Македонија
Министерот Шакири по вчерашниот крах на платформата: Проблеми имаа оние што во петокот не ги потврдија лозинките
По вчерашниот крах на платформа за онлајн настава кога на некои места не можеа да се вклучат и наставници и ученици, министерот за образование, Јетон Шаќири, денес вели дека проблеми имало само во некои училишта. Оние што ги послушале препораките од петокот, го тестирале системот, ги провериле лозинките, немале проблем да се вклучат.
„Некои од училиштата што вчера првпат добија закани за бомби ги надминаа проблемите за половина час. Апликацијата реално се користи. Училиштата што во петокот постапија по препораките за потврда на лозинките и вклучување на системот немаа проблеми, се појавија кај оние што не постапија по препораките“, рече министерот Шаќири.
Во петокот Министерството за образование даде препорака, доколку има нови дојави за бомби, наставата за еден час да продолжи онлајн за учениците да немаат прекин во образовниот процес и советуваше училиштата да направат подготовки. Закани за бомби во скопски училишта има и денес.
За проблемите со целодневната настава во основните училишта, која вчера требаше да продолжи онлајн, можноста бомби да има и за матурските испити и за сите проблеми за кои вчера јавија наставниците, учениците, но и родителите, министерот вели дека работните тела и безбедносните органи прават дополнителни анализи за да се дадат нови препораки по кои треба да се постапува по заканите за бомби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Никаде го немало македонското знаме на прославата на Денот на албанското знаме, прекршочна постапка за Општина Струга
Полицијата поднесе барање за поведување прекршочна постапка против Општина Струга и уште едно физичко лице затоа што на денот на прославата на Денот на албанското знаме, на бината, ниту на дел од кејот на Црн Дрим, не било истакнато македонското знаме.
„ОВР Струга поднесе барање за поведување прекршочна постапка против правното лице-општина Струга и против одговорното лице М.Ќ.(65) од струшкото село Биџево, поради сторено дело спротивно на член 6, а казнивo по член 11 од Закон за употреба на знамиња на заедниците во Р.С.Македонија“, соопшти МВР.
Пријавените, како организатори на настан по повод Денот на aлбанското знаме, што на 28.11.2025 се одржувал на улицата „Маршал Тито“ во Струга, покрај знамето на заедниците, ниту на бината, ниту на дел од кејот на реката Црн Дрим, не го истакнале и не го поставиле државното знаме на Р.С. Македонија, што според закон биле обврзани да го направат.
Македонија
Предлог Законот за Судски совет доставен на мислење на Европската комисија
Од Министерството за правда соопштија дека по добиеното мислење, Предлог Законот за Судски совет ќе се поднесе во собраниска процедура.
Станува збор, како што велат од таму, за конструктивен и содржаен документ кој доби позитивно мислење и од Венецијанската комисија.
„Клучни новини кои се предвидени со Законот: Јавност во постапкатата за разрешување на претседател/заменик на Советот, постапката мора секогаш да биде транспарентна.
Прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“.
Воведување јавна расправа за кандидатите за не-судски членови со цел поголема транспарентност и одговорност.
Зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членови на Советот од редот на судиите.
Унапредување на целокупната правна рамка согласно препораките на ЕУ“.
За првпат, додаваат од министерството, ќе има објективно оценување на нивната работа, транспарентност во носењето одлуки и механизми за одговорност и на самите членови на Советот.
„Ова е клучна точка што ја нотираше и Оценската мисија на ЕУ – и сега РМ директно одговара на таа препорака“.
Македонија
(Видео) Дали 1,3 милиони евра од набавката на житото во 2022 година, завршиле во џебовите на Заев, Филипче и Љупчо Николовски, прашува Манасиевски
Дали 1,3 милиони евра од набавката на житото во 2022 година, завршиле во џебовите на Зоран Заев, Венко Филипче и Љупчо Николовски, прашува Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ .
„Минатата власт на триото Заев, Филипче и Николовски, платила 8,6 милиони евра за набавка на 20.000 тони жито, односно 26,6 денари по килограм. Во тоа време берзанската цена за еден килограм жито била 20,5 денари, додатно плус транспорт од 2 денари, доаѓаме до една цена од 22,5 денари по килограм.
Разликата во цената којашто овие тројца ја наплатиле е цели 4 денари, или во вкупна сума на набавката, 1,3 милиони евра. Прашањето е зошто е платено олку поскапа сума кога можело да се набави за многу поевтино? Дали овие пари можеби завршиле во нечии џебови од врхушката на тогашната власт на Зоран Заев, Венко Филипче и Љупчо Николовски“.
Дополнително, вели тој, Љупчо Николовски мора да објасни зошто бил направен отпис од 2.000 тони жито од стоковите резерви, и зошто во толку брз период е набавено 20.000 тони жито, ако ситуацијата тогаш истиве луѓе велеа дека е под целосна контрола.
Дали, како што додава, отписот бил намерно направен за да се отвори простор за нова набавка и потенцијално нов криминал?
„Граѓаните заслужуваат да знаат каде завршиле нивните средства и дали некој се богател додека државата плаќала поскапо за основна животна намирница како што е пченицата“.

