Македонија
(Видео) Шефот на државата предлага Џамбаски заедно со други Бугари да бидат прогласени за персона нон грата
Претседателот Стево Пендаровски, по седницата на Советот на безбедност, предложил на институциите односно Владата и МНР, да го прогласат бугарскиот пратеник Ангел Џамбаски за персона „нон-грата“, а тоа би значело да му се забрани влез во Македонија. Освен за него, забрана, шефот на државата предлага и за други бугарски државјани, а поради понижување и негирање на македонскиот народ.
„На вакви антидржавни кампањи кои ги спроведуваат политички партии и поединци можеме да одговориме на два начини. Првиот е со културна дипломатска реторика како досега и тој круг на провокации кој предизвикува насилство сигурно нема да заврши. Второ со мерки кои секоја сериозна и организирана држава ги презема во вакви случаи. Мојот предлог до Владата е согласно одредбите на Законот за странци да му забранат влез во земјата, да му забранат влез на еден пратеник од Бугарија во Европскиот парламент и на неколку други лица државјани на Бугарија поради дејствија кои ги преземале порано и натаму ги преземаат против нашата држава. Законските услови за таква мерка постоеше порано и се уште постојат тоа се закана за националната безбедност, закана за јавниот поредок и закана за меѓународните односи на РСМ. Тоа значи дека ако лицата се од надвор од земјата да не им биде дозволен влез и да бидат прогласени за персона нон-грата“, кажа Пендаровски.
Дел од лицата за кои Пендаровски побарал да им се забрани пристап во Македонија веќе од претходно имале мерки и биле протерувани.
„Поводот за седницата на Советот за безбедност не беше само немилиот настан во Охрид, бидејќи тоа е само мал дел во мозаикот. Според достапните анализи и сознанија, се работи за организирани активности од страна на структури во Бугарија, кои се активирани по усвојувањето на преговарачката рамка во јули минатата година. Овие структури се мобилизирани, логистички и финансиски, за да го поддржат организираното доаѓање на повеќе лица на 4-ти февруари кога го одбележуваме денот на раѓањето на Гоце Делчев. Според сите проценки, тоа ќе биде настан од висок безбедносен ризик и надлежните органи не смеат да бидат неми набљудувачи на тоа што се случува“, додаде Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Заев се закани со тужба, тврди дека не е поврзан со конфискацијата на канабисот и облакодерите во Дубаи: „Шират лаги и клевети“
Поранешниот премиер Зоран Заев преку статус на Фејсбук порача дека по пет години молк, сега е подготвен да одговори со тужба против пратеникот Бране Петрушевски и партијата ВМРО-ДПМНЕ, доколку не се извинат за, како што вели, континуираните лаги, навреди и клевети изнесени на негова сметка.
„Веќе пет години сум надвор од политиката, откако поднесов оставка од сите политички и државни функции. Пет години, речиси секој ден, ВМРО-ДПМНЕ, нејзиното раководство, портпаролите и медиумите блиски до нив не престануваат да се занимаваат со мене, ширејќи континуирани лаги, клевети и навреди“, напиша Заев.
Тој најостро ги отфрли тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека има каква било поврзаност со неодамнешниот случај за конфискација на медицински канабис, за кој се тврди дека бил неправилно складиран.
„Безобразна лага е дека сум на кој било начин поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста. Безобразна и дрска лага е дека сум се јавувал во Царинската управа.“, нагласи Заев, додавајќи дека јавно бара извинување од пратеникот Петрушевски и од ВМРО-ДПМНЕ.
Во статусот, експремиерот се осврна и на други, како што ги нарече, измислици што партијата ги повторува – дека гради облакодери во Дубаи, дека вршел притисоци околу болницата на Жан Митрев и дека се меша во правосудството.
„Сите знаат дека никогаш не сум сакал да тужам. Се борев за слобода на говор. Никому не сум му се одмаздил за она што ми го направија на 27 април во Собранието. Но сега е доста!“, порача Заев.
Тој најави дека доколку не добие извинување во законски предвидениот рок, ќе поднесе тужба против Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.

