Македонија
Петкоска: Младите станаа најзагрозена категорија, резултатот е секојдневно иселување
Во моментов дискутираме за разрешување на министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи. И кога малку ќе подразмислам овој министер можеби има најмногу „сработено“ бидејќи повеќе граѓани имаме во дијаспората отколку што ни останаа во Македонија. Овде би сакала да ја потсетам македонската јавност за тоа како ќе изгледаше ветената земја, блескавата Македонија во која невработеноста е на најниско ниво, во која секојдневно се градат нови патишта, правниот систем е пупка, здравството бесплатно, образованието врвно, а платите никогаш повисоки. Се сеќавате ли на групата млади луѓе во шарени маички на кои им пишуваше „заедно напред“. Навистина заминаа, заедно напред, заедно кон ЕУ без да погледнат зад себе. Каде ни се тие млади? Токму оваа власт безмилосно ги фрли во виорот на едно општество, кое требаше да биде општество за сите“, истакна Лидија Петкоска, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница.
Петкоска го запраша владејачкото мнозинство каде се младите, зошто младите се повеќе си заминуваат од државата.
„Младите станаа најзагрозена социјално категорија на населението, западнаа во буџетска немилост, станаа жртви на разно разни ребаланси во кој молат за пристоен оброк и нормален кревет. Тоталната негрижа на институциите на власт спрема нив сите ја плаќаме со драматични загуби на најзначајната категорија на населението, а резултатите од владините политики секојдневно ги испраќаме по неколку автобуси во странство“, рече пратеничката.
Таа посочи дека пострашно е што уште поголем дел од граѓаните се повеќе посакуваат да си заминат од Македонија. А, за ова е виновна власта и нејзините лоши политики.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Фетаи–Лоутон: Продлабочување на партнерството меѓу Северна Македонија и САД
Заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, оствари работна средба со Даниел Џ. Лоутон, заменик-помошник државен секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања (EUR) при Стејт департментот на Соединетите Американски Држави.
На средбата се разговараше за стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД, како и за продлабочување на соработката во областите на владеењето на правото, институционалните реформи, борбата против корупцијата и зајакнувањето на практиките на добро владеење. Заменик-претседателот на Владата Фетаи ја потенцираше посветеноста на Владата за унапредување на демократските стандарди, зголемување на транспарентноста и отчетноста, како и спроведување реформи кои обезбедуваат правично и ефикасно функционирање на јавните институции.
Заменик-помошник државниот секретар Лоутон ја реафирмираше силната поддршка на САД за реформските процеси во земјата, потенцирајќи ја важноста од продолжување на стабилните политики што го поттикнуваат евроатлантското интегрирање, институционалната стабилност и демократскиот развој. Заменик-претседателот на Владата Фетаи и заменик-помошник државниот секретар Лоутон се согласија да продолжат со редовна комуникација и координација за прашања од заеднички интерес, со посебен акцент на зајакнување на доброто владеење и институционалниот интегритет.
Во рамки на посетата, заменик-претседателот на Владата Фетаи оствари работна средба и со Марк Тервакоски, Директор на Канцеларијата за Европа и Азија при Бирото за Меѓународни Наркотични Прашања и Спроведување на Законот.
Македонија
Средба на Гаши со шеикот Махир Муајкали
Претседателот на Собранието, Африм Гаши оствари средба со Имамот на Каба, шеикот д-р Махир Муајкали, кој за првпат е во четири дневна официјална посета на државата.
На средбата беше присутен и Реис ул Улема Шаќир еф. Фетаху, поглавар на Исламска верска заедница (ИВ).
„Во срдечната и конструктивна атмосфера, соговорниците се осврнаа на значењето на неговата посета, како и на важноста од меѓусебното почитување и разбирање. Притоа беше изразена искрена благодарност до државните власти на Кралството Саудиска Арабија за нивната досегашна поддршка и соработка. Во разговорот беше нагласено и значењето на зајакнувањето на врските и вредностите што ги споделуваат двете земји и народи, како и заедничката подготвеност за унапредување на институционалните односи и продлабочување на меѓусебната соработка“, соопшти Собранието.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ утре на 18. Конгрес ќе ја донесе новата „Стратегија за Македонија 2030“
ВМРО-ДПМНЕ утре во Кавадарци ќе го одржи својот 18-ти редовен Конгрес. Од партијата велат дека овој Конгрес претставува ново поглавје во политиката, во која првенствено треба да се обезбеди стабилно, предвидливо и државничко водство.
На Конгресот ќе биде донесена новата Стратегија на партијата: „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“ (правци за дејствување, развој и државно водство), како и пропратни документи на истата.
„За да опстои и да напредува, македонската држава мора да има јасен стратегиски правец: стабилна државност, функционални институции, модерна економија и цврсто заштитен македонски идентитет. Оваа стратегија ја дефинира улогата на ВМРО-ДПМНЕ токму во таа насока: партија што предвидува, а не следи; партија што гради систем, а не мандат; политичка сила што поставува долгорочна архитектура на државата. Со оваа Стратегија ВМРО-ДПМНЕ се дефинира како водечка европска, демократска и вредносно ориентирана политичка сила во Македонија“, велат од партијата.

