Македонија
Општината Центар: Во тек е јавен повик за ангажирање лични асистенти на учениците со посебни образовни потреби

Општина Центар распиша јавен повик за ангажирање лични асистенти во проектот „Образование за сите“ за потребите на ученици со посебни образовни потреби вклучени во образовниот процес во основните училишта на територијата на општина Центар во Скопје, во учебната 2022/2023 година.
Имено, повторниот јавен повик се распишува поради недоволно пријавени кандидати за лични асистенти на претходниот циклус, а зголемен број учесници со посебни образовни потреби, кои имаат потреба од помош и придружба во текот на наставата.
Заинтересираните лица што ќе бидат вклучени во проектот „Образование за сите“ ќе бидат работно ангажирани со скратено работно време со 20 (дваесет) работни часа неделно, во период од 4 (четири) месеци, почнувајќи од 15 февруари 2023 година до крајот на учебната 2022/2023 година.
Работните позиции препишани во овој јавен повик се однесуваат на ангажирање:
– лични асистенти со минимум завршено средно образование од која било област, кои имаат претходно искуство во работа со лица со попречености, со предност на кандидатите што се евидентирани како невработени лица во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија);
– кандидати што имаат завршено образование од областа одделенска или предметна настава, педагогија, дефектологија, психологија и социјална работа;
– кандидати што имаат претходно искуство во работа како лични/образовни асистенти во претходните циклуси на проекти; како и кандидати што поседуваат лиценца за личен асистент на лица со попречености издадена од овластена институција.
Општина Центар напоменува дека заинтересираните лица што ќе се пријават за учество во проектот „Образование за сите“ треба да припаѓаат на една од следните целни групи: долгорочно невработени лица (над 12 месеци во евиденција, со предност на невработени лица над 5 години), млади лица до 29 години, лица постари од 50 години, самохрани родители, родители на деца со пречки во развојот.
Барањата за учество во проектот „Образование за сите“ може да се поднесат во архивата на Општина Центар – Скопје, барака 6, а на следниот линк https://www.centar.gov.mk/?p=16446 може да се прочита за потребните документи.
Јавниот оглас ќе трае 5 работни дена од денот на објавувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Законот за верските училишта отвора многубројни нејасности и институционални проблеми

СДСМ изразува сериозна загриженост по однос на предлог-законот со кој верските училишта добиваат статус на средни училишта, а нивните дипломи стануваат признати за запишување на високо образование. Иако не поднесовме амандмани, оценивме дека во предлог-законот постојат повеќе суштински нејаснотии и недоречености, кои може да отворат нови правни и институционални проблеми, рече пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска, на денешната седница на Комисија за образование, наука и спорт.
Костадиновска посочи дека законот влегува во Собранието без јавна дебата, а граѓаните имаат право да знаат кои образовни модели ќе бидат легитимирани под државна капа. Тука се отвора прашањето за секуларноста и финансиската контрола на ваквите училишта.
– Иако државата формално не ги финансира овие училишта, загрижува отсуството на механизми за контрола и увид во финансирањето и содржините што ќе се изведуваат. Тоа отвора простор за непознати влијанија и непрегледност во функционирањето на овие образовни институции, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа укажа и на фактот дека засега има отсуство на јасни критериуми за образовната содржина и според достапните информации, наставата во богословските и исламските училишта вклучува верски предмети изведувани од свештени лица, додека основните образовни и педагошки дисциплини се минимално застапени или нејасно дефинирани. Оттука, се поставува прашањето: дали овие ученици ќе имаат адекватна подготовка за да продолжат кон наставнички или други стручни факултети?
– Уставниот поредок мора да се почитува. Република Македонија е секуларна држава. Според амандманот 7 од Уставот државата мора да биде неутрална во однос на религијата, а верските заедници и државата се одвоени. Секоја легислатива што го доведува овој принцип во прашање мора да се разгледа со особена претпазливост. Автономијата на верските заедници е загарантирана, но со влезот на овие училишта под државна капа, тие мора да ги следат државните образовни стандарди и критериуми, констатираше пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска.
Македонија
„Вреди“: ДУИ јавно ја призна вината за бришењето на дијаспората

Денес, пред очите на јавното мислење и медиумите, Демократската унија за интеграција јавно ја призна вината за една од најсериозните и неуставни неправди врз Албанците од Северна Македонија, бришењето на дијаспората од пописот на населението во 2021 година преку скандалозната методологија што ги подели жителите на резиденти и нерезиденти, велат од „Вреди“
Наместо да дадат отчет за овој сериозен политички и национален чин, како што истакнуваат во реакцијата, тие избегнаа каква било одговорност, молчејќи за фактот дека пописот е спроведен во време кога ДУИ беше на власт и имаше свој претставник во Државниот завод за статистика.
„Зошто ја избришавте албанската дијаспора од пописот?
Која беше валканата политичка зделка што ја направивте и со кого?
Зошто ги исклучивте Албанците од дијаспората од донесувањето одлуки кои со децении придонесуваат за оваа земја?“, прашуваат од „Вреди“.
Според нив, тоа е невиден чин, со кој се нарушува фундаменталното право на дијаспората да биде составен дел од албанскиот народ во Северна Македонија, не само емоционално, туку и правно и институционално.
„Сега е јасно: ДУИ, заедно со своите нонграти пријатели, не само што молчеа за оваа неправда четири години по ред, туку денес признаа дека биле коорганизатори на овој неправеден процес, а притоа не дадоа никаков одговор за нанесената штета.
Додека Албанците од дијаспората беа изоставени, ДУИ денес прави нови пазарења за заеднички листи на локалните избори. Дали ова е предупредување за нов таен договор меѓу ДУИ и нејзините патерици? Со овој договор, дали новите сојузници ја амнестираа ДУИ за овој срамен чин“.
Од „Вреди“ велат дека таквите неправди нема да останат неказнети.
Во октомври 2025 година, како што додаваат, најсилниот одговор ќе дојде од граѓаните и дијаспората, кои ќе изберат еднаквост, правда и достоинствено претставување, а не пазарење и манипулација.
„Вреди“ ќе продолжи да ја потсетува албанската јавност на сите антиалбански одлуки на претходниот режим. Оние кои ја исклучија дијаспората ќе бидат исклучени и од локалната власт. И тоа ќе го сторат граѓаните со својот глас, додаваат од оваа партија.
Македонија
Дали пироманите и некрофилите од СДС се радуваат на пожарите и мислат дека ќе помине паниката која ја прават во државата со фотографии од пожари во Шпанија, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ

Пироманската и некрофилската СДС сака да создаде некаква паника и хистерија помеѓу народот и дава се од себе да направи некаква слика дека Владата не се справува со пожарите, нешто во кое што никој не им верува, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
СДС, додаваат од партијата на Мицкоски, тоне во својата безидејност и немајќи како да докажат дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не се справува со пожарите, користат слики од пожари во Шпанија за да пробаат некако да си ја потврдат тезата.
„Во Бугарија има над 240 пожари, во Грција над 50, во Турција над 80, во Албанија над 40, во Косово на 10тина. Се евакуираат граѓани од местата каде што имаат пожари, се повикуваат ЕУ механизмите, надлежните институции и пожарникарите се 24 часа на терен и цел Балкан е на силен удар на високи температури и пожари кои уништуваат куќи, имоти, земјоделски површини. Во неколку од овие држави имаме дури и жртви.
Од друга страна пак, во Македонија имаме 8 активни пожари, 7 под контрола и 36 изгаснати пожари. Тоа значи дека надлежните реагираат брзо и ефикасно. Тоа значи дека она што го говорат пироманите и некрофилите од СДС, не е воопшто точно“, се истакнува во информацијата од партијата на власт.
Според нив, граѓаните знаат дека СДС изминатите 7 години не успеа да се справи со пожарите, а Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги користи сите механизми кои се пристапни да ги изгаснат пожарите и успешно се справува.
„Прашањето е, дали СДС со ова сака да го покрие сомнежот дека лица блиски до нив имаат некакво учество во подметнувањето на пожарите, кои за среќа веднаш се локализираат, ставаат под контрола и гасат.
Следен пат кога пироманите и некрофилите од СДС ќе говорат за пожари и неуспеси, нека се обидат барем сликата да биде од Македонија“.