Македонија
(Видео) Лефков: Бирото за метрологија набавило мобилна лабораторија трипати поскапа, институциите да отворат истрага
„Ќе обелодениме сомнежи како Мерита Мустафаи, директор на Бирото за метрологија, која ѝ дава акредитација на „Метролаб“, основана од шалтерски работник кај Груби за баждарење инструменти за мерење нафтени деривати и течен нафтен гас, го оштетува буџетот. Ова е договор за набавка на подвижна лабораторија склучен помеѓу Бирото за метрологија, раководено од Мустафаи и фирмата РОФА од Австрија, во вредност од 600.000 евра од 2019 година“, истакна на денешната прес-конференција Миле Лефков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нашите информации, како што додаде, првична понуда за ваква лабораторија има добиено Државниот пазарен инспекторат и понудата била од истата фирма трипати пониска од дадената на директорката на Бирото за метрологија.
„И покрај тоа што Мерита Мустафаи требало да направи истражување на пазарот и да утврди колку вреди таквата набавка, таа ја набавува опремата во 2019 година со основна намена испитување квалитет на нафтените деривати. Оваа лабораторија во пракса се покажува како нефункционална и опремата од неа подоцна се вади и се преместува во просториите на Бирото за метрологија. Мустафаи знаела дека таква мобилна лабораторија ќе биде нефункционална, но наместо за многу помалку пари да воспостави лабораторија во просториите на Бирото за метрологија и да се акредитираат за земање примероци, одлучува да ја спроведе набавката од 600.000 евра и да го купат ова комбе“, кажа Лефков.
Според него, бидејќи одржувањето на комбето станало нерентабилно со многу дефекти и можност за брзо расипување на опремата во него, Мустафаи одлучува да направи фиксна лабораторија во просториите на Бирото за метрологија и опремата да ја дислоцира во неа.
Мустафаи, наместо првично да набави лабораторија за собни услови, додава Лефков, таа троши 600.000 евра за лабораторија шѓто подоцна ќе ја растури, резултатот е само поскапо платена опрема.
„Мустафаи не застанува тука, по примерот со набавката на мобилна лабораторија за нафтени деривати, таа во 2022 набавува опрема за испитување мазут, во висина од неверојатни 416.000 евра. Само за споредба, мобилната лабораторија, комбето со 7 инструменти, чини 600.000 евра, а опремата за мазут, која се состои од 4 инструменти, е купена за 416.000 евра. Како минува времето на функција, така и се зголемуваат набавките. Па во октомври 2022 година Мустафаи набавува опрема за верификација на гасомери, која чини неверојатни 1.050.000 евра“, истакнува Лефков.
За само 3 години, според него, направени се 3 набавки во вкупна вредност од неверојатни 2.000.000 евра.
Ги повикуваме, додава тој, ДПИ и Бирото за метрологија да одговорат, дали Бирото за метрологија набавило лабораторија по трипати поскапа цена од тоа што истиот доставувач претходно му понудил на Државниот пазарен инспекторат?
„ЈО и ДКСК, како и Финансовата полиција, да отворат истраги за овие набавки, како и истрага за значително подобрената имотна и финансиска состојба на директорката Мерита Мустафаи од 2019 година па сè до денес, која се гледа преку хациендата од 150 м2 на Попова Шапка на име на нејзиниот сопруг, која не е пријавена во нејзиниот анкетен лист“, истакна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЕСМ го одбележува 60-годишниот јубилеј на хидроелектраната „Глобочица“ – шест децении енергија, традиција и напредок
АД ЕСМ и подружницата ХЕС „Црн Дрим“ денеска свечено го одбележаа големиот јубилеј – 60 години од пуштањето во употреба на хидроелектраната „Глобочица“, капитален проект од непроценливо значење за македонскиот електроенергетски систем.
Хидроелектраната „Глобочица“, дел од хидросистемот „Црн Дрим“, е пуштена во работа на 4 ноември 1965 година. Со инсталирана моќност од 42,5 MW, таа во изминативе шест децении произведе повеќе од 10.367 GWh електрична енергија, Средното годишно производство изнесува 175 GWh, а максималното е забележано во 2010 година – 292 GWh.
Во рамките на развојните програми на компанијата, „Глобочица“ претрпе повеќе ревитализации, со што нејзината првична инсталирана моќност е зголемена за дополнителни 9 MW. Денес, електраната претставува пример за успешно спојување на инженерската визија и одржливиот развој, обезбедувајќи чиста, обновлива енергија и намалување на јаглеродниот отпечаток.

Во рамките на Свечената академија, генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев најави капитален проект кој ги опфаќа хидроелектраните Глобочица и Шпилје.
„До крајот на годинава очекуваме почеток со реализација на капиталниот проект „Ревитализација на хидроелектраните“ – Фаза 3, од кои една од главните придобивки ќе биде зголемување на вкупното производство од хидроенергија за 50 GWh, годишно. Од реализацијата на овој проект, најголема придобивка ќе имаат токму ХЕ „Глобочица“ и ХЕ „Шпилје“. Со овој зафат, гарантираме продолжување на нивниот животен век за најмалку уште три децении“ нагласи Узунчев.
Директорот на Подружницата ХЕС „Црн Дрим“, Гоце Божиновски, во своето обраќање пред присутните нагласи:
„Денес славиме 60 години од првите киловат-часови произведени во ХЕ „Глобочица“ – електрана која не е само инженерско чудо, туку и симбол на визија, истрајност и иновативен дух. „Глобочица“ е животна лекција дека човечката визија и природата можат хармонично да соработуваат. Оваа електрана останува трајно сведоштво за силата на знаењето, посветеноста и трудот на генерациите што ја создадоа и ја одржуваат.“, рече Божиновски.
АД ЕСМ и ХЕС „Црн Дрим“ изразуваат искрена благодарност до сите поранешни и сегашни вработени, инженери и техничари кои во изминатите шест децении го вложиле своето знаење и труд во развојот и одржувањето на хидроелектраната „Глобочица“.
Компанијата останува целосно посветена на својата зелена агенда – модернизација и изградба на нови обновливи извори на енергија, кои ќе обезбедат стабилна и одржлива енергетска иднина за Македонија.
Македонија
Беким Сали ќе го наследи Изет Меџити како прв вицепремиер
Портпаролот на коалицијата ВРЕДИ, Дритон Сулејмани, денеска потврди дека Беким Сали ќе биде новиот прв вицепремиер, на местото на Изет Меџити кој стана градоначалник на Општина Чаир.
За нов министер за животна средина и просторно планирање, на местото на Меџити, сè уште се одлучува.
Беким Сали претходно беше министер за здравство од 2022 до 2023 година.
Сулејмани истакна дека ВРЕДИ ќе продолжи да функционира како единствен политички субјект, без поделби по партии, како и досега.
Во осврт на изборните резултати, тој оцени дека локалните избори ја потврдиле новата политичка реалност во земјата и дека ВРЕДИ станува втора политичка сила на државно ниво, со доминација во албанскиот политички блок.
Како примери на успех, Сулејмани ги посочи победите на Билал Касами во Тетово, Фети Абази во Боговиње и Даут Мемиши во Теарце, а резултатот во Чаир го нарече јасна порака од граѓаните против старите политики.
Македонија
Утре променливо облачно време, од четврток до понеделник дожд, најавува УХМР
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 8, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со повремен слаб дожд. Ќе дува умерен, северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во среда и четврток во утринските часови има услови за појава на магла. Под влијание на влажна воздушна маса, од четврток од вечерните часови па се до понеделник, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, наместа пообилни.

