Економија
Ангеловска-Бежоска – Павлова: Првата национална стратегија за зелени финансии е во завршна фаза

Народната банка е во завршна фаза на изработка на првата национална стратегија за поттикнување на зеленото финансирање. Стратегијата предвидува голем број активности што ќе придонесат за справување со ефектите од климатските промени, кои имаат негативно влијание врз економскиот раст на земјите и инфлациските притисоци. Европската инвестициска банка (ЕИБ) изрази подготвеност преку нивниот консултантски тим, специјализиран за зазеленување на финансиските системи, да го поддржи спроведувањето на стратегијата. Ова беше истакнато на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, со потпретседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова, на маргините на форумот на групацијата на ЕИБ – „Приспособување на светот што се менува“, на кој учествува гувернерката.
Климатските промени се извор на ризици за финансиската стабилност и поради тоа сè поголем број централни банки во светот ги вклучуваат зелените финансии во своите цели. Народната банка како општествено одговорна институција се стреми да биде пример и да даде придонес кон создавањето зелена и одржлива економија заради унапредување на квалитетот на животот на граѓаните и нивниот животен стандард. Оттука, Банката веќе презема низа активности за поттикнување на финансирањето на зелените проекти од страна на банкарскиот сектор, меѓу кои е и изработката на стратегијата за зелени финансии.
Стратегијата за поттикнување на зелените финансии ќе засега повеќе сегменти, како што се финансиската стабилност, банкарската регулатива и супервизија, монетарната политика, истражувањето, финансиските пазари и јакнењето на капацитетите на Народната банка. Некои од позначајните активности во рамките на стратегијата се подготовка на насоки за работењето на банките во доменот на зелените финансии, како и редовни стрес-тестирања за оцена на отпорноста на банкарскиот систем на климатските промени.
Народната банка во изминатиот период почна да гради зелено портфолио на хартиите од вредност во девизните резерви. Од минатата година преку задолжителната резерва, централната банка интервенира за поттикнување на зеленото кредитирање од страна на банките.
Во изминатиот период се забележува напредок во зеленото финансирање во земјата, но сè уште има простор за негово унапредување. Народната банка почна со редовно известување за зеленото кредитирање на банките – според последните расположливи податоци се забележува раст за речиси 80 % на зеленото кредитирање во споредба со крајот на 2019 година (од кога се прибираат податоците). Во овој период зелените кредити или кредитите за финансирање обновлива енергија, енергетска ефикасност, одржливо земјоделство и технолошки иновации, пораснаа 0,9-процентни поени како удел во вкупните кредити и сега изнесуваат 3,1 %.
Соработката на нашата земја со Европската инвестициска банка датира од 1977 година. Досега тие поддржуваа развојни проекти во јавниот и во приватниот сектор, кои имаат цел да ги подобрат условите за живеење во земјата. Повеќето од проектите се однесуваат на инвестициите во транспортната мрежа, енергетиката, како и водоснабдувањето и третманот на отпадни води, но и поддршка на малите и средните претпријатија преку кредитни линии пласирани преку комерцијалните банки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Нови цени на горивата

Од ноќеска на полноќ, бензините поевтинуваат за половина денар, а дизелот за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 0,50 ден/лит, и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 74,00 ден/лит, додека малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 76,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ 1), се намалуваат за 1,00 ден лит и со тоа малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 67,50 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) изнесува 67,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,143 ден/кг, и со тоа малопродажната цена на Мазутот М-1 НС изнесува 38,643 ден/кг.
Економија
Муцунски: Македонија е рангирана меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд-инвестиции

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Гоце Димоски, денеска одржаа тематска прес-конференција, на која говореа за последниот извештај на „Фајненшл Тајмс“ – fDi Intelligence, според кој Северна Македонија е рангирана меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд инвестиции во однос на БДП.
„Денес споделуваме резултати што се видливи и недвосмислени. Според најновиот извештај на ‘Фајненшл Тајмс’ – fDi Intelligence, нашата земја е меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд инвестиции во однос на БДП. Докажуваме дека сме мала земја која умее да постигне големи резултати“, истакна министерот Муцунски.
Тој појасни дека гринфилд инвестициите значат нови фабрики, капацитети и нови работни места, додавајќи дека овој индекс покажува оти државата привлекува повеќе нов капитал отколку што би се очекувало за нејзината економска тежина – дека остварените резултати во делот на странските инвестиции се над нашата категорија.
„Тоа е порака до инвеститорите и граѓаните: тука вреди да се инвестира, да се гради, да се остане. Тоа е јасен сигнал дека енергетската транзиција и индустрискиот раст се во фаза на реализација – не само план или парола. И да бидеме јасни: ова признание не е случајно. Градиме предвидливост. Ние сме кредибилна членка на НАТО. Се поврзуваме со европските коридори. Испраќаме порака дека нашата држава е сигурен и достоинствен партнер“, додаде министерот Муцунски.
На прес-конференцијата тој истакна и дека граѓаните очекуваат чесна држава и јасни правила, подобро платени работни места и пониски трошоци. Во таа насока, нагласи дека целта не е постигната и дека Владата го забрзува чекорот:
„Денес не велиме ‘целта е постигната’. Денес го забрзуваме чекорот. Поедноставуваме постапки, кратиме рокови, ги поврзуваме домашните компании со странските инвеститори, вложуваме во вештини за младите. И, најважно – создаваме систем во кој никој не е над законот, затоа што довербата е нашата најсилна валута за раст“, заклучи министерот.
Директорот Димоски, пред медиумите, истакна дека денешниот успех претставува признание за стратегијата, пристапот и политиките што ги спроведува Владата во областа на привлекувањето странски директни инвестиции, каде клучни приоритети се економскиот раст, креирањето нови работни места и привлекувањето инвестиции со висока додадена вредност за македонската економија.
„После само една година посветена и напорна работа, сведоци сме дека, според последниот извештај кој веќе десет години го подготвува ‘fDi Intelligence’, специјален истражувачки оддел на ‘Фајненшл Тајмс’, Македонија е рангирана на шестото место во светот во привлекувањето на странски инвестиции во однос на бруто домашниот производ“, истакна Димоски.
Тој потенцираше дека крајната цел е структурна промена во начинот на привлекување инвестиции – со фокус на квалитет и додадена вредност, наспроти квантитет и обем на проекти – што е суштинската разлика која ја издвојува нашата земја од многу други економии во минатото, но и моментално во регионот.
Економија
Мицкоски: Македонија е шеста држава во привлекување странски инвестиции по БДП

Ќе бидам прецизен за да не бидам погрешно разбран, зборувавме дека сме четврта економија во Европа. За жал се уште постојат такви кои на брутален начин лешинарски се обидуваат да дефокусираат, многу јасно и прецизно рековме тогаш дека станува збор за четврти најголем раст на БДП во Европа. Така и ова ние сме шеста држава по бројот, обемот и волуменот на странски инвестиции во светот според БДП, значи да бидеме прецизни, да не оставиме на овој тип на луѓе да го дефокусираат и ова, вели премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот Мицкоски додаде дека според Светската туристичка организација на ОН, Македонија е шеста дестинација која што привлекла најголем број на туристи во светот, по процентот на раст, споредено истиот период минатата година.
„И исто така треба да кажеме дека Обединетите Нации секторот туризам објавуваше дека сме шеста дестинација која што привлекла најголем број на туристи во светот, по процентот на раст, споредено истиот период минатата година. Тоа се параметри кои се добри и значајни. Дали тоа ќе се почувствува кај стандардот кај граѓаните, јас сум убеден дека тоа се случува, можеби доаѓа споро, но во периодот кој што следи ќе биде уште по изразено. Имајќи предвид дека без да имаме интервенционизам, популизам и без да имаме начин на кој што порано се зголемуваше просечната плата, ние го имаме истиот раст од 11, 12 и 13 проценти, што значи дека стандардот полека но сигурно доаѓа на свое место“, истакна тој.
„Примарна наша цел беше да се консолидираме како држава, ценам дека сме во таа состојба на консолидирање и сега е времето да се почне со раст, односно да се почувствува сето она за кое што денеска зборуваме. Затоа велам ако ние имаме раст на платите од 11, 12, 13 проценти на месечно ниво, а инфлација условно кажано во просек од 4 проценти, тогаш нето имаме зголемување од 7 проценти. Каква беше состојбата пред година ипол, две: Тогаш имавме просечна инфлација од 15,18, 20 проценти, и раст на платите кое што беше под нивото на инфлација, што значи дека стандардот беше во негатива, односно во минус, за разлика од сега кој е во позитива“, посочи премиерот Мицкоски.