Македонија
КИЦ до советничката Ангелова: Договорот за јавни набавки не е за реконструкција, туку за набавка на бина, озвучување и осветление
Од Културниот информативен центар – Скопје реагираат на објавата на веста, која се однесува на советничко прашање од страна на Емилија Ангелова, советник во Град Скопје, во врска со договорот за јавни набавки и склучени договори во Културно-информативниот центар – Скопје со фирмата „Арберија дизајн“.
Како што додаваат од КИЦ, прашањето кое е поставено од страна на советничката е погрешно формулирано (дека се однесува на реконструкција). Прашањето, како што велат, се однесува на договор за набавка на услуги за поставување бина, озвучување и осветление (т.е. планот за јавна набавка), а не за реконструкција.
„Во прилог ви го испраќаме и целосниот одговор испратен до Советот на Град Скопје, со кој се дообјаснува и се дава јасен одговор на поставеното советничко прашање:
1. Средствата на кои се повикувате во висина од 1.062.000 се однесуваат на договор за набавка на услуги за поставување бина, озвучување и осветление, т.е. план за јавна набавка, кој не значи дека ќе бидат реализирани во целост во текот на годината.
2. Во самото прашање се споменува и договор за реконструкција, што како информација e неточно. Договорот се однесува исклучиво на набавка на услуги за поставување бина, озвучување и осветление. КИЦ во изминатата година нема добиено средства за реконструкција, ниту распишано јавна набавка за реконструкција ниту изведувал некакви реконструкциски зафати.
3. Културно-информативен центар – Скопје секоја година прави план за јавна набавка на опрема за поголемите манифестации според процените за потребите на програмата за следната година (во случајот од страна на претходното раководство на установата), а минатата година во максимална висина на договорот од 900.000 ден. За 2022 тоа беа две манифестации: ‘Сите заедно, за сите поубаво’ во мај (за кој исто така беше побарана опремата од Универзалната сала) и ‘Звуците на Чрашијата“ во септември.
4. ‘Звуците на Чаршијата’ е организациски изискателен и доста голем фестивал во траење од два дена, кој се одвиваше на две сцени, од кои едната (помалата сцена и опрема за неа) беше побарана и позајмена од Универзалната сала (барање за користење техничка опрема во прилог).
5. Големата сцена на која настапуваше хедлајнерот, т.е. ѕвездата на фестивалот, Констракта, на плоштадот Мајка Тереза, беше изнајмена врз основа на договорот за јавна набавка од ‘Арберија дизајн’ (копија од фактура со спецификација на опремата во прилог). За овој дел од настанот бината и опремата на Универзалната сала не може да одговори на потребите на групата што настапуваше. Секоја група за својот настап до организаторот испраќа своја ‘рајдер-листа’, т.е. техничка спецификација/потреби, а врз основа на нивните барања се прави изнајмување на соодветната опрема.
6. Конечно, дел од средствата наменети за сцена и опрема беше одобрен од Министерството за култура, и тоа во висина од 500.000 денари (барање до Министерството во прилог).
7. Програмата за култура на КИЦ, како и капиталните инвестиции и нивната висина, како информација им се познати на советниците бидејќи тие учествуваат во нивното одобрување, т.е. гласање“, се наведува во демантот на КИЦ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

