Регион
„Мајко, спиј оти ќе задоцнам“ – последниот телефонски повик на исчезнатото 20-годишно момче во Лариса
Вознемиреноста на роднините и пријателите е огромна за лицата што се наоѓале во кобниот воз, кој во Лариса се судри со товарен воз. Меѓу нив е и 20-годишниот Анастасиос Куцопулос од Кардица.
„Немаме вести од него, чекаме да го слушнеме. Знаеме дека, дефинитивно, не беше во првиот вагон“, изјави неговата девојка Мариета Александрис за „АНТ 1“ и додаде:
„Бевме во сите болници и не го најдовме“.
Партнерката на Анастасиос рекла дека со него разговарала околу еден час пред несреќата, односно кога се качил во возот.
„Тој не ми кажа дека нешто го загрижува. Знаев дека има премногу луѓе и дека тој седи некаде помеѓу вториот и третиот вагон“, додала девојката, според која, родителите на нејзиниот партнер се веќе во Лариса.
20-годишникот се качил во возот во 21.20 часот во вторникот вечерта.
Неговиот последен телефонски повик бил со мајка му во 22.50 часот истата вечер, во кој тој наводно рекол „мамо, оди спиј затоа што ќе доцнам“. Според истите информации, 20-годишникот ѝ рекол на мајка си дека во возот има многу метеж.
Меѓутоа, мајка му не заспала по телефонскиот повик и во 12 часот почнала да се обидува да го пронајде на телефон, што, сепак, не било можно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Невреме и обилни врнежи во Србија: пет воспитувачки евакуирани од градинка, во Суботица избувнал пожар по удар на гром
Припадници на Секторот за вонредни состојби при две интервенции евакуирале 10 лица поради невреме и обилни врнежи во Србија.
Како што е наведено во соопштението на српската полиција, пет воспитувачки биле евакуирани од градинка.
Во соопштението се наведува дека 57 пожарникари-спасувачи со 26 возила и 12 пумпи биле ангажирани во 11 операции за испумпување на вода во Врање, Лесковац и Мионица и во гаснење пожари по удар на гром во Суботица и Врање.
Пожарникарите-спасувачи им помагаат на граѓаните и во отстранувањето на паднатите дрвја во Заечар, Књажевац, Ужице, Чачак и Лесковац, како и отстранување на делови од лимени покривни конструкции пишуваат српските медиуми.
„Во моментов службените лица се ангажирани во Лесковац за отстранување на паднато дрво зад Центарот за култура, како и во Лазаревац за отстранување на паднатите дрвја и за испумпување на вода од домаќинствата во Лазаревац и Крушевац“, се наведува во соопштението.
Регион
Борисов: Во моментов никој не може да формира влада
Лидерот на бугарската партија ГЕРБ и поранешен премиер на таа земја, Бојко Борисов денеска изјави дека ниту една партија во моментов не може да формира стабилна влада.
Тој за новинарите изјави дека актуелната ситуација го попречува напредокот на Бугарија кон влезот во еврозоната, цел за која верува дека може да се постигне доколку има стабилна влада предводена од ГЕРБ, пишува порталот Новините.
Тој ја критикуваше предизборната кампања на одредени партии, велејќи дека политичките партии повеќе се фокусирани на добивање изборна предност отколку на ефективно владеење.
Регион
Камионџија од Македонија усмрти Србин во Словачка: бил удрен кога излегол да помогне на колега
Србинот Ненад Николиќ (42) од Баново поле кај Сремска Митровица загинал во вторникот вечерта на автопатот кај Братислава, кога во него удрил камион.
„Во последните неколку години, тој работи како возач вози низ цела Европа. Уште како дете бил мил и добродушен, како и во текот на целиот живот. Го сакаше животот, беше весел и како сите големи и крупни луѓе, личност со карактер на слободоумна мечка која никогаш во животот не згазнал мравка. Сите ние што го познававме ќе паметиме многу незаборавни анегдоти со него. Нашиот добар Шон“, напишал еден од пријателите на Ненад и додал дека подоцна ќе ги извести сите свои пријатели и познаници кои сакаат да се простат од него за времето и местото на погребот.
Ненад настрадал кога застанал на автопатот во Братислава за да му помогне на колегата во неволја, кому му била потребна помош за менување гума. Кога ја завршиле работата, Ненад, како што раскажува пријател, излегол на автопатот и бил удрен од камион со македонски таблички, пишува Нова.рс.
„Нашиот брат, пријател и пред се колега загина на автопатот надвор од Братислава. Почина пред мои очи и пред очите на уште двајца колеги. Брат, почивај во мир Божји“, напишал неговиот пријател.