Европа
Британка спасила питбул а тој по неколку дена ја убил
Шеесет и седумгодишна британска државјанка починала во болница во Валенсија, Шпанија, откако била нападната од куче.
Според локалните медиуми, кучето питбул неколку дена претходно го спасила истата жена од селото, кога го нашла напуштено.
Таа потоа го однела кучето во нејзината куќа во провинцијата Макастро, се вели во соопштението на официјалниот претставник.
Според „Гардија Цивил“, нападот се случил на 24 февруари, кога службите за итна помош примиле повик и се упатиле кон нејзината куќа.
Кога пристигнала ЕМС, кучето се уште било во куќата, па не можеле веднаш да и помогнат.
Набргу потоа пристигнале двајца агенти на Цивилната гарда, а едниот од нив го застрелал кучето за да може лекарот да ја посети жртвата.
Жената била пренесена во болница откако се здобила со сериозни повреди на главата и раката.
Според медицински извори цитирани во „Лас Провинсијас“, жената „паднала во состојба на шок откако претрпела крварење“, но тие успеале да ја стабилизираат пред да ја однесат во болница.
Тогаш била на интензивна нега каде лекарите се обиделе да ја спасат, но таа починала.
„Гардија Цивил“ соопшти дека истрагата е во тек додека се обидуваат да го лоцираат сопственикот на питбулот, кој немал микрочип за идентификација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на Телеграм соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети најверојатно биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, била и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на Телеграм, се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата Телеграм.
Ројтерс сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.