Црна хроника
Двајца пациенти починаа од сепса при операции во прилепската болница, Обвинителството ќе бара виновник
Основното јавно обвинителство Прилеп по допрен глас оформи предмет по информациите за смрт на две лица во ЈЗУ Општа болница Прилеп – жена на возраст од 48 години и непознато машко лице кај кои биле извршени оперативни зафати по што добиле интерхоспитална бактерија од која починале. Според сознанијата, веднаш по овие случаи сите оперативни сали во болницата биле затворени.
Исто така, Основното јавно обвинителство Прилеп постапува и по добиена информација преку допрен глас за несовесно лекување на лице на возраст од 30 години на Одделот за неврологија при ЈЗУ Општа болница Прилеп. Пациентот наводно бил лекуван десетина дена со погрешна дијагноза.
Со цел да ги провери овие информации и евентуална кривична одговорност, надлежен јавен обвинител издаде барања за прибавување на целокупната писмена документација во врска со овие случаи од Државниот санитарен и здравствен инспекторат Прилеп и од ЈЗУ Општа болница Прилеп. Издадена е и наредба до МВР – ОВР Прилеп да изврши информативни разговори со службени лица во болницата, со роднини и блиски лица на пациентите. По извршените проверки ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Судир на патот Штип–Кочани: „Пежо“ и „форд“ се судрија, еден возач тешко повреден
Тешка сообраќајна несреќа се случила на 27 декември попладнето на магистралниот пат Штип–Кочани, на излезот од селото Чардаклија.
Според информациите од СВР Штип, околу 16:13 часот дошло до судир меѓу патничко возило „пежо 607“, управувано од 28-годишен жител на Радовиш, и товарно возило „форд транзит“, зад воланот на кое бил 60-годишен маж од селото Горни Подлог, кочанско.
Во несреќата, возачот на „пежото“ се здобил со тешки телесни повреди, додека со телесни повреди биле повредени и возачот на товарното возило, како и неговите две сопатнички – жени на возраст од 58 и 62 години.
Сите повредени биле пренесени и згрижени во Клиничка болница Штип, каде што им биле констатирани повредите.
На местото на несреќата бил извршен увид од полициска екипа од СВР Штип.
Црна хроника
Грабеж среде ноќ во Скопје: четири малолетници уапсени по кражба на чанта од жена
Четири малолетни лица од Скопје се лишени од слобода рано утринава по сомнение дека извршиле грабеж на една скопјанка.
Како што информира полицијата, денеска (28 декември) околу 03:20 часот, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ги привеле малолетниците на улицата „Цветан Димов“.
Според првичните информации, тие претходно насилно одзеле чанта oд едно женско лице, во која се наоѓале лични документи и платежна картичка.
По приведувањето, малолетните лица биле спроведени во Полициска станица Бит Пазар, каде што се задржани за понатамошна постапка. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Ќафасан: Возач oставил пари на шалтер и се обидел да поткупи полицајка
Обид за поткуп е регистриран на граничниот премин Ќафасан во попладневните часови на 27 декември.
Како што информира полицијата, околу 14:30 часот, полициски службеници го лишиле од слобода 41-годишниот В.К. од Република Албанија. За време на граничната и пасошката контрола, тој ѝ понудил поткуп на полициска службеничка, оставајќи пари преку прозорецот од кабината на шалтерот.
По настанот, лицето било приведено во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

