Македонија
(Видео) Пропадна обидот да почне судењето за прислушувањето, заборавиле да испратат наредба за спровод на обвинетиот
Почна со половина час доцнење, за 5 минути имаше пауза, а потоа и се одложи првото рочиште за „Таргет – Тврдина“, предмет за масовното прислушување, кој се суди одново. Ексшефот на Одделот за координација во УБК, Тони Јакимовски, не беше спроведен во Кривичниот суд од куќен притвор. Ова беше причината поради која Илија Трпков по евидентирање на присутните, не можеше да продолжи со воведен збор на обвинителот.
„Обвинетиот Тони Јакимовски не е спроведен“, рече судијата Илија Трпков.
Сите други обвинети беа спроведени, вклучувајќи ги Сашо Мијалков од затворот во Струга и Гордана Јанкуловска од затворот „Идризово“. Судијата Трпков даде пауза за да види што се случува со Јакимовски и зошто не е спроведен.
„До обвинетиот била пуштена покана, ја примил уредно. Но, наредба нема стигнато. Со доставницата не е пуштена и наредбата. Останува судењето за утре“, изјави Трпков.
Предметот „Таргет – Тврдина“ е на пат да застари, а одговорност за масовното прислушување да нема. Кривичниот суд рече дека Трпков планира да го стави судењето на брза лента, со зголемена динамика на рочиштата. Следното судење е закажано за утре, но одржувањето е неизвесно.
За делата на Мијалков и другите обвинети да не застарат, правниците сметаат дека е важен секој ден оти се пред застарување. Предметот е обемен, а пред пресудата да биде укината, процесот од првото судење до одлуката на Апелација траеше пет години.
Ако динамиката тече исто како и претходно, а делата на обвинетите им застаруваат во 2025 година, односно за две години, тогаш пресметките покажуваат дека е невозможно да се дочека одговорност за масовното прислушување.
Застарувањето на делата за Мијалков и другите обвинети за прислушувањето ќе значи дека државата ќе треба да им плаќа отштета на сите незаконски прислушувани граѓани. Ова е трето по ред прислушување, кое е на пат да остане неказнето.
Претходно, Кривичниот суд донесе осудителна пресуда, а Апелација ја укина. Образложението зошто предметот треба да се суди одново е дадено на седум страници. Меѓу другото, главната забелешка била што во првостепената пресуда немало опис на кривичните дела за кои Мијалков и другите се прогласени за виновни. Апелација бара и да се утврди колку лица биле прислушувани, преку кои уреди и во кој период.
Апелациските судии Јани Нича, Енвер Беџети, Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева го држеа предметот една година и 10 месеци. Доколку не го вратеа предметот на повторно судење, а со преотворање на главната расправа и повторен главен претрес можеа да пресечат дали обвинетите се виновни или не. А потоа ќе се произнесеше Врховниот суд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

