Економија
Ако пекарниците престанат со правење леб, Бектеши ќе го стави во погон Пазарниот инспекторат
Доколку пекарниците престанат со производство на леб, Владата смета дека има законски одредби со кои може да се санкционираат. Министерот за економија, Крешник Бектеши, посочи дека тогаш ќе постапат другите институции, како што е Пазарниот инспекторат, но и Комисијата за заштита на конкуренцијата.
„Ние како Министерство за економија и Влада имаме механизми да донесеме заклучоци за другите институции, кои треба да бидат независни. Така сме поставени, вклучувајќи го Државниот пазарен инспекторат, но и Комисијата за заштита на конкуренцијата. Во согласност со нашите податоци, во Скопје има голема разлика на цената само на овие два производа, а пазарот го покриваат не повеќе од 3-4 компании. Комисијата за заштита на конкуренција и Државниот пазарен инспекторат во согласност со Законот за трговијата и Законот за заштита на потрошувачите има одредби што треба да ги утврдат од надзорите што би ги направиле. Вие знаете кои се тие одредби“, рече Бектеши.
Пекарниците вчера се заканија дека ќе престанат да произведуваат леб и да го носат на пазарот ден по објавувањето на одлуката за замрзнување на цената на лебот во „Службен весник“ . Пекарско-мелничарската индустрија смета замрзнувањето на цената на 33 денари неминовно води кон затворање на компаниите оти сите веќе бележат загуби или се на нула.
На обвинувањата од министерот за економија, Крешник Бектеши, дека ја замрзнува цената за да не дозволи воени профитери, му одговори Горан Ѓорѓиевски, претседател на Агробизнис-комората при Сојузот на стопанските комори на Македонија и сопственик на пекарницата „Специјал“. Тој едностраното замрзнување на цената на леб, без консултација со производителите, го нарече советско-болшевичка метода.
На ваквата престрелка меѓу министерот и пекарниците претходеше укинување на субвенцијата за струја за пекарската индустрија оти малкумина ги намалиле цените на лебот по што следуваше и најавата за замрзнување на цената на лебот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Величковски очекува раст на конкуренцијата на пазарот на платежни услуги
Се очекува засилување на конкуренцијата на домашниот пазар на платежни услуги. Народната банка ги издаде првите дозволи за платежни институции, во согласност со новата законска рамка, преку кои граѓаните ќе може да извршуваат плаќања во земјата и прекугранично, истакна директорот на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Игор Величковски во гостување на „Блумберг Адрија“.
Тој посочи дека една од значајните придобивки на новата правна рамка во платежната сфера е отворањето на пазарот за влез на нови даватели на платежни услуги, односно покрај банките, платежни услуги може да даваат и штедилниците, а како нови учесници на пазарот може да се јават и платежните институции и институциите за електронски пари.
Како што соопшти од центраната банка, новите институции треба да добијат дозвола за давање платежни услуги и/или издавање електронски пари од Народната банка, за што треба да исполнат соодветни услови коишто се јасно пропишани со новата правна рамка. Во изминатиот период, поголем број субјекти се обратиле до Народната банка со цел да го почнат процесот за добивање дозвола за давање платежни услуги, при што пет трговски друштва коишто даваа одредени видови платежни услуги (брз трансфер на пари или издавање кредитни картички), во согласност со претходната правна рамка, поднесоа официјално барање со потребната документација во согласност со новата правна рамка и беа позитивно оценети. Покрај тоа, Народната банка му издала дозвола на постоечкиот оператор на платниот систем-КИБС, којшто овозможува порамнување трансакции со кредитни трансфери, при што е лиценциран првпат во согласност со новите законски барања коишто ги следат практиките во земјите од Европската Унија.
Во однос на интересот на новите небанкарски даватели на поширока лепеза платежни услуги, Величковски истакнува дека во моментов Народната банка е во активна комуникација со повеќе субјекти, од кои еден дел веќе даваат платежни услуги на пазарот во Европската Унија и во регионот.
„Очекуваме дека овие субјекти, доколку ги исполнат пропишаните услови, ќе донесат иновативни решенија за плаќања на македонскиот пазар во согласност со глобалниот тренд поврзан со финтек-услугите“, рече Величковски.
Покрај зајакнувањето на конкуренцијата преку навлегувањето на нови даватели на платежни услуги на домашниот пазар, коишто би обезбедиле поевтини, побрзи и поудобни плаќања за граѓаните и компаниите, НБ укажува дека новата правна рамка создаде основа за поедноставување и поевтинување и на прекуграничните плаќања.
„Ова би го постигнале со пристапувањето во СЕПА (Единствена област за плаќања во евра). Народната банка и релевантните државни институции со заеднички напори ја пополнија апликацијата за пристапување на нашата земја во СЕПА и на крајот на април годинава, Народната банка ја достави апликацијата до Европската комисија за добивање неформално мислење. Откако ќе го добиеме неформалното мислење и откако соодветно ќе постапиме според него, апликацијата ќе биде формално поднесена до Европскиот совет за плаќања за добивање формална оцена и одлучување за пристапот во СЕПА“, посочи Величковски.
Економија
Поскапува дизел горивото
Од вечерва по полноќ за 2 денари ќе се зголеми цената на дизел горивото и нафтата за домаќинствата, додека цените на бензинот и на мазутот не се менуваат.
Максималните цени на горивата ќе изнесуваат:
Моторен бензин Еуросупер БС – 95 80,00 (денари/литар)
Моторен бензин Еуросупер БС – 98 82,00 (денари/литар)
Дизел гориво Еуродизел БС (Д-Е V) 73,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 72,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 43,639 (денари/килограм)
Економија
Вицегувернерката Митреска на годишното собрание на ЦЕФ: Инвестирањето во човечките ресурси е клучно за градењето силни институции
Силните институции се предуслов за силни економии и правични општества. Највредниот ресурс на институциите е човечкиот капитал, оттаму инвестициите и стратегијата на постојан развој и унапредување на кадрите е суштинска за нивното јакнење. Забрзаниот развој на технологиите, климатските промени, геополитичката нестабилност и флуктуацијата на кадрите создаваат неизвесно окружување за јавните институции. Оттаму, тие треба да вложуваат во задржување на постоечките капацитети, како и развој на новите, со цел да се справат со комплексното окружување. Ова беше истакнато на Годишното собрание на Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите (ЦЕФ), на кое учествуваше вицегувернерката Ана Митреска.
Во рамките на Годишното собрание на ЦЕФ, гувернери, министри, државни секретари од земјите од Југоисточна Европа зборуваа за знаењата и вештините коишто им се потребни на институциите за да ги остварат своите мандати. Беше зборувано и за важноста на систематскиот и структуриран пристап за развојот на институционалните капацитети и резултатите од вложувањето во институционалните таленти, размената на регионалните добри практики и научените лекции.
Народната банка постојано инвестира во ангажирање, градење и задржување на висококвалитетните кадри, кои се неопходни за спроведувањето на нејзините цели и мандат. Централната банка меѓународно е препознаена како институција со високо ниво на кредибилитет, којашто постојано работи на зајакнување на своите капацитети. Во рамките на Стратегискиот план на Народната банка 2025 − 2027 година, значајно место му е дадено на унапредувањето на човечкиот потенцијал. Процесот на управување со човечките ресурси ќе се унапредува преку воведување нов процес за управување со талентираните кадри и постојан кариерен развој во Народната банка. Преку постојано учење и примена на дигитализацијата со воведување нови решенија, ќе се придонесе за унапредување на работните процеси и поддршка во работните задачи.