Македонија
Претседателот на Кривичниот суд контра анкетите: Довербата расте

„Моето мислење е дека расте довербата иако анкетите се такви какви што се“. Вака претседателот Иван Џолев ја коментира перцепцијата на граѓаните кон Кривичниот суд. Пред новинарите посочи дека минатата година имаат историски најголем број случаи што добиле пресуди. За критиките од Судскиот совет упатени за неажурноста на судот не навлегуваше во детали. Нагласи дека имаат недостиг од 25 судии. Џолев не знае дали некој од слушателите на Академијата за судии и обвинители, а кои се деца на политичари, ќе завршат како судии во Кривичниот суд.
„Не знам колку судии ќе дојдат, односно ќе бидат избрани за Кривичниот суд. Тоа се анализи на Судскиот совет. Тие му се доделуваат на секој суд во согласност со потребите. Во секој суд во Македонија има намален број судии. Јас мислам дека ни е потребен поголем број судии. Се намали број на судии, а се зголеми бројката на предмети, а во најава има уште неколку судии што ќе одат во пензија на почетокот на следната година. Сметам дека бројката за Кривичен суд треба да биде од пет па нагоре“, рече Џолев прашан колку кандидати од Академијата очекува да бидат судии во Кривичниот суд.
За критиката од Судскиот совет дека Кривичниот суд е неажурен, посочи дека не му е јасно како минатата година имале оценка дека се ажурни иако имале помалку решени предмети, сега се прогласени за неажурни, а имаат поголем број решени предмети.
„Овој суд во 2022 година има решено рекордни, никогаш повеќе судски предмети, во изминатите 50 години – 107 илјади предмети. Има огромен наплив на нови предмети, околу 110.000 предмети. Претходната година кога сме решиле помалку предмети, сме биде поажурни, тогаш беа 104 илјади решени предмети. И тоа беше рекорд. Сега имаме помалку судии и повеќе решени предмети“, додаде Џолев.
За споредба, во 2021 година во Кривичниот суд суделе 50 судии, а имало помалку предмети од сега. Тогаш процената била дека недостигаат уште 25 судии за да може работата да тече нормално.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на средба со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу

Во рамки на работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба во Стејт департментот со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу.
„На средбата се разговараше за постигнувањата во изминатите 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, стратешкото партнерство, политичката и секторската соработка, како и потенцијалот за нивно понатамошно продлабочување“, соопшти Министерството.
Соговорниците заеднички ги потврдиле одличните билатерални и пријателски односи, засновани на вредностите на безбедност, демократија и слобода. Министерот Муцунски упатил благодарност за континуираната поддршка од САД во трансформацијата на општеството, зајакнувањето на капацитетите и спроведувањето на неопходните реформи.
На средбата станало збор и за силното сојузништво во НАТО, активната соработка во мултилатералните организации и заедничкиот придонес кон регионалната и глобалната стабилност и безбедност.
Македонија
Викендов сончево и топло време

Утре наутро ќе биде ведро и посвежо, преку денот претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 25 до 31 степен.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 31 степен.
За време на викендот и во првите денови од следната седмица ќе се задржи сончево и топло време со постепен пораст на температурата на воздухот. Потоа ќе настапи зголемување на облачноста.
Македонија
Викендов посебен сообраќаен режим кон манастирот во Калишта

За време на одржувањето на големиот православен празник „Рождество на Пресвета Богородица“ – „Мала Богородица“кој на 20 и 21.09.2025 година се празнува во манастирот во струшкото село Калишта, ОВР Струга, ќе спроведе посебен сообраќаен режим.
Утре (20.09.2025) од 18 часот се до завршување на предвидените верски церемонии, сообраќајот за влез кон манастирот ќе се одвива преку магистралниот пат А-2 Струга-Ќафасан со исклучување кај селото Франгово по локалниот пат до хотел „Изгрев“ односно до манастирот а за излез од манастирот према Струга, сообраќајот ќе се одвива по регионалниот пат Р-1208, Радожда-Струга преку селото Калишта.
Истиот режим на сообраќај ќе биде и на ден 21.09.2025 (недела) со почеток од 08 часот наутро, се до завршување на церемонијата во попладневните часови.
„Со цел, непречено одвивање на сообраќајот во овие околности, апелираме до верниците да го почитуваат сообраќајниот режим и насоките на полициските службеници“, велат од охридската полиција.