Култура
ДПМ: Неприфатливо и скандалозно е нефинансирањето проекти од национален интерес

Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија одржа вонреден состанок во врска со резултатите од конкурсот за финансирање проекти од национален интерес од културата за 2023 година.
Од таму велат дека е неприфатливо, скандалозно и спротивно на националниот интерес во годишната програма да не се издвојат средства за годишните награди на ДПМ: „Димитар Митрев“, „Ацо Шопов“, „Стале Попов“ и „Ванчо Николески“.
„ДПМ се залага за почитување на приоритетите во културата, а книжевните награди што ги носат имињата на нашите писатели стожери несомнено се еден од тие врвни приоритети во доменот на книжевноста и културата. Тие се наши великани, основоположници и меѓници, чии имиња и дела се вградени во темелите на идентитетот, јазикот и македонската литература.
Неприфатливо е и одбивањето да се финансира манифестацијата „Празник на липите“, која го промовира дијалогот меѓу македонската и светската поезија.
Исто така, во интерес на транспарентноста и одговорноста при распределбата на буџетските средства, ДПМ предлага преку страницата на Министерството за култура на јавноста да ѝ биде достапен списокот на сите предложени книги за публикување, а не само имињата и насловите на избраните проекти“, се вели во реакцијата на ДПМ.
Иако со отсуството на поддршка во годинешната програма дејноста на ДПМ во 2023 година е доведена во прашање, велат дека нема да дозволат најстарата, најрепрезентативна и најмасовна писателска асоцијација, која постои и опстојува веќе цели 76 години, да не го продолжи својот нагорен пат, кој е во неразделна врска со националните интереси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Објавен конкурсот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“

Министерството за култура и туризам го објави Конкурсот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“ за 2025 година.
Со државната награда „Мајка Тереза“ се оддава признание за остварувања во областа на хуманоста и човечката солидарност и за поттикнување и унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.
Државната награда се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјава.
Конкурсот трае од 2 до 30 април 2025 година, а е објавен и на веб-страницата на Министерството за култура и туризам.
Култура
Димитрија Доксевски избран за директор на фестивалот „Браќа Манаки“

Актерот Димитрија Доксевски на денешното свечено Собрание на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) е избран за нов директор на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Според статутот на ДФРМ, мандатот на Димитрија Доксевски важи за следните две изданија на фестивалот.
Димитрија Доксевски ја презентираше предлог програмата на фестивалот и се заложи дека ќе работи на зачувување на реномето што го има овој интернационален фестивал на филмска камера, соопшти ДФРМ.
Димитрија Доксевски е македонски филмски и театарски актер, сценарист и продуцент, роден на 28 јули 1983 година во Скопје. Дипломирал актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 2006 година во класата на проф. Кирил Ристоски, а во 2014 година магистрирал режија на истиот факултет во класата на проф. Слободан Унковски. Својата професионална кариера ја започнал во Македонскиот народен театар во 2006 се до 2011. Продолжил кратко да работи во Кумановскиот театар во прериодот од 2011 до 2013, по што во 2014 година се приклучил на ансамблот на Драмски театар Скопје и се до денес е активен член на тој театар. Покрај настапите на матичната сцена, Доксевски има учествувано и во претстави на други театарски сцени низ Македонија, како и во филмски и телевизиски проекти во и надвор од Македонија.
Учествувал во организирање и продуцирање повеќе театарски претстави, организирање на повеќе од 20 музички настани со артисти од целиот свет, продуцирање и организација на 2 големи музички (open air) фестивали со повеќе од 20 интернационални изведувачи, продуцирање и реализација на кратки филмови, играни видеа за деца и театарски претстави.
Култура
Љуљзиме Лека-Муљаку во Чифте амам со циклусот „Метаморфоза II“

На втори април, среда, во 19.00 часот, во Чифте амам ќе биде отворена самостојна изложба на Љуљзиме Лека Муљаку со наслов „Метаморфоза II“.
Љуљзиме Лека Муљаку припаѓа на современата уметничка сцена и ја претставува генерацијата уметници кои својата дејност ја започнале со визуелен израз од 90-тите години.
Таа ќе се претстави во Националната галерија со 50 слики од различни формати, интересен циклус со дела изработени во акрилна техника.
Изложбата „Метаморфоза II“ е нов циклус на дела кој претставува реалистичен поглед на егзистенцијалните естетски вредности. Фигуративната композиција на овој циклус ја отсликува егзистенцијалната уметност на женската невиност и достоинство.
Ликовното претставување тесно се поврзува со идејата на женскиот феномен во нашето општество и го претставува нејзиното диспропорционално присуство во видлив облик.
Изложбата ќе биде поставена до 13 април 2025, а куратор е Нарона Љума Весели.