епистемолошки меур, туку е апликативна арматура врз која неизоставно мора да се изгради животот.
Во својата книга „Субјект(ивна) политика – кон ново поле на политичкото“, Артан Садику преку премислување на основните политички парадигми на денешницата се соочува со предизвикот да се изнајдат одговори на епистемиолошките и онтолошките прашања, кои се поврзани со процесот на субјективизацијата, со актот на препознавање на вистинскиот настан, со предизвикот на субјективно отклонување од системското наложување, преку воспоставувањето ново поле на политиката. Садику ги развива своите размисли за политиката во линија на теориите на дискурзивната анализа, кои се воспоставени од страна на голем број современи филозофи, како Фуко, Бадју, Ларуел, Колозова, Алтисер, Лакло, Муф, Делез, Гатари, Терборн, Жижек, Лакан, но и поодамнешни автори, како Маркс, Русо, Фројд и други. Сето тоа без конкретно присвојување само една одредена теорија туку преку вмрежување на аналитичките методи и пристапи.
Книгата претставува широко поле на итердициплинарна и комплексна анализа, која спојува неколку полиња, како социологијата, филозофијата и антроплогијата, преку кои на одреден проблем му се пристапува во целата негова комплексност.
Теоретскиот предизвик на „Субјект(ивна) политика – кон ново поле на политичкото“ од Садику се состои во обидот да се даде придонес преку постојните теоретски размислувања во истражувањето дали денеска е можно политичко субјективизирање на граѓаните, кое би овозможило воспоставување ново поле на политиката и културните динамики во општеството. Практиките претставуваат главен предизвик за анализирање на оваа можност преку испитување на воспоставените политички концепти и преку анализирање на потенцијалноста за таква субјективизација на исклучените граѓани и на маргинализираните (социјални, сексуални и други) заедници.
Седмото издание на „Крик“ – фестивал за критичка култура, почна во јуни 2022 година и се одвиваше во неколку сесии на тема „Во постојан отпор“. Програмски уредници се Искра Гешоска и Артан Садику. Учесници на седмото издание на фестивалот беа: Нејтан Браун, Синтија Мичел (Канада), Билал Јилмаз (Турција), Лидија Хаѕиоану (Грција), во соработка со „Тииит! Инк“, Шејла Камериќ (Босна и Херцеговина), Петар Милат (Хрватска), Станимир Панајотов, Ангел Симитчев, Мартин Луканов, Иван Шентов (Бугарија), Феликс Фалцук, Јохана Хершел (Германија), Сезгин Бојник (Косово/Финска), Бен Вотсон (Велика Британија), Милица Пекиќ (Србија), Славчо Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.