Македонија
Ковачевски – Оцука: Унапредување на економската соработка со Јапонија и силна поддршка на евроинтеграциите на Македонија
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, се сретна со новиот амбасадор на Јапонија во нашата држава, Казуја Оцука.
На состанокот е оценето дека има тренд на унапредување на билатералните односи помеѓу државите и е изразена определба за зајакнување на соработката, посебно во областа на економијата. При тоа, разговарано е и за можностите за презентација на економските потенцијали за инвестирање во Северна Македонија пред јапонски инвеститори.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за големото долгогодишно и искрено пријателство со Јапонија, што се манифестира со континуираната јапонска поддршка, во вкупен износ од над 430 милиони американски долари, со што Јапонија е меѓу најголемите билатерални донатори во Северна Македонија. Воедно, премиерот ја истакна и важноста на јапонската иницијатива за соработка со Западен Балкан, која дополнително придонесува во севкупното продлабочување на соработката и пријателството меѓу двете земји.
„Сакаме да се развиваме како држава и во таа насока од големо значење се односите со развиени земји, како што е Јапонија. Успешно се развиваме како мултиетничка држава. Преку политики на дијалог ги развиваме добрососедските односи. Преку иницијативата ‘Отворен Балкан’ создадовме можност за поедноставени процедури во делот на пазарот на трудот, со што како регион и поголем пазар отвораме можност за зголемена заинтересираност на странски инвеститори. И во Минхен за време на учеството на безбедносната конференција, добивме потврда дека Европската Унија во Северна Македонија гледа фактор на стабилност во Западен Балкан. Европскиот пат на нашата држава е неповратен процес“, рече премиерот Ковачевски.
На средбата е пренесена категорична поддршка од Јапонија за натамошниот напредок на Република Северна Македонија во европските интеграции како прашање од значење за развојот на нашата држава и од значење за стабилноста на регионот и на Европа.
Поздравена е и јасната позиција на Република Северна Македонија во поддршката кон Украина како одраз на почитување на демократијата, слободата и човековите права.
Исто така, изразена е подготвеност за споделување на јапонските искуства во поглед на унапредување на отпорноста и подготвеноста за земјотреси, што се покажува како актуелна тема со ситуацијата во Турција и Сирија.
Во разговорот е потенцирано дека годинава на 26 јули ќе биде одбележана 60-годишнина од катастрофалниот земјотрес во Скопје, а на 4 септември се навршуваат и 110 години од раѓањето на истакнатиот јапонски архитект Кензо Танге, кој има значаен придонес во обновата на Скопје како траен печат во модерниот развој на главниот град и во таа насока е изразен заеднички интерес за одбележување на двата јубилеја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Панична пропаганда се за Петрушевски обвинувањата од СДСМ за реформите во ВМРО-ДПМНЕ
„Обвинувањата на СДС се класичен пример на панична пропаганда без факти и без аргументи“, рече денес пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, одговарајќи на обвинувањата од СДСМ дека место нови лица старата банда е реформата во ВМРО-ДПМНЕ.
„Факт е дека Драган Ковачки поседува валиден НАТО сертификат, што целосно ги демантира лагите дека бил ’одбиен од НАТО’ или дека не исполнувал безбедносни услови. Сѐ друго е злонамерна конструкција за дневнополитички потреби. ВМРО-ДПМНЕ спроведува внатрепартиски реформи согласно Статутот и со јасна цел, ефикасна, одговорна и европски ориентирана партија. Обвинувањата за наводна контрола врз институции и медиуми се неосновани и доаѓаат од структури кои со години ја злоупотребуваа државата и сега се плашат од одговорност“, рече Петрушевски.
ВМРО-ДПМНЕ, како што нагласи Петрушевски, останува цврсто посветена на политиките што значат Македонија интегрирана во ЕУ, стабилен НАТО партнер и заштита на државните и националните интереси.
Македонија
Во 15 контејнери собран над еден тон текстилен отпад во Кисела Вода: жителите на Расадник со најголем интерес
Еден тон текстилен отпад е собран за само еден месец од поставувањето на првите контејнери за текстилен отпад на територијата на општина Кисела Вода, соопштија денес општинските власти.
Според податоците добиени од лиценцираната компанија ЕКО-ТЕКС ГРУП ДОО Скопје, најголема количина е собрана од контејнерот поставен во населбата Расадник, што општинарите велат дека укажува на висок интерес и активна вклученост на граѓаните во процесот на селектирање и правилно одлагање на текстилниот отпад.
„Во моментов се поставени 15 контејнери на различни локации пред месните заедници, а паралелно се изработуваат уште 15 нови, кои во следната фаза ќе бидат поставени пред основните училишта и детските градинки. Со тоа, вкупниот број ќе достигне 30 контејнери, а иницијативата ќе добие и силна едукативна компонента, насочена кон најмладите“, велат од Општината.
Ова е првпат во општина Кисела Вода да се воспоставува ваков систем за собирање текстилен отпад, преку договорот што беше потпишан меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска и Фаик Мифтари, управител на ЕКО-ТЕКС ГРУП ДОО Скопје.
„Со поставувањето на контејнерите за текстилен отпад правиме уште еден суштински исчекор кон современо, одговорно и одржливо управување со отпадот. Фактот што за само еден месец е собран еден тон текстилен отпад покажува дека граѓаните ја препознаваат важноста на оваа иницијатива. Ова партнерство не претставува само техничко решение, туку вложување во едукацијата, свеста и иднината на нашата заедница. Преку ваквите проекти испраќаме јасна порака дека заштитата на животната средина е заедничка обврска и трајна вредност. Искрена благодарност до ЕКО-ТЕКС ГРУП за нивната општествена одговорност и придонесот кон почиста и поздрава околина“, рече градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Од 27 тони запленета дрога, повеќе од две третини е на фирма на соработник на Зоран Заев
Над 2/3 од 27 тони запленета дрога е од фирма на кадар на СДС, соработник на Зоран Заев, рече денес пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски на прес-конеренција во партискиот штаб.
„Фирмата ’ЦБД Медплант’ во формална сопственост на Христијан Котев, а реална на неговиот татко Тони Котев викан М’гчев, кој е поранешен претседател на ОО Ново Село на СДС и близок по бизнис со Вице Заев и Гидан Колев, во периодот од 30.06.2025 година па се до 11.2025 година, има испорачано 19 тони марихуана према скопската фабрика по документ испорачана количина. Дополнително, утринава од струмичката фирма биле изнесени 21 тон дрога“, рече пратеникот Птерушевски и пушти видео од денешното запленување на илегална материја дрога.
Објасни дека станува збор за фирма која добила одобрение од Владата на Зоран Заев и Венко Филипче, за одгледување марихуана за медицински цели во 2020 година.
„Патем, уште во 2020 година, укажувавме дека лиценците за одгледување на марихуана за медицински цели, се добиваат исклучиво по блискоста со СДС, односно во тоа време со Зоран Заев, Вице Заев и Венко Филипче. Тогаш, владата на Заев и Филипче додели лиценци на 2 фирми, ’Еко Енерџи-Космос’ од Ново Село и ’Лајтинг Лукс’ од Струмица, во сопственост на синот на Боро Малборо и Христијан Котев погоре споменатиот“, рече Петрушевски.
Побара Јавното обвинителство да го истражи случајот и јавно праша зошто Заев лично се јавувал на телефони во Царинската управа и се интересирал за овој случај.
„Струмичкиот нарко картел се однесувал како во времето на Пабло Ескобар во Колумбија. Но и на тој нарко картел му дошол крајот, така ќе му дојде крајот и на овој таканаречен нарко картел во струмичко.
Вистината излегува на виделина!“, вели пратеникот Петрушевски.

