Македонија
Герасимовски: Почнуваат подготовките за отворање народна кујна во Маџир Маало
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, денеска оствари средба со претставници од здружението на граѓани за помош на бездомници и социјално загрозени „Љубезност“. Цел на средбата е почнување заемна соработка, која е од исклучителна важност за социјално ранливата категорија граѓани преку отворање народна кујна во населбата Маџир Маало за топли оброци за социјално загрозените семејства и поединци од општина Центар.
„Општина Центар од оваа година планира да почне со иницијативата за отворање народна кујна. Имајќи предвид дека во нашата општина има жители и семејства што се на работ на својата животна егзистенција, се јавува потребата за функционирање ваков тип на кујна како социјален сервис, што ќе биде хуманитарна помош за корисниците на овие услуги. Во услови на економска криза бесплатните топли оброци за граѓаните од социјално ранлива категорија ќе им бидат од големо значење“, рече Герасимовски на состанокот.
Во обезбедувањето храна како поддршка се прават напори да се вклучат општествено одговорни компании, угостителски објекти и пекарници, а Општината ќе обезбеди простори и ќе вложи во набавка на прибор за јадење и средства за хигиена за тековно одржување на просторот.
На заедничко задоволство е соработката да се одвива за подготовки и на други хуманитарни активности во локалната заедница со цел подобрување на квалитетот на живеење на лицата во социјален ризик. Соработката со општествено одговорните маркети и компании и комуникацијата на Општината со граѓанските здруженија и вмрежувањето со други здруженија и невладини организации ќе биде од голема важност за преземање иницијативи и унапредување на активностите за отворањето на народната кујна, а најголем придонес и бенефит ќе имаат социјално загрозените граѓани.
„Со оваа иницијатива се доближуваме кон нашата цел – нула глад во општина Центар. Ги поттикнуваме сите компании, здруженија и амбасади да се приклучат кон оваа иницијатива на Општина Центар и се радуваме за секоја нова соработка, која ќе претставува хуман и благороден гест во мисијата да помогнеме онаму каде што е најпотребно“, истакна градоначалникот Герасимовски.
Претседателот на здружението „Љубезност“, Тони Станковски, ги презентира нивните активности во делот на давање хуманитарна помош, но и во процесот на ресоцијализација и реинтеграција на крајните корисници. Целта на здружението е да се овозможат услови за социјално загрозената категорија граѓани да станат активни фактори во општеството и да стекнат правилни навики на дејствување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муртезани, поранешниот генерален директор во МЕПСО и МЖ е кандидат за министер за европски прашања на Алтернатива
Орхан Муртезани е кандидатот од Алтернатива за министер за евроинтеграции, додека Љуљзим Алиу е предложен за заменик министер за образование, а Сафије Садики Шаини за заменик министерка за односи меѓу заедниците, информира Алтернатива.
Муртезани е поранешен генерален директор во МЕПСО и во Македонски Железници – Транспорт, како и актуелен секретар за односи со јавноста и портпарол на Алтернатива.
На оваа средба се разговарало и за кандидатот за заменик министер за образование и наука, при што исто така едногласно било одлучено да биде проф. д-р. Лулзим Алиу, универзитетски професор и продекан на Педагошкиот факултет, поранешен заменик министер за образование, а моментално секретар на Секретаријатот за стратегиски политики во Алтернатива.
„Бидејќи Алтернатива презеде одговорност и за заменик-министерот во Министерството за етнички заедници, за ова име Централното претседателство едногласно одлучи кандидат на Алтернатива за оваа функција да биде Сафије Садики Шаини – универзитетски професор, поранешен пратеник и потпретседателка на Алтернатива“, стои во соопштението.
На средбата се разговарало и за оставката на поранешниот претседател на Алтернатива, Африм Гаши, кој е избран на функцијата Претседател на Собранието на Република Северна Македонија.
„Судејќи дека во интерес на партиското претставување е партијата да има претседател со полн легитимитет, Централното претседателство на Алтернативата одлучи да му предложи на Централното собрание да донесе одлука за организирање на вонреден конгрес за избор на новиот претседател на Алтернатива“, соопштија од партијата.
Македонија
Лифт потиснал и заробил куче, го спасија пожарникари од Прилеп
Центарот за управување со кризи информира за несекојдневна ситуација во Прилеп каде пожарникари спасиле куче заглавено во лифт.
„Пожарникарите од ТППЕ Прилеп, покрај гасењето на пожарите во населени места и на отворено имале имале уште една помала техничка интервенција за безбедно извлекување на куче коешто било потиснато и заробено од лифт во ООУ ‘Кочо Рацин’. Интервенирано е со едно возило и двајца пожарникари“, велат од Центарот за управување со кризи.
Македонија
Филипче: Младите бараат нешто ново, не бараат ригидна партиска структура
„Сметам дека оваа организациска поставеност на партијата го дала својот максимум во некои минати времиња. Луѓето бараат нешто ново. Младите бараат нешто ново, не бараат ригидна партиска структура во којашто ќе слушнат наредба во која не учествувале. Сакаат да дадат свој придонес. А ќе дадат свој придонес кога ќе може да комуницираат на соодветен начин и соодветно ќе бидат вклучени и вреднувани“, истакна Венко Филипче на првата од осумте партиски трибини во рамки на кампањата на СДСМ за избор на претседател.
Тој рече дека е овој модел на организација мора да се менува со цел да се прилагоди на потребите и начините на комуникација на луѓето во денешно време, но и да се обезбеди поголема и постојана вклученост на членовите.
Филипче смета дека е потребно основата на политиките и одлуките да доаѓаат од најниско кон највисоко ниво, каде на база на реалните потреби на граѓаните понатаму ќе обликуваат решенијата.
„Најголемиот проблем со којшто се соочивме изминатиот период и кое луѓето најдиректно ни го кажуваат е дека имале затворени врати. Едноставно не можеле да си ги кажат ни барањата, ни потребите и идеите. И што прават луѓето? Нормално се повлекуваат. Така да ако се отвори партијата, ако се симне структурата кон општинските организации каде што ќе се градат политиките и после тоа дојдат до централното ниво каде што понатаму ќе се дообликуваат е вистинскиот пристап. Само така ќе можеме да кажеме дека сме креирале политики согласно реалните потреби на луѓето“, рече Филипче.