Македонија
Не се знае кога болните од цистична фиброза ќе го добијат лекот, доставувачот ќе го испорача 30 дена по нарачката
И натаму не се знае кога пациентите, кои боледуваат од цистична фиброза, ќе го добијат лекот „трикафта“. Премиерот Димитар Ковачевски на нова прес-конференција одново ја повтори процедурата за набавка. И самиот потенцира дека лекот ќе стигне 30 дена по нарачката. Но, во моментот носењето на лекот е во фазата кога најпрвин треба да бидат променети три закони, процедура што не се знае колку може да потрае.
„Во рок од 30 дена може да се испорача лекот за цистична фиброза, а кога ќе се направи нарачка, тогаш се произведува лекот. Веднаш штом ќе се склучи договор со производителот, тој нуди уште една услуга, да изработи своја статистика за тоа колку можни пациенти би имало во иднина за да може тие податоци да му бидат достапни на Министерството со цел да ги планира финансиските средства за лекот“, рече Ковачевски.
Го повтори ставот дека финансиските средства се обезбедени.
„Финансиските средства се обезбедени за пациентите со цистична фиброза и доставувачот на лекот има обезбедено количини за најкритичните пациенти од единствениот производител“, појасни премиерот.
Набавката е во фаза на дефинирање на измените на трите закони, кои ќе мора да ја минат и собраниската процедура за нивно донесување.
„Тимовите на Министерството за финансии и на Министерството за здравство работат на промените на законите по примерот на другите држави за лек што е патентиран и се произведува од само еден производител за тој да се обезбеди со директно преговарање. Бидејќи таа законска можност не постои кај нас како што постои во другите држави, јас верувам дека тоа сите пратеници ќе го поддржат во Собранието и ќе имаме по итна постапка менување на тој дел од законот“, рече тој.
За оваа намена од Фондот за здравство минатата недела беа одобрени над 2,2 милиона евра, а во соработка со сите релевантни институции во изминатите неколку дена беа завршени сите постапки со кои се овозможува непречена итна набавка на лекот „трикафта“ за критичните пациенти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Александар Јовановски прогласи победа во Кичево
Кандидатот на ВМРО ДПМНЕ за градоначалник на Кичево, Александар Јовановски, прогласи победа.
Противкандидат му беше досегашниот градоначалник Фатмир Дехари, кандидат на Националната алијанса за интеграција, НАИ.
По видеото објавено на „Фејсбук“ во Кичево се собрани голем број поддржувачи на Јовановски кои ја слават неговата победа по улиците.
Македонија
Тошковски ги оцени изборите како најмирни по последните години: Во цела држава имаше 30 пријави, во најголем дел наводите не беа потврдени
Денеска, како во првиот круг од локалните избори, можеме со гордост да констатираме дека и вториот круг помина во исклучително мирна, фер и демократска атмосфера, рече вечерва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Изборниот процес кажа дека минал без сериозни инциденти, без нарушување на јавниот ред и мир и без настани кои би го довеле во прашање интегритетот на изборите.
„Граѓаните, институциите, и МВР покажаа зрелост и одговорност што придонесе Македонија да има едни од најмирните избори во последните години. Во текот на денот низ целата држава беа пријавени вкупно 30 настани од кои најмногу пријави беа евидентирани во Скопје. Најчестите пријави се однесуваа на агитирање во близина на гласачки места, вкупно седум случаи, можен поткуп при избори или гласање пет настани, неовластено присуство на гласачко место- четири пријави. Забележани се и изолирани случаи на попречување на гласање, фотографирање на гласачко ливче, неовластено фотографирање на граѓани, како и поединечни настани поврзани со упатени закани. По преземените проверки во 19 од 26 обработени случаи наводите не се потврдени. За дел од нив се утврди дека нема основ за понатамошно постапување, а во други случаи беа изготвени записници и преземени се соодветни мерки. Во моментот за четири настани продолжуваат полициските активности кои се однесуваат на можен поткуп, неовластено фотографирање, агитирање и недолично однесување на членови на избирачки одбор“, извести министерот Тошковски.
Секторот за компјутерски криминал денес регистрирал 18 објави на социјалните мрежи поврзани со изборниот процес. Министерот Тошковски вели дека тие се анализираат и се постапува согласно законските процедури.
Кратко задоцнување на почетокот на гласањето Тошковски рече дека имало на девет избирачки места, а регистрирани се и осум делумно прекини во гласањето поради технички проблеми со апаратите за идентификација кои биле навремено решени и не влијаеле врз текот и законитоста на изборниот процес.
Македонија
Сотир Лукровски прогласи победа во Карпош
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Општина Карпош, Сотир Лукровски, прогласи победа на изборите.
„Драги мои карпошани, вечерва зборувам со срце полно гордост и благодарност. Во оваа кампања не се борев за функција, се борев за доверба. За секој човек кој веруваше дека чесноста, трудот и вистината повторно можат да победат. Денес не победувам јас, победува Карпош. Победуваат сите оние што не се откажаа од својот град. Оние што секој ден ме запираа на улица и велеа: „Сотир, време е да се смени нешто!“ Гледавме како Карпош се бетонизира, како зеленилото исчезнува, како улиците стануваат депонии, а луѓето неми сведоци на неправда. Тоа беше реалноста. Но вечерва, таа реалност завршува. Вечерва започнуваме ново поглавје. Време на ред, визија и работа. Време кога општината ќе биде сервис за граѓаните, а не алатка за лични интереси. Време кога ќе се слуша секој глас, и ќе се гледа секое дело“, напиша Лукровски на Фејсбук.

