Свет
Во Турција фокусот сега е ставен на помош на милионите бездомници
Единаесет дена по разорниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија, при што загинаа повеќе од 43.000 луѓе, меѓународните хуманитарни агенции ги засилуваат напорите да им помогнат на милионите бездомници, од кои многумина спијат во шатори, џамии, училишта или автомобили.
Вчера, две лица беа извлечени живи од урнатините во Турција, но таквите исходи стануваат сѐ поретки како што одминува времето. Гневот преовладува меѓу населението, а надежта постепено умира.
ОН повикаа на собирање повеќе од милијарда долари помош за Турција

Во земјотресот, како што соопштија денеска локалните власти, загинале најмалку 38.044 луѓе во јужна Турција, а властите на соседна Сирија јавуваат за 5.800 загинати.
Обединетите нации вчера апелираа за повеќе од милијарда долари за операција за помош во Турција, само два дена откако апелираа за 400 милиони долари за Сиријците.
Сирискиот претседател, Башар ал-Асад, во четвртокот во телевизиска програма рече дека одговорот на таква катастрофа бара повеќе ресурси отколку што располага владата.
Ниту Турција ниту Сирија сѐ уште не соопшти колку луѓе се водат за исчезнати.
Гневот расте поради корумпираните градежни практики

Шефот за хуманитарна помош на ОН, Мартин Грифитс, кој ја посети Турција минатата недела, рече дека луѓето „поминале низ неискажлива болка“.
„Мораме да бидеме со нив во овие најтешки моменти и да се погрижиме да ја добијат потребната поддршка“, вели тој.
Кај семејствата чии членови на семејства или роднини сѐ уште не се пронајдени, гневот расте поради, како што посочуваат, коруптивните градежни практики и целосно погрешниот урбан развој, што резултира со уривање илјадници домови и деловни простории.
Турција вети дека ќе ги истражи сите инвеститори и градежници осомничени дека се одговорни за уривањето на зградата и нареди притворање повеќе од 100 осомничени, вклучително и градители.
Состојбата со загинатите во Сирија

Од другата страна на границата, во Сирија, земјотресот погоди регион поделен и разурнат од дванаесетгодишната граѓанска војна. Сириската влада располага со податоци според кои бројот на загинати на територијата што ја контролира е 1.414.
Во северозападниот дел на земјата, кој го држат бунтовниците, регистрирани се повеќе од 4.000 смртни случаи, но спасувачите велат дека таму не е пронајден ниту еден жив човек од 9 февруари.
Напорите да му се помогне на населението таму беа отежнати поради конфликтот. Многу жители на северозападна Сирија се чувствуваат изневерени и напуштени бидејќи хуманитарната помош речиси секогаш завршува во другите делови на земјата.
Оние што останаа во регионите погодени од земјотресот спијат на отворено и велат дека се плашат

Испораките од Турција беа целосно прекинати веднаш по земјотресот кога рутата што ја користеа Обединетите нации беше привремено блокирана. Оваа недела Ал Асад одобри употреба на два дополнителни премина.
Портпаролот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања изјави дека од вчера 119 камиони на ОН поминале низ премините Баб ал-Хава и Баб ал-Салам по земјотресот.
Сепак, многу преживеани избегаа од регионот погоден од земјотресот, а оние што останаа велат дека повеќе не живеат како нормални луѓе, спијат на отворено и се плашат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белата куќа: Ревидираниот план треба повторно да им се претстави на Русите
Каролин Левит, портпаролка на Доналд Трамп, разговараше со новинарите пред Белата куќа.
Таа порача дека разговорите за завршување на војната во Украина биле продуктивни, но дека и понатаму постојат неколку точки на несогласување.
„Ревидираниот план треба повторно да им се претстави на Русите“, напомена таа.
„Постои чувство на итност. Претседателот сака овој договор да се постигне и оваа војна да заврши. Трамп врши голем притисок врз двајцата лидери“, додаде.
На прашањето дали Трамп се држи до својот рок за постигнување договор со Украина до четврток, таа одговори дека Трамп сака договорот „да се постигне што е можно побрзо“.
Потврди и дека војната во Украина била спомната за време на денешниот телефонски разговор меѓу Трамп и кинескиот претседател Шји Џинпинг, но нагласи дека фокусот сепак бил на американско-кинеските односи.
Свет
Шпанија: Трета страна нема да одлучува кој смее, а кој не смее во НАТО
Само Украина има право да разговара за прашањата поврзани со територијалниот интегритет на земјата, порача шпанскиот министер за надворешни работи, Хосе Мануел Албарес.
Првичниот нацрт-предлог што го предложија САД вршел притисок врз Киев да отстапи територија и да се обврзе дека нема да се приклучи кон НАТО во замена за прекин на војната. Албарес смета дека за тие прашања треба да одлучуваат Украина, односно НАТО.
„Украина е суверена земја која има демократски избрана влада. Владата на претседателот Зеленски. Тие се единствените кои имаат право да разговараат за работите што се основни и темелни принципи на меѓународното право и светскиот поредок, како што е територијалниот интегритет“, напомена тој.
Контрапредлогот што го изработија Велика Британија, Франција и Германија донесе низа клучни промени, вклучувајќи бришење на текстот што се однесува на ограничување на понатамошното ширење на НАТО и отстранување на референциите за територијални отстапки.
Албарес повтори дека одлуката за тоа кој може да се приклучи кон НАТО не ја носи „трета страна“, туку самиот воен сојуз.
„За мене е многу јасно дека сè што е поврзано со тоа кој ќе се приклучи кон НАТО или Европската унија е на нас, земјите членки, да одлучиме. Не би било прифатливо трета страна надвор од НАТО или Европската унија да ни зборува или да одлучува кој може да влезе, а кој не“, заклучи тој.
Свет
Родители со три деца живееле во колиба во шума, италијанскиот суд им ги одзеде
Италијанскиот суд одзеде три деца од британско-австралски родители кои живееле во изолирана колиба во шумата, без струја и вода, што предизвика жестока дебата во земјата околу алтернативните стилови на живот и правата на децата. Случајот стана јавен откако семејството заврши во болница по труење со печурки, пишува „Гардијан“.
Нејтан Тревалион, поранешен готвач од Бристол, и неговата сопруга Кетрин Бирмингем, поранешна инструкторка за јавање од Мелбурн, во 2021 година купиле запуштен имот во шумскиот предел Палмоли во регионот Абруцо. Нивната цел била да ги одгледуваат своите три ќерки — осумгодишната Утопија Роуз и шестгодишните близначки Галоријан и Блу — што е можно поблиску до природата.
Семејството одгледувало своја храна, користело соларна енергија и црпело вода од бунар. Децата се школувале дома, опкружени со коњи, магариња и кокошки. Еднаш неделно оделе во Сан Салво, град на Јадранот, што бил нивниот главен контакт со надворешниот свет.
Животот на семејството привлекол внимание во септември минатата година, кога сите биле хоспитализирани по консумација на отровни печурки што самите ги собрале. Властите потоа спровеле истрага и утврдиле дека домот бил „запуштен, во ужасни хигиенски услови и без неопходни комунални услуги“, стои во судскиот документ.
Минатата недела, судија за малолетници во Л’Аквила го потврдил наводите на обвинителството дека децата претрпеле „сериозни и штетни повреди“ на нивните права и наредил да бидат одземени. Полицијата ги однела во четврток и ги сместила во установа под црковна управа. Мајката е таму со нив, но двата родителa имаат ограничен пристап, потврди нивниот адвокат Џовани Анџелучи.
Во пресудата се наведува дека „семејството живее во станбена оскудица“, дека „нема социјална интеракција, нема стабилни приходи“, дека домот „нема санитарии“ и дека „децата не посетуваат училиште“.
Таткото Нејтан Тревалион го опиша одземањето како „голема болка во срцето“ и „шок“. „Тоа беше најлошата ноќ во мојот живот“, рече за локалниот портал „Ил Центро“ ден по одземањето и додаде дека девојчињата во установата морале да спијат во одвоена соба од мајката. „Ова е најтешкиот дел. Тоа е ужасна ситуација.“
За „Ла Република“ изјави: „Живееме надвор од системот… за тоа нè обвинуваат. Им го уништуваат животот на среќно семејство.“ Адвокатот на парот најави жалба, тврдејќи дека извештајот на судијата содржи „неточности“, особено во врска со школувањето на децата.
Случајот предизвика политичка контроверзија. Премиерката Џорџа Мелони изрази „загриженост“ и нареди министерот за правда да го испита случајот, додека вицепремиерот Матео Салвини го спореди постапувањето со „киднапирање“.
Синдикатот на италијанските судии (ANM) предупреди на „политичко искористување“ на случајот, истакнувајќи дека одлуката е донесена врз основа на фактори како безбедноста на децата, хигиенските услови и образованието.
Познатата италијанска социологинка Кијара Сарачено оцени дека ситуацијата е тешко да се процени.
„Нема ништо лошо во желбата да се понуди алтернативно образование. Проблем е колку децата биле изолирани и какви биле нивните хигиенски услови“, рече таа, поставувајќи и прашање зошто службите не се подеднакво ревносни во други случаи. „Толку многу сиромашни деца живеат во неадекватни домови. Тогаш мора да се запрашаме: каде се социјалните работници?“
Градоначалникот на блискиот Палмоли, Џузепе Масчиули, исто така ја осуди мерката. „И јас сум родител, па ме потресе оваа ситуација“, изјави за CNN, додавајќи дека верува оти случајот може да се реши ако семејството прифати одредени услови, вклучувајќи повторно воведување проточна вода и неделни средби со локалното училиште за следење на напредокот на децата.

