Свет
Студија: Користењето антидепресиви предизвикува сериозна нуспојава
Антидепресивите, кои сè почесто се користат, особено кај помладата популација, предизвикуваат емоционално осиромашување, покажа студијата која нуди нови сознанија за ефектите на лековите и нивните можни несакани резултати.
Студијата покажа дека здравите волонтери реагирале помалку на позитивни и негативни повратни информации по земањето селективни инхибитори на репреземањето на серотонинот (SSRI) три недели. Негативните емоции би можеле да бидат дел од тоа како лековите им помагаат на луѓето да закрепнат од депресија, но исто така може да предизвикаат несакан ефект.
Еден од авторите на студијата, проф. Барбара Сахакијан од Универзитетот во Кембриџ, рече дека ова може да биде еден начин на кој дејствуваат антидепресивите.
„Тие одземаат дел од емоционалната болка што ја чувствуваат луѓето што страдаат од депресија, но, за жал, изгледа дека одземаат и дел од задоволството“, објасни таа.
Студијата може да им помогне на пациентите подобро да се информираат пред да ги земат лековите, рече таа, но додаде дека нема сомнеж оти антидепресивите се корисни за многу пациенти.
Според здравствениот орган на ОК, повеќе од 8,3 милиони пациенти во Англија примиле антидепресив во 2021-2022 година. SSRI се меѓу најчесто користените и се ефикасни за повеќето, иако не за сите пациенти.
Некои луѓе рекоа дека по користењето на лекот се чувствуваат емоционално блокирани или дека убавите нешта веќе не се пријатни, а студијата сугерира дека ова се однесува на 40-60 проценти од луѓето што зеле лек. Сепак, не е јасно дали овој симптом е несакан ефект на лекот или симптом на депресија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп го предупреди Иран да не возвраќа на нападите извршени од САД и Израел
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска го предупреди Иран да не возвраќа на нападите извршени од САД и Израел.
„Иран штотуку изјави дека денеска ќе удри многу силно, посилно отколку што некогаш удриле претходно“, напиша Трамп на Truth Social.
„Подобро да не го прават тоа“, нагласи тој.
Доколку тоа се случи, САД ќе возвратат „со сила што никогаш претходно не е видена!“, додаде американскиот претседател.
Вчерашните напади беа насочени кон клучни локации каде што се состанувало иранското раководство, при што беа убиени највисоки функционери, вклучувајќи го иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, министерот за одбрана и шефот на Корпусот на исламската револуционерна гарда, соопшти израелската војска.
Нападите, во кои загинаа повеќе од 200 луѓе според Црвената полумесечина, предизвика одмазднички удари врз Израел и американските воени сили стационирани на Блискиот Исток.
Свет
Гори Блискиот Исток, експлозии и денеска се слушаат во арапските држави во Заливот
Експлозии денеска повторно се слушнаа во арапските држави во Заливот, по убиството на иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, во американско-израелските напади.
Очевидци во катарскиот главен греад Доха известија дека утрово слушнале неколку силни детонации. Катарскиот информативен канал „Ал-Џезира“ објави за најмалку 11 експлозии во Доха.
Експлозии беа пријавени и во Манама, главниот град на Бахреин. Очевидци известија дека слушнале најмалку четири силни детонации. Во овој контекст, на социјалните мрежи беа споделени слики од погоден и оштетен хотел во Манама. Тие првично не можеа да бидат независно проверени, нагласува ДПА.
Техеран ги нападна американските воени бази во регионот повеќепати по почетокот на вчерашните американско-израелски напади врз Иран.
Во арапските заливски држави има илјадници американски војници.
Свет
Техеран ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи и објави 40 дена жалост
Иранскиот државен радиодифузер ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи, неколку часа откако САД и Израел соопштија дека тој е убиен во вчерашните воздушни напади, објави „Иран интернешнл“.
Кратко по објавата за смртта на лидерот, иранскиот кабинет објави седумдневен државен празник и 40 дена национална жалост.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Фото: ЕПА

