Македонија
Собрани над 16 милиони денари за настраданите во земјотресите во Турција и Сиријa
Црвениот крст на Република Северна Македонија продолжува и понатаму да ја следи ситуацијата во Турција и Сирија.
Граѓаните и овој пат ја покажуваат својата солидарност на дело.
Заклучно со 10.2.2023 година преку донаторските телефонските линии и од Фондот на солидарност на Црвениот крст на РСМ уплатени се вкупно 16.095.831 денар.
Сите заинтересирани правни субјекти и граѓани може да донираат парична помош на:
· сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РСМ: 300000001327966, даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка со назнака: помош за населението во Турција и Сирија.
· како и да се донираат 100 денари со повик на телефонските броеви 143 400 на „Македонски телеком“ и „А1“.
· за донации на средства во странска валута:
NAME OF THE ORGANIZATION: RED CROSS OF THE REPUBLIC OF NORTH MACEDONIAN
BANK NAME: KOMERCIJALNA BANKA AD SKOPJE
BANK ADDRESS: UL. ORCE NIKOLOV NO.3, 1000 SKOPJE, MACEDONIA
BANK ACCOUNT: 300000000000133 25730522-11
SWIFT CODE: KOBSMK2X
IBAN CODE: MK07300701000001228
Правните субјекти и физичките лица, освен финансиска помош, може да донираат и материјални добра во согласност со приложената листа на потреби за помош на настраданото население, упатена од страна на турската држава и турската Црвена полумесечина:
Зимски семејни шатори
Ќебиња
Греалки на струја/плин
Церада (постилка за земја)
Церада (зимска)
Вреќи за спиење
Столови на расклопување (се претвора во кревет)
Креветчиња на расклопување
Фенер на соларно напојување
Кујнски сетови
Храна и средства за хигиена (според стандардите за хуманитарна помош)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.
Македонија
Сиљановска Давкова се сретна со украинската амбасадорка Дир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На средбата, беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.
Двете соговорнички разменија мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.
Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова ѝ посака успешно извршување на функцијата.
Македонија
Системот за видеонадзор на сообраќајниците „Безбеден град“ е поставен во Скопје, Куманово и Тетово
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес оствари работна средба на Единицата за оперативно-технички работи при Бирото за јавна безбедност во чија надлежност е системот за видеонадзор на сообраќајниците познат како “Безбеден град“.
Во рамки на посетата министерот беше запознаен со работата на оваа организациска единица, тековните активности и проблеми од делокругот на нивната работа.
„Во тој контекст беше истакнато дека во моментот ваков систем е поставен само во Скопје, Куманово и Тетово, има недостаток на покриеност на многу значајни крстосници, а голем дел од камерите и опремата која се користи во овој систем е технички застарена, а дел и неисправна. Исто така бев информиран за наградбата на системот која е во тек, а која опфаќа замена на постојните камери со нови и проширување на системот со нови камери на точки кои досега не беа покриени. Водено, во фаза на тестирање е системот за автоматско евидентирање на сообраќајни прекршоци за чие целосно ставање во функција потребно е да се направат и соодветни законски измени“, издвои министерот Тошковски од средбата и додаде:
Во иднина треба во континуитет да се инвестира во овој дел, да се прошири и во другите градови низ државата, како и да се распредели дополнителен кадар со цел оваа организациска единица да работи непречено во текот на 24 часа, бидејќи е од круцијално значење за обезбедување на поволна безбедносна состојба.