Култура
Шпаркасе банка организира спектакуларен концерт во Филхармонијата

На 1.3.2023 година, во преполна сала на Македонската филхармонија се одржа музички спектакл со Влатко Стефановски Трио, диригент Џијан Емин и филхармонискиот оркестар, во покровителство на Шпаркасе Банка АД Скопје.
На настанот во присуство на голем број соработници, клиенти и претставници од медиумите свое кратко обраќање имаше г. Санел Кустурица, претседател на Управниот одбор, кој констатираше дека Шпаркасе Банка заокружи уште една успешна деловна година и ја искористи можноста да им се заблагодари на сите институции, медиуми, како и клиенти и вработени на Банката, за целосната поддршка во изминатиот период.
Истовремено, тој истакна дека годинава Шпаркасе Банка одбележува 15 години успешно работење на македонскиот пазар, како и дека останува силно посветена на визијата да се позиционира како општествено одговорна компанија, која има за цел обезбедување поквалитетен живот за сите во нашето општество, па во наредниот период голем труд и енергија ќе вложи во реализација на целите од стратегијата за одржливост.
Настанот продолжи во пријатна атмосфера, а ѕвездите на сцената приредија врвно музичко доживување, кое долго ќе се памети и прераскажува.
Соработката со музичката легенда Влатко Стефановски и Шпаркасе Банка трае втора година по ред. Тој, како синоним за талент, квалитет и професионалност, е бренд-амбасадор на Банката, личност што верува во себе и во својот сон и успешно ја пренесува пораката кон младите луѓе да веруваат во себе и во својот потенцијал. Оваа соработка, освен што е дел од кампањата „Верувај во себе“, претставува придонес кон целокупната македонска култура и уметност.
Шпаркасе Банка продолжува да ги поддржува сите успешни луѓе што сакаат и имаат сила да ги менуваат нештата кон подобро, препознава потенцијал и мотивира, и на тој начин придонесува кон градење подобра заедница.
Задоволството на клиентите, на вработените и на соработниците е водечка цел на Шпаркасе Банка, како и вложувањето во заедницата, културата и иновативните идеи што го движат светот напред, кон подобра иднина.
ПР Текст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Музичка драма што остава без здив – „Риголето“ од Џузепе Верди на сцената на Националната опера и балет

На 10 октомври со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе една од најубавите музички драми во оперската литература „Риголето“ од Џузепе Верди. Диригент е Џанлука Мартиненги од Италија, режисер е Пјер Франческо Маестрини (Италија), сценографијата е на Гилермо Нова од Шпанија, костимографијата на Кристина Ачети (Италија), а кореограф е Саша Евтимова, концерт-мајстор е Климент Тодороски, хор-мајстор: Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Насловната улога (Риголето) ќе ја толкува гостинот од Јужна Кореја, Леон Ким, во улогата на Џилда ќе настапи, Биљана Јосифов, во улогата на Војводата од Мантова, Чуан Ванг од Кина, во улогата на Спарафучил, Владимир Саздовски, во останатите улоги настапуваат: Николина Јаневска, Борко Биџовски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Александра Лазаровска Василевски, Диме Петров, Марика Поповиќ, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
„Риголето“ е драма на човечкиот живот која јасно, силно и емотивно ги прикажува скриените негативни карактеристики кај луѓето кои ги потиснуваат љубовта, слободата, радоста…Трагична приказна за љубомора, одмазда и жртва. Напишана според драмата на Виктор Иго „Кралот се забавува“, „Риголето“ како опера е раскажана со возбудлив музички јазик и нејзиниот успех наназад низ историјата не се должи само на либретото, на трагичната судбина на насловниот лик, туку уште повеќе на прекрасните арии меѓу кои и „La Donna è mobile”, и на воопшто, убавата мелодиска структура.
Култура
„Кругови“ – Концерт на пијанистката Дуња Иванова

На 8 октомври (среда) во Културно-информативниот центар со почеток во 20 часот, пијанистката Дуња Иванова ќе одржи концерт со наслов „Кругови“. Централен дел од програмата на концертот се четирите пиеси со истоимен наслов, чиј автор е пијанистот и композиторот Дино Имери. Иванова премиерно ќе ги изведе неговите: „Ни ваму ни таму“, „Валцерот на Миро“, „Мајка“ и „Дрво“.
На програмата ќе бидат изведени и дела од македонскиот композитор и аранжер Давор Јордановски („Violet et noir“ и „Alma“), како и дела од современата полска композиторка Ханија Рани („Buka“, „Eden“ и „Silent Night“).
Дуња Иванова е пијанистка со богата концертна дејност, доктор по филозофија со специјализација во естетика на музиката. Зад себе има бројни настапи како солист и со камерни состави на реномирани сцени во Македонија, Европа и Америка каде што публиката ја препознава по чувствителниот музички израз и длабокото разбирање на делата што ги изведува. Соединувајќи ја уметничката и теоретската мисла, таа ја гради својата кариера како интерпретатор, истражувач на музичката убавина, наставник и автор.
Концертот „Кругови“ обединува музика на тројца исклучителни автори кои со својот уникатен музички израз чинат неверојатна приказна.
Ханиа Рани е полска пијанистка и композиторка чија музика ги спојува минимализмот, џезот и современата класика во интимен и искрен израз.
Дино Имери е еден од најистакнатите македонски пијанисти и композитори чија кариера ги опфаќа настапите со најреномираните оркестри и фестивали во Европа и пошироко. Добитник е на повеќе престижни награди и признанија, а неговите интерпретации се одликуваат со извонредна техника, суптилна музичка мисла и силна комуникација со публиката. Покрај класичниот репертоар, Имери е активен и како композитор со дела што се изведуваат на меѓународната сцена.
Неговото дело „Кругови“ е инспирирано од истоимениот роман на македонската современа авторка Тина Иванова – четиво кое низ интимен и искрен раскажувачки тон ги отвора прашањата за повторувањата и пресвртот во животот, за круговите што нè враќаат кон себеси, но и нè водат кон нови патеки на разбирање.
Давор Јордановски, македонско-канадски композитор и пијанист, е познат по својот креативен пристап кој спојува класични и современи музички јазици, создавајќи дела со моќна емоционална длабочина и универзална привлечност. Композициите „Violet et noir“ и „Alma“ претставуваат најава за наредниот целовечерен концерт на Дуња Иванова на кој ќе биде изведен циклусот „10 пурпурни ноктурна за пијано“ на Јордановски.
Влезот е слободен.
Култура
По Гевгелија, Македонска филхармонија ќе гостува во Битола

По концертот во Гевгелија, оркестарот на Македонската филхармонија со „Бајка“ утревечер (вторник) со почеток во 20 часот ќе гостува И во Центарот за култура во Битола. Како солистка на овој концерт ќе настапи виолинистката Анна Кондратенко, концертмајстор во Филхармонијата.
На концертот во Гевгелија, Кондратенко воедно ќе го води оркестарот во изведбата на композициите „Come in!” („Чукни и влези”) од Владимир Мартинов и „Писма до пријателите” од Гија Канчели.
Кондратенко родена е во Новосибирск, Русија, каде што почнува да свири виолина на четиригодишна возраст. Своето музичко образование го започнува во Специјалната музичка школа во класите на О. Марченко и А. Гвоздев, а продолжува во класата на проф. В. Третјаков на Високата музичка школа во Келн, каде што дипломира во 2004 година.
Како солист и концерт-мајстор настапува со Младинскиот симфониски оркестар (Новосибирск), Симфонискиот оркестар на Филхармонија (Новосибирск), Интернационалниот симфониски оркестар (Мичиген, САД), Klassische Philharmonie Bonn (Германија), Philarmonie der Nationen и други во Русија, Украина, Унгарија, Германија, Шпанија, Франција, Бразил, Америка, Малезија, Кина, Либан и Јапонија. Исто така, учествува на различни мастер-курсеви (кај Z. Bron, D. Zigmondi) и фестивали, меѓу кои: Mozarteum (Австрија), Holzhausen Musiktagen (Германија) и др. Таа е победник на многубројни серуски и меѓународни натпревари, меѓу кои и Ерденко и Мравински во Русија и Ј. Ниман во Германија.
Пред две години, Кондратенко го основа квартетот „Филхармонија” составен од членови на оркестарот на Македонската филхармонија, со кој остварува настапи на домашни и на меѓународни фестивали. Моментно работи како концерт-мајстор и солист во оркестарот на Македонската филхармонија и како концертмајстор и солист на оркестар на „F.A.M.E.S Project” во Скопје.