Свет
(Видео) Украина нареди извидничката единица со беспилотни летала да го напушти Бахмут

Извидувачката единица на украинската армија опремена со беспилотни летала доби наредба да го напушти Бахмут, град што руските сили очајно се обидуваа да го освојат со месеци.
Ова го потврди командантот на единицата Роберт Бровди во видео објавено утрово на „Телеграм“.
„Во средината на ноќта беше наредено веднаш да се напушти Бахмут и да се продолжи со борбените операции на друго место“, рече тој.
Руските сили последниве денови напредуваа во правец на Бахмут по повеќемесечно гранатирање и борби во околината на градот.
„Ќе ја послушаме наредбата“, рече Бровди додавајќи дека не знае зошто се преместува неговата единица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Ни шести пат не успеа обидот за избор на претседател на косовското собрание

Собранието на Косово и со шестиот обид денеска не го избра Аљбуљен Хаџиу за претседател на собранието.
При гласањето Хаџиу доби поддршка од 54 пратеници, 44 беа против, а три лица беа воздржани.
За него гласаа пратениците на Самоопределување, како и пратениците на малцинските заедници, освен Адем Хоџа, кој гласаше против.
На седницата не учествуваше пратеничката Дуда Баље, која досега гласаше против.
Против гласаа членовите на Демократската партија на Косово, Демократскиот сојуз на Косово и Алијансата за иднината на Косово.
Претставниците на досегашната опозиција, по седницата, изјавија дека сè ова личи на театар и ја обвинија победничката партија дека намерно го спречува конституирањето на парламентот бидејќи нема гласови за формирање на новата влада на Косово.
Од друга страна, Самоопределување ги обвини пратениците на поранешната опозициска партија дека го блокираат нивниот предлог.
Продолжението на конститутивната седница на косовскиот парламент е закажано за 1 мај.
Свет
Русија: Подготвени сме да го почнеме мировниот процес, без никакви услови, Украина не одговара

Кремљ соопшти дека Украина не одговорила на понудите на рускиот претседател Владимир Путин да почне директни мировни преговори и дека не е јасно дали ќе го почитува тридневниот прекин на огнот во мај.
„Претседателот Путин беше тој што во неколку наврати рече дека Русија е подготвена, без никакви услови, да го почне мировниот процес“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Досега не добивме одговор од режимот во Киев“, додаде.
Во понеделникот Путин прогласи тридневен прекин на огнот во Украина од 8 мај кога Русија планира голема прослава на 80-годишнината од победата над нацистичка Германија во Втората светска војна.
Украина, од друга страна, се сомнева зошто Москва не сака да се согласи на нејзиниот повик за итен прекин на огнот од најмалку 30 дена.
„Ние ги цениме човечките животи, а не парадите“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Песков рече дека е многу тешко да се знае дали Украина има намера да го почитува прекинот на огнот.
Свет
Трамп: Јас ја водам Америка, но и светот

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговите претседателски мандати значително се разликуваат истакнувајќи дека овој пат тој ја води земјата, но и светот.
„Првиот пат имав две задачи, да ја водам земјата и да преживеам; морав да се справам со разни измамници“, рече Трамп во интервјуто објавено вчера. „И вторпат ја водам земјата, но и светот“, додаде тој.
По враќањето на функцијата во јануари, Трамп издаде серија опсежни извршни наредби во разни области, при што неговите мерки за имиграција и трговија привлекоа најголемо внимание и жестоки правни предизвици и критики од светските лидери.
Во делот на трговијата Трамп предизвика глобални реакции со најавата за воведување царини за повеќето земји, вклучувајќи ги и најголемите американски трговски партнери, иако одложи некои конкретни мерки до јули. Ваквите потези донесоа неизвесност на светските пазари и ја зголемија економската загриженост.
Односите со долгогодишните американски сојузници дополнително се влошија со реториката на Трамп за можна анексија на Гренланд и на канадски територии.
Во исто време, тој посвети голем дел од првите месеци од својот нов мандат на обидите да посредува за договор за прекин на огнот меѓу Русија и Украина.
Говорејќи за Атлантикот, Трамп се осврна и на прашањето за потенцијално трето кандидирање за Белата куќа, идеја за која зборуваше и претходно, но за која републиканските пратеници во голема мера ја гледаат како шега.
„Тоа не е нешто што планирам да го направам. И мислам дека би било многу тешко да се направи“, рече Трамп во интервјуто.
Трамп денеска отпатува за Мичиген, каде што ќе одржи митинг по повод првите 100 дена на власт.
„Претседателот Трамп со нетрпение очекува да се врати во големата држава Мичиген следниот вторник, каде што ќе одржи митинг во округот Макомб за да ги прослави своите први 100 дена!“, напиша на платформата X минатата недела портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.