Економија
Ангелоски на бизнис-самит во Богота, Колумбија: Македонија е мала земја, но со големи можности

Претседателот на Сојузот на стопанските комори, Трајан Ангелоски, присуствува на меѓународниот бизнис-самит, кој во организација на најпрестижната и најголема деловна мрежа во светот, Интернационалната стопанска комора – ICC, се одржува во Богота, Колумбија, од 27 февруари до 2 март 2023 година.
На настанот учество земаат околу 2.000 високи претставници на бизнис-заедниците од триесетина земји од Африка, Азија и Средниот Исток, Европа и од Америка, кои преку дебатите и дискусиите во текот на панели, Б2Б-состаноци и други бизнис-настани разговараат за современите трендови за раст и развој на бизнисите и економијата, се вмрежуваа и ги разгледуваа можностите за унапредување на економската соработка.
Претседателот на Сојузот, Ангелоски, во своите обраќања и дискусии се осврна на поволната деловна клима во нашата земја, но и на заедничките можностите што ги нуди Западен Балкан како регион со свои карактеристики и предности.
„Ниските трошоци, одличната географска поставеност и погодните климатски услови ја прават Македонија, но и целиот Западен Балкан, исклучиво атрактивна за странски инвестиции. Нашиот пазар за инвеститорите од Африка, Азија и од Блискиот Исток може да биде влез на милионскиот пазарот на ЕУ. Како гранки со најголем потенцијал може да ги издвоиме индустријата, IKT, туризмот, земјоделството, винската индустрија. Македонија е мала земја, но нуди големи можности“, истакна Ангелоски на панелот на кој учествуваше заедно со претседателите на стопанските комори од Франција, Белгија, Германија, Италија, Романија и од Швајцарија.
Тој се осврна и на едноставните процедури за отворање компанија што постојат во нашата земја, како и на силната определба и напори што се преземаат за создавање подобро бизнис-окружување и за зголемување на можностите за бизнис.
На самитот, кој трае четири дена, се одржуваат и сесии за лидерство и идни трендови, кои ќе ги ремоделираат разните индустрии и ќе создаваат револуционерни компании и производи, акцент се става и на иновации и дигитализација, а се дискутира и за алатки што ќе им помогнат на малите и на средните претпријатија подобро да се позиционираат на меѓународниот пазар.
Меѓународни предавачи и претприемачи пред учесниците на самитот имаат презентации за тоа како може малите и средните претпријатија да ги искористат придобивките од дигитализацијата и ги постават иновациите во основата на својата деловната стратегија, како приватниот сектор може да придонесе за постигнување на глобалните цели на ООН и кои се придобивките од градењето култура за прифаќање промени и иновации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Владата ветува дека за околу 2,5 милиони евра ќе се зголеми буџетот за поддршка на мали бизниси

Министерството за економија и труд бара, а Владата ќе го зголеми буџетот за поддршка на бизнисите при самовработување. За околу 2,5 милиона евра ќе се зголеми буџетот за поддршка на мали бизниси, изјави во Прилеп Марјан Ристески, заменик-министер за екномија и труд.
За проектите за самовработување од пет, буџетот ќе се зголеми на 7,5 милиона евра. Ова зашто е огромен интересот на трите огласи на Агенцијата за вработување за најатрактивната мерка во обемниот оперативен план за вработување со кој се опфатени 40 проценти млади луѓе. На огласите има околу 6 000 пријави. Наместо 1.750, државата ќе поддржи 2.600 лица кои ќе почнат свој бизнис, најави Ристески. Министерството за економија и труд на наредната владина седница ќе побара уште пари.
-Според тоа, како Министерство, како предлог, заедно со АВРМ побаравме и очекуваме од Владата прелокација на финансиски средства на наредната владина седница. Очекуваме да се издвојат нови 300 милиони денари кои ќе бидат употребени за оваа најатрактивна мерка, мерката за самовработување. Со тоа бројката би се зголемила на 2 600 лица кои би отвориле сопствен бизнис, претежно млади луѓе до 29 години, но ќе ги опфати и сите активни баратели на работа и над 29 години. Да напоменам дека оваа мерка ќе биде поддржана и со плус 160 милиони денари кои се обезбедени со ребалансот на буџетот. Или, вкупно, овие мерки ќе бидат поддржани со зголемен буџет од над 7,5 милиона евра, изјави Ристески.
Што се однесува до потрошувачката кошничка и нејзиното пресметување, како точка ќе се најде на дневен ред на Економско-социјалниот совет (ЕСС). Од тоа ќе зависи какви мерки ќе преземе Владата. Ристески се надева дека ЕСС ќе биде свикан до крајот на наредната недела.
-Досега интензивно работеше комисијата за одредување на репрезентативност, формирана пред неколку месеци. Меѓуртоа, поради летните одмори, малку беше пролонгирано, но е завршено броењето од синдикатите кои треба да добијат реперзентативност во текот на овој период и се надевам дека до крајот на наредната недела, ќе биде официјално свикан Економско-социјалниот совет со дневен ред. Една од дискусиите ќе биде стапката на инфлација, заштита на животниот стандард и можноста дали и понатаму ќе се одредуваат нови мерки или не. Ние ја следиме ситуацијата и сето тоа ќе биде и сето што ќе биде донесено ќе биде во договор на сите страни кои учествуваат во Економско-социјалниот совет, односно со еден заеднички трипартитен договор, изјави Ристески.
Економија
Исплатени 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица за предадени јаболка

Денеска се исплатија 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица од подмерка 1.9 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, извести Министерството за земјоделство.
Од таму најавуваат дека продолжува поддршката кон производителите на јаболка.
Економија
УЈП со повик: Платете го веднаш достасаниот данок по ДЛД-ГДП и избегнете присилна наплата

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници, кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2024, да го исполнат својот даночен долг.
Во согласност со евиденцијата на УЈП, 3.155 даночни обврзници ја немаат намирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2024 година, што требаше да се исполни во законскиот рок до 30 јуни.
„Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на достасаните неплатени долгови по овој основ, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата“, информира УЈП.
Дополнителни информации се објавени на страницата на УЈП, во делот плаќање даноци на следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje.