Европа
Полска е подготвена целосно да ја затвори границата со Белорусија
Полска е подготвена целосно да ја затвори границата со Белорусија, изјави заменик-министерот за надворешни работи на Полска, Павел Јаблонски, во програмата на „Полското радио“, пренесува „Спутник“.
„Ако постои таква потреба, особено мотивирана од безбедносни прашања, тогаш ние сме секако подготвени. Сепак, тоа ќе го анализираме како што се развиваат настаните“, рече Јаблонски на прашањето дали Полска е подготвена целосно да ја затвори границата со Белорусија.
Тој негира дека одлуките за затворање на границите се политички мотивирани.
„Ние не носиме такви одлуки само врз основа на политички фактори. Разбираме дека има превозници и стоки што може да се превезат преку граница и тие го користат тоа. Но, ако нашите анализи покажат дека има поголема опасност за безбедноста, тогаш може да се носат такви одлуки“, рече заменик-министерот.
Претходно, беше најавено дека Полска од 19 часот ќе го затвори граничниот премин за товарен сообраќај на последниот активен граничен премин со Белорусија, Кукурики-Козловичи.
Минатата недела на иницијатива на полските власти беше затворен полско-белорускиот граничен премин Бобровники.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Борис Џонсон тврди дека кралицата Елизабета имала рак: Го знаев тоа една година
Поранешниот британски премиер Борис Џонсон ја опиша својата последна средба со покојната кралица Елизабета Втора, која се одржа во замокот Балморал во септември 2022 година, неколку дена пред нејзината смрт, во своуте претстојни мемоари Unleashed.
Џонсон тврди дека на кралицата ѝ бил дијагностициран рак на коските во последните години од животот, пренесува „Дејли мејл“ делови од неговите мемоари.
View this post on Instagram
„Една година или повеќе знаев дека има форма на рак на коските, а нејзините лекари беа загрижени дека во секој момент може да дојде до ненадеен пад“, напиша Џонсон во мемоарите.
Пред нивниот состанок Џонсон тврдеше дека приватниот секретар на кралицата, Едвард Јанг, го предупредил дека нејзиното здравје се влошило во текот на летото.
„Но, нејзиниот ум, како што рече и Едвард, беше целосно неповреден од нејзината болест и одвреме-навреме во нашиот разговор таа сè уште имаше голема насмевка, која го подигнуваше расположението“, додаде Борис.
Кралицата почина само два дена по нивната последна средба. Според Џонсон, Елизабет цело лето знаела дека ќе умре, но била решена да издржи и да ја изврши последната должност и да го надгледува неговото заминување од премиерската функција. Борис Џонсон официјално поднесе оставка за време на нивната средба.
Европа
Путин нареди регрутирање 133.000 нови војници
Рускиот претседател Владимир Путин нареди да се регрутираат нови 133.000 војници во есенското регрутирање, кое започнува на 1 октомври и трае до крајот на годината, а според шефот на канцеларијата за регрутирање, регрутите нема да одат на боиштата во Украина.
Декретот на Кремљ, објавен во вчерашниот руски државен весник „Росијскаја газета“, повикува на мобилизација на граѓаните „на возраст од 18 до 30 години, кои не се во резерва и се предмет на воена служба во согласност со федералниот закон (…) во износ од 133.000 луѓе.“
Шефот на руската канцеларија за регрутирање, вицеадмирал Владимир Цимлјански изјави дека условите за регрутирање остануваат исти – 12 месеци стаж во воените единици во Русија.
„Би сакал да забележам дека регрутите нема да бидат поканети да учествуваат во специјална воена операција во новите региони“, го цитира весникот рускиот вицеадмирал.
Русија ја нарекува војната во Украина, која започна со инвазијата во февруари 2022 година, специјална воена операција. Киев и неговите сојузници тоа го нарекуваат брутална агресија и неиспровоциран, империјалистички обид за заземање на земјата.
Во потег што го осуди поголемиот дел од западниот свет, Русија анектираше делови од југоисточна Украина кон крајот на 2022 година, нарекувајќи ја земјата „нови региони“, потсетува Ројтерс.
Наведувајќи ги зголемените закани на западните граници на Русија, Путин нареди во септември руската војска да се прошири за 180.000 војници на 1,5 милиони активни војници, што ќе ја направи втора по големина во светот по кинеската.
Европа
Почнува судењето на Ле Пен и десничарите, се сомничи дека украле 7 милиони евра
Пред судот во Париз денеска почнува судењето на Марин Ле Пен и другите француски десничари под обвинение за незаконско земање финансиски средства за лажни вработени во Европскиот парламент.
Покрај долгогодишниот лидер на Националниот фронт, Ле Пен, еден од 28-те обвинети за проневера е и татко ѝ и основач на партијата, Жан Мари Ле Пен.
Од самиот почеток Марин Ле Пен ги негира наводите за проневера, кои се однесуваат на периодот меѓу 2004 и 2016 година.
Според неа, станува збор за политички прогон, а од Европскиот парламент велат дека се оштетени финансиски, но и дека им е уништен угледот.
На обвинетите им се суди за евентуално измамничко вработување асистенти на неколку француски пратеници во Европскиот парламент.
Според Обвинителството, Ле Пен и нејзините колеги од партиите Национален фронт и Национален собир користеле пари наменети за плаќање помошници на пратениците во Европскиот парламент за да им платат на луѓето што извршувале работа за партијата во Франција.
Доколку биде прогласена за виновна, максималната казна за овие кривични дела е 10 години зад решетки.
Исто така, доколку бидат прогласени за виновни, обвинетите би можеле да добијат забрана за вршење јавна функција во рок од пет години, што би можело да ја спречи кандидатурата на Ле Пен на следните претседателски избори во 2027 година.