Македонија
Над 3,5 милиони денари инвестирани во градинката „Весели цветови“ во Кисела Вода

Во објектите на детската градинка „Весели цветови“ во општина Кисела Вода инвестирани се повеќе од 3,5 милиони денари во енергетско-ефикасни прозорци, постелнини, современа кујнска опрема, дидактички материјали и играчки. Градоначалникот Ѓорѓиевски при денешната посета на објектот „Сончоглед“ истакна дека инвестирањето во унапредувањето на условите за децата и поттикнувањето на нивниот когнитивен развој се стратегија што Општина Кисела Вода ја има зацртано и која во континуитет ќе се реализира и во периодот што следува.
„Инвестициите во раниот детски развој, кои овозможуваат поттикнување на интелектуалните способности, кои го стимулираат логичкото мислење и ја подобруваат моториката, се неопходност, која е влог во интелектуалниот, општествениот и во емоционалниот напредок на децата. Оттука, Општина Кисела Вода и јас како нејзин градоначалник, продолжуваме со уште поголем интензитет да работиме на унапредување на условите за децата од предучилишна возраст. Денес, објектите на ЈДГ ‘Весели цветови’ ги опремивме со играчки и дидактички материјали. Обезбедивме и нови постелнини и кујнска опрема, а паралелно со тоа правиме и инфраструктурни подобрувања секаде каде што има потреба. Имено, објектот ‘Сончоглед’, во кој денес се наоѓаме, добива и нови енергетско-ефикасни прозорци, а вакви зафати, кои на директен начин влијаат на подобрување на квалитетот на предучилишното воспитание и образование, се планирани и во другите градинки на територија на општина Кисела Вода. Јавниот систем на воспитување и едукација треба да се гради на високи стандарди, нешто што предучилишните институции, кои се под надлежност на Општина Кисела Вода, секако ќе им го овозможат на нашите најмлади жители“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нов сообраќаен режим за еднонасочен сообраќај на улицата Белградска

Изминатиов викенд екипи на ЈП Улици и патишта Скопје на улица „Белградска“ ја поставија новата вертикалната сигнализација за еднонасочен сообраќај.
На оваа сообраќајница во насока од булевар „Мајка Тереза“ кон улица „Димче Мирчев“ согласно основен сообраќаен проект воведен е нов сообраќаен режим за еднонасочен сообраќај.
ЈП Улици и патишта Скопје апелира до учесниците во сообраќајот да го почитуваат новото сообраќајно решение на оваа сообраќајница.
Македонија
Објавени добитниците на државната награда „23 Октомври“ за 2025 година

Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“, на својата последна седница донесе одлука за доделување на државната награда „23 Октомври“ за 2025 година.
Наградата се доделува за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоцијата на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Република Северна Македонија.
Добитници на наградата во областа на културата и уметноста за 2025 година се: актерот Гоце Тодоровски, писателот за деца и возрасни Александар Кујунџиски, поетот, романсиер, драмски писател и новинар
Братислав Ташковски и писателот акад. Божин Павловски.
Свеченото врачување на наградите ќе се одржи на 23 октомври 2025 година (четврток), во 12:00 часот, во Собранието на Република Северна Македонија.
Македонија
По 61 година, учениците во Црешево ќе добијат спортска сала, Јаневска и Стефковски извршија увид во градежните активности

„Иднината на државата се создава во училиштата и затоа од исклучителна важност е сите деца да имаат пристојни услови за едукација, а нивните наставници да бидат мотивирани и да имаат можности добро да ја извршуваат својата благородна мисија. Како Влада се посветивме на инфраструктурата во образованието и во изминатите 16 месеци вложивме 67 милиони евра – 32 преку Министерството за образование и наука и 35 преку повикот на Владата за распределба на средства кон општините за образовни проекти“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска која денес заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски извршија увид во изградбата на спортската сала во рамки на ОУ „Наум Охридски“ во Црешево.
„Инвестицијата во спортската сала е токму резултат на добрата соработка помеѓу Владата и општината. Објектот ќе овозможи квалитетна реализација на наставата по физичко образование, но и ќе поттикне поголема физичка активност и спортување на децата по завршувањето на часовите“, рече Јаневска потенцирајќи дека квалитетната спортска инфраструктура придонесува за градење здрави генерации со вистински вредности – со натпреварувачки дух, упорност, тимска работа, емпатија и меѓусебна почит.
Министерката нагласи дека инвестициите во образованието ќе продолжат. Со зголемен буџет за овој ресор, во текот на мандатот Владата ќе изгради уште 30 училишни спортски сали, а ќе се реконструираат 15 постоечки во различни општини.
Градоначалникот Стефковски рече дека по 61 година учениците од Црешево, Виниче и Смилковци кои своето основно образование го поминуваат во ова училиште ќе добијат училишна сала согласно сите европски стандарди. Изрази задоволство од поддршката која ја добива од Владата за модернизација на инфраструктурата во општината, информирајќи дека средствата за овој објект во висина од 34 милиони денари се обезбедени преку владиниот повик за распределба на средства по општини за инфраструктурни проекти. Спортската сала се очекува да биде завршена во втората половина на 2026 година.