Свет
Двапати останаа без покрив над главата, еднаш поради гранати, вториот пат поради земјотрес
Силниот земјотрес што го потресе јужниот турски град Антакија на 6 февруари израмни цели станбени блокови и уништи илјадници животи. Меѓу нив е и живтот насемејството на Абдула ал Мохамед, пишува Ал Џазира.
Во 2020 година, сириско семејство било принудено да се пресели од нивниот роден град Сараќеб, поради конфликтот меѓу сириската влада и опозициските бунтовници.
Додека бомбите паѓале во близина на нивниот дом за време на офанзивата на владините сили на северозападна Сирија контролирана од опозицијата, Ал-Мохамед ја научил својата ќерка Салва, која тогаш имала три години, да игра игра што и помогнала да се ослободи од стравот.
Семејството на крајот се преселило во Антакија, Турција. Но, три години откако таткото и ќерката се оттргнале од несреќата со смеа, нивните животи во Турција повторно се уништија по низата земјотреси.
„Земјотресот беше толку силен, се обидов да стигнам до Салва од другата страна на собата, но ме турна наназад“, изјави Ал Мохамед за Ал Џазира.
„Се чувствувате како да сте заробени меѓу овој и задгробниот живот, се сеќавате на добрите работи и се насмевнувате, се сеќавате на лошите и барате прошка од Бога. Мислев дека земјата пука под нашите нозе, зградите се уриваат насекаде околу нас. Не знаев каде да трчам. Одвреме-навреме слушавме врисоци од урнатините и луѓето трчаа да помогнат“, продолжи тој.
Салва, откако го напуштиле објектот, почнала да плаче, како и многу луѓе кои трчале околу неа. Неколку часа подоцна, нејзиниот татко нашол автомобил во кој таа можела да се одмори и да се загрее.
„Беше смрзната, делумно од студ, делумно од страв, а одвреме-навреме повраќаше“, се присетува тој.
Семејството поднело барање за преселување во Канада пред повеќе од една година, но процедурата за преселување оди бавно. Ал-Мохамед се надева на нов дом каде неговото дете повторно ќе може да се смее.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Ние сме големи губитници, изгубивме инвестиција од 750 милиони евра
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, коментира за актуелните теми вклучувајќи ја и веста дека компанијата на зетот на претседателот на САД, Доналд Трамп, Џаред Кушнер, одлучила да се повлече од проектот за изградба на луксузен хотелски и станбен комплекс, планиран на местото на бомбардираниот Генералштаб во центарот на Белград.
„Сè што се случи во врска со Генералштабот, се гордеам со сите што учествуваа во обидот да се донесе толку голем инвеститор, а со кампањата и ловот што се водеше против инвеститорот успеавме да го уништиме сето тоа“, рече Вучиќ, објави „Телеграф“.
Тој рече дека се чини оти „е потребно да се оцрни сè, да се уништи Србија, да се остави без инвеститори, струја и плати“.
„Оваа приказна денес станува само афера, како држава и народ сме големи губитници, изгубивме инвестиција од 750 милиони евра, а блокадите ни предизвикаа штета од вкупно една и пол милијарда. Штетата предизвикана на Србија е огромна. Сега ќе имаме срушена зграда од која паѓаат тули, а никој веќе нема да ја допре“, рече тој.
Тој се осврна и на Обвинителството за организиран криминал во Србија, кое вчера поднесе обвинение против министерот за култура Никола Селаковиќ и уште три лица за злоупотреба на службената должност и фалсификување документи во врска со овој луксузен проект за недвижности.
„Ние Србите сме мајстори за пропуштени можности, само за да му умре кравата на нашиот сосед на кој било начин. Јас лично ќе поднесам кривични пријави против сите што учествуваа во оваа потера и уништување на инвестицијата, и од Обвинителството и од полицијата“, најави тој.
Вучиќ нагласи дека „како одговорен човек, жал му е што изгубиле инвестиција од 750 милиони евра“ и дека сега „некој измислен проект во Албанија ќе го привлече целото внимание на светот“. Вучиќ истакна дека во соопштението од компанијата на Кушнер се наведува оти се повлекуваат од проектот „за да не се подели народот“.
„Што очекувавте луѓето да напишат? Дали очекувавте: „Се повлекуваме затоа што таму има идиоти што не сакаат инвестиција од 750 милиони евра и кои уживаат гледајќи како урнати згради пред 26 години остануваат такви и во следните 100 години? Дали очекувавте да кажат дека таму има идиоти што не сакаат американски инвестиции? Секако дека не“, рече Вучиќ.
„Тие логично рекоа: ‘Очекувавме сите да ни бидат благодарни, очекувавме тоа да ги обедини луѓето, луѓето да бидат ентузијастични. Но, таму, знаете, има некои што не се ентузијастични, туку, напротив, читаат меѓу редови, некои што не разбираат што е држава, што е народ или кои се интересите на граѓаните на Србија и беа против тоа“, додаде Вучиќ.
За потсетување, на почетокот на годината беше објавено дека инвестициската компанија „Афинити партнерс“, кооснована од Кушнер и милијардерот од Обединетите Арапски Емирати, Мохамед Алабар, планирала да изгради луксузен хотелски и станбен комплекс „Трамп“ на местото на Генералниот штаб на поранешната Југословенска народна армија, уништен во бомбардирањето на НАТО во 1999 година.
Од минатата година српската јавност расправа за правната основа за отстапување на просторот на тешко оштетениот Генералштаб, кој има статус на културно богатство, на странска компанија.
Инсистирајќи на тврдењето дека овој проект е во интерес на државата и нејзиниот главен град, што особено го туркаше Вучиќ, владејачката партија во српскиот парламент донесе посебен закон со кој се дозволува градење во населба чии делови имаат статус на заштитено културно добро поради нивната архитектонска вредност.
По донесувањето на овој закон, следуваше афера со фалсификување на одлуката во Републичкиот завод за заштита на спомениците за бришење на зградите на поранешниот Генералштаб и Министерството за одбрана од регистарот на недвижни културни добра.
фото/депозитфотос
Регион
Српскиот министер за култура фалсификувал документи за луксузниот проект на зетот на Трамп
Српското обвинителство за организиран криминал вчера поведе обвинение против министерот за култура Никола Селаковиќ и уште тројца за злоупотреба на службената должност и фалсификување документи во врска со проект за луксузни недвижности поврзан со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, објави „Еј-би-си њуз“.
Истрагата се фокусира на контроверзната реконструкција на срушениот воен комплекс во центарот на Белград, Генералштабот, кој беше заштитено место на културното наследство, а сега е предвидено за изградба на луксузен комплекс. Селаковиќ, близок соработник на претседателот Александар Вучиќ, и другите обвинети се теретат за нелегално одземање на заштитениот статус на локацијата со фалсификување документи.
Српската влада потпиша договор за закуп на 99 години со американската компанија „Афинити глобал девелопмент“, која е поврзана со Кушнер. Кушнер во тоа време потврди дека неговата компанија планира да го финансира проектот од 500 милиони долари, кој би вклучувал облакодер со хотел, луксузни станови, канцелариски простор и продавници. Сè уште не е познато кога би можело да почне судењето.
Владата го поддржува проектот и покрај истрагата
Предлогот за изградба на местото на поранешниот Генералштаб има силна поддршка од владата на Вучиќ, но се соочи со жесток отпор од експерти во Србија и странство, како и од пошироката јавност. Минатиот месец српскиот парламент донесе посебен закон со кој се отвора патот за изградба и покрај тековната истрага.
Претседателот Вучиќ изјави дека проектот е добар за односите на Србија со САД и дека ќе го помилува секој што е осуден во случајот. „Јас сум виновен“, рече тој неодамна. „Јас сум оној што сакаше да ја модернизира Србија. Јас сум оној што сакаше да привлече голем инвеститор“.
Симбол на отпор кон НАТО
Критичарите истакнуваат дека зградата е архитектонски споменик, кој се смета за симбол на отпор кон бомбардирањето на НАТО, што сè уште се смета за неправедна агресија во Србија. Србија беше бомбардирана 78 дена во 1999 година за да се принуди тогашниот претседател Слободан Милошевиќ да ја прекине репресијата врз Албанците во Косово.
Анти-НАТО расположението останува силно, што ја прави улогата на американската компанија во пренамената на воените згради особено чувствително прашање за многумина во Србија. Срушените згради се сметаат за врвни примери на архитектурата од средината на 20 век во поранешна Југославија, пишува „Еј-би-си њуз“.
Свет
Зеленски кажа што очекува од Америка ако Русија го отфрли новиот мировен план
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека очекува Соединетите Американски Држави, предводени од Доналд Трамп, да извршат силен притисок врз Русија ако Москва ги отфрли мировните услови договорени со Вашингтон и Европа. Зеленски го изјави ова за време на летот назад од Берлин по вчерашните разговори, објавува „Украинска правда“.
На прашањето на новинарите што би се случило ако Кремљ ги отфрли договорите што ги финализираат Украина, САД и Европа, Зеленски одговори со доза хумор.
„Ако Путин отфрли сè, тогаш ќе го имаме она што ни се случува токму сега во авионот – турбуленции. Ова навистина се случува сега“, се пошегува тој. „Но, секако, не е толку сериозно во споредба со војната. И во споредба со она што би се случило ако Путин ги уништи сите дипломатски можности и подготвеноста на Украина, Европа и на САД“.
Зеленски објасни дека во ова сценарио би било логично САД да го зголемат притисокот врз Русија и да ја прошират воената помош за Украина.
„Мислам дека Америка би извршила притисок врз Русија со санкции и би ни обезбедила повеќе оружје ако тој одбие сè. Мислам дека тоа би било фер барање од наша страна кон Американците. Бидејќи, според мене, логиката е следна: ако Американците се подготвени да обезбедат безбедносни гаранции за Украина и да применат силни гаранции ако Путин ги прекрши, тогаш искрено кажете ми како ова се разликува од ситуацијата во која Путин, едноставно, не сака да ја заврши војната?“, рече Зеленски.
„Верувам дека би било фер барање од мене како претседател и од некои европски лидери да ни дадат барем дел од тие гаранции за да можеме да се одбраниме од Путин. Воздушна одбрана и оружје со долг дострел“, заклучи тој.
За време на брифингот, Зеленски откри дека, по разговорите, ќе бидат формализирани пет документи поврзани со безбедносните гаранции и реконструкцијата на земјата. Тој нагласи дека е постигнат сериозен напредок по прашањето на гаранциите и го повтори цврстиот став на Украина дека нема да се согласи на де јуре или де факто признавање на окупираниот Донбас како руска територија. Во меѓувреме, американските медиуми, повикувајќи се на свои извори, објавуваат дека Вашингтон верува оти 90 % од несогласувањата меѓу Украина и Русија се веќе решени.
фото/депозитфотос

