Спорт
Портланд ја победи Јута, Лилард броеше до 60 – Пул со звукот на сирената му пресуди на Мемфис
Демијан Лилард ја обележа ноќта во НБА лигата. Еден од најдобрите играчи во историјата на Портланд постигна 60 поени во победата над Јута Џез 134:124. Порази во ноќта зад нас забележаа водечките две екипи во Западната конференција, Денвер Нагетс и Мемфис Гризлис.
Лилард имаше феноменална шутерска ноќ, 21/29 од поле, 9/15 за три поени, 9/10 од линијата за слободни фрлања. Тој успеа да додаде седум скока и осум асистенции во статистиката.
Голден стејт со поените на Џордан Пул во последната секунда славеа во дуелот со Мемфис 122:120. Актуелните шампиони се вратија во мечот во последните пет минути со серијата 14:4.
На 90 секунди до крајот останаа без Стеф Кари кој беше исклучен.
Кари со 34 поени ги предводеше Вориорс, кај Мемфис со 29 поени се истакна Џа Морент.
Милвоки Бакс во дербито славеа над Денвер Нагетс со 107:99. Само 24 часа по победата во Њу Орлеанс, која ја донесе Јокиќ, Нагетс гостуваа во Висконсин, оддалечен 1.600 километри.
Затоа тренерот Мајк Мелоун реши да ги одмори своите најдобри играчи, па Јокиќ, Џамал Мареј, Кентавиус Колдвел-Поуп и Мајкл Портер Јуниор го следеа мечот од трибините.
Јанис Адетокумбо го предводеше Милвоки до 31. победа сезонава со 33 поени и 14 скока, Џру Холидеј додаде 20, а Пит Конатон 19 со 12 скока.
Арон Гордон беше најефикасен кај Нагетс со 26 поени и 14 скока, Боунс Хајленд постигна 15, а Брус Браун постигна 12.
Резултати: Орландо – Индијана 126:120, Филаделфија – Бруклин 137:133, Хјустон – Вашингтон 103:108, Милвоки – Денвер 107:99, Њу Орлеанс – Минесота 102:111, Оклахома – Атланта 132:137, Сакраменто – Торонто 95:113, ЛА Лејкерс – Сан Антонио 113:104.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Треневски: За Партизан пешки би дошол во Белград од Црна Гора
Црногорските медиуми, вчера објавија дек поранешниот репрезентативец на Македонија, Виктор Треневски ќе биде тренер на Партизан. Црно-белиот клуб, во неделата му врачи отказ на Срѓан Благојевиќ, по елиминацијата во Купот од второлигашот Мачва и дебаклот во првенството од Чукарички.
Треневски, моментално е тренер на третолигашкиот клуб Тузи од Црна Гора, инаку е поранешен играч на партизан.
„За мене, како и за повеќето, ова е добра вест што ја прочитав, но за жал останува само тоа, бидејќи немаше контакт со луѓето од Партизан“, рече Виктор Треневски за „Спортски Журнал“.
Доколку во наредните денови добиете покана, дали би ја прифатиле?
„Тоа би ми било голема чест. Би им рекол на луѓето од Партизан да ми дадат два дена, бидејќи би пешачел до Белград. Кога станува збор за мојот сакан клуб, ништо не би ми било тешко. Со едни бебиња играв во Хумска и верувајте ми, би сакал да работам со овие бебиња, бидејќи мислам дека имаат голем квалитет. Се надевам дека ќе пораснат со мене“, рече Виктор Треневски.
Спорт
(Видео) Кралот Чарлс го прогласи Бекам за витез
Поранешниот капитен на Англија, Дејвид Бекам, официјално е прогласен за витез за неговите заслуги во фудбалот и неговиот придонес во британското општество.
50-годишниот Бекам, кој претходно оваа година беше на списокот на почести за роденденот на кралот Чарлс, ја прими почеста лично од монархот за време на церемонија одржана во Беркшир.
„Не би можел да бидам погорд“, рече Бекам, „Секој знае колкав патриот сум, ја сакам мојата земја. Секогаш велев колку е важна монархијата за моето семејство. Имав привилегија да патувам во светот и насекаде луѓето сакаат да зборуваат за нашата монархија. Тоа ме исполнува со гордост“.
Arise, Sir David Beckham! pic.twitter.com/5erW1I3ZrU
— BBC Sport (@BBCSport) November 4, 2025
Бекам одигра 115 натпревари за репрезентацијата на Англија и беше капитен на „трите лава“ шест години, помеѓу 2000 и 2006 година.
Учествуваше на три светски првенства и две европски првенства.

Како дете на Манчестер јунајтед, тој помина низ академијата на клубот и дебитира за првиот тим во 1992 година. Помина 11 сезони со Јунајтед и освои сè што можеше да се освои пред да се пресели во Реал Мадрид во 2003 година во трансфер од 25 милиони фунти.
По четири години во Шпанија, Бекам ја продолжи кариерата во ЛА Галакси, а потоа имаше две позајмувања во Милано, за да се пензионира во 2013 година во дресот на Пари Сен-Жермен.
Неговото влијание, сепак, оди подалеку од фудбалот. Роден во источен Лондон, тој беше клучна фигура во кампањата што му ја донесе на Лондон титулата на Олимписките игри во 2012 година.
Тој соработува со УНИЦЕФ од 2005 година, а во 2015 година беше основан фонд во негова чест по повод десет години соработка.
Во 2024 година Бекам стана амбасадор на Фондацијата на кралот Чарлс поддржувајќи ги образовните програми и иницијативи на кралот Чарлс насочени кон доближување на природата и одржливиот живот до младите луѓе.
Денес, Бекам е косопственик на Салфорд Сити, клуб од Лига 2, заедно со поранешниот соиграч Гари Невил, и косопственик на Интер Мајами, тим во американската МЛС-лига.
Спорт
Дејвид би можел да го напушти Јувентус
Канадскиот напаѓач Џонатан Дејвид (25) е незадоволен од својата минутажа во Јувентус и би можел да го напушти клубот од Торино во зимскиот преоден рок, објавија италијанските медиуми.
Дејвид постигна 25 гола и 12 асистенции во Лил минатата сезона, а во јули се пресели во Јуве како слободен играч. Со „Старата дама“, Дејвид потпиша петгодишен договор.
Иако оваа сезона одигра 12 натпревари, не успеа да се етаблира како стандарден играч во првиот тим. Во тие 12 натпревари постигна само еден гол.
Италијанските медиуми тврдат дека новиот тренер на Јувентус, Лучијано Спалети, би можел да има слух за канадскиот репрезентативец и да му даде поголема улога.
Спалети, кој го наследи Игор Тудор, дебитираше на тренерската клупа на Јуве во саботата, со победата над Кремонезе (2:1), но Давид влезе во игра дури во 85-тата минута.
Исто така, малку е веројатно дека Дејвид ќе биде во почетниот состав за вечерашниот натпревар од Лигата на шампионите против Спортинг.

